Вести
Азербејџан бара од Хашкиот суд да го отфрли обвинението од Ерменија за етничко чистење

Азербејџан побара од највисокиот суд на Обединетите Нации(ОН) да го отфрли обвинението против него поднесено од Ерменија за етничко чистење и кршење на декларациите за антидискриминација на светската организација.
Двете земји имаа несогласувања со децении, главно за сепаратистичкиот регион Нагорно-Карабах кој е дел од Азербејџан.
Силите на Баку повторно го зазедоа овој планински регион во септември, по години под контрола од страна на етничките Ерменци, поради што повеќето од нив побегнаа во Ерменија.
Ерменија ја поднесе својата прва жалба за дискриминација до Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг - исто така познат како Светски суд - две години по акцијата на азербејџанските сили во 2021 година, обвинувајќи го официјален Баку за кршење на Конвенцијата за елиминација на сите форми на расна дискриминација.
Ерменија го обвини Азербејџан дека го велича антиерменскиот расизам, дозволува антиерменски говор на омраза и уништува ерменски културни објекти - што Баку го негира.
Заменик-министерот за надворешни работи на Азербејџан, Елнур Мамадов, на 15 април изјави пред судот дека повеќето жалби на Ерменија се однесуваат на вооружениот конфликт околу Нагорно-Карабах и не спаѓаат во опсегот на договорот за антидискриминација.
Тој, исто така, ја обвини Ерменија дека не се вклучила искрено во преговори пред да го изнесе случајот на суд.
Во вторник, на 16 април, Ерменија ќе одговори на забелешките на Азербејџан.
Во ноември 2023 година, судот донесе итни мерки со кои на Азербејџан му наложи да дозволи враќање на етничките Ерменци кои избегаа од Нагорно - Карабах во септември.
Ерменија го обвинува Азербејџан за етничко чистење. Азербејџан вели дека е посветен на обезбедување безбедност на сите жители, без разлика на националното или етничкото потекло, и не ги принудува етничките Ерменци да го напуштат Карабах.
Тековните расправи се однесуваат само на правни оспорувања на јурисдикцијата на Меѓународниот суд на правдата и нема да навлегуваат во основаноста на тврдењата за дискриминација. Правосилната пресуда и во двата случаи може да потрае со години, а овој суд нема алатки за да ги спроведе своите пресуди.
Поранешните советски републики водеа две војни за контрола на планинскиот регион - последната во 2020 година и пред тоа во раните 1990-ти години, среде распадот на Советскиот Сојуз - што однесе илјадници животи од двете страни и предизвика егзодус од стотици илјади луѓе.
Селата од двете страни се уништени, а планинскиот регион е полн со нагазни мини по конфликтот.
Конфликтот, исто така, ги заостри односите меѓу Русија и поранешната советска Ерменија.
Ерменија официјално се приклучи на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во февруари, и покрај предупредувањето на Москва.
види ги сите денешни вести
Пожар над Батинци, Ангелов: Имаме целосна контрола, постојат сомнежи за подметнување

Попладнево избувна силен пожар над селото Батинци, општина Студеничани, кој предизвика паника кај локалното население поради сомнежи дека повторно гори депонијата „Дрисла“.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, од терен изјави дека пожарот е ставен под целосна контрола.
„Имаме целосна контрола врз пожарот над селото Батинци. Се работи за силен пожар за кој има индиции дека е намерно подметнат, бидејќи одеднаш се разви поголема линија во долот,“ рече Ангелов.
Пожарот избувнал околу 13 часот, а поради силниот ветер брзо се проширил. Скопската противпожарна бригада интервенирала со неколку возила, а во акцијата биле вклучени и два пинцгауери на ДЗС, управувани од полицајци од ЕБР.
„Бидејќи пожарот се движеше кон Батинци и постоеше опасност да биде зафатено и самото село, по барање на директорот на ЦУК, Муахмед Али, испративме и еден хеликоптер на МВР, како и два ер трактори на Дирекцијата. Тие помогнаа брзо да воспоставиме контрола. Сè уште има горење во долот, но продолжуваат со дејство ер тракторите и хеликоптерот. Верувам дека набргу ќе биде ставен под апсолутна контрола, а потоа и целосно изгаснат,“ изјави Ангелов.
Тој додаде дека истрагата треба да утврди кој стои зад, како што рече, „намерното подметнување на пожарот“.
Филипче бара оставки поради труењето во Трубарево, ВМРО-ДПМНЕ со контраобвинувања

По пожарот во фабриката за електричен и електронски отпад на компанијата „Ф Групација“ во скопското село Трубарево, во воздухот биле измерени високи количини на тешки метали и ПМ 10 честички, покажаа податоците на Министерството за животна средина.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека „се потврдило труењето во Трубарево“ и ја обвини Владата за, како што рече, лаги и задоцнета реакција.
Тој побара оставки од министрите за внатрешни работи и здравство, како и од директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, а од обвинителството – итна истрага.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ лажеше дека воздухот во Трубарево не е загаден и не презеде итни мерки за заштита на граѓаните. Властите се директно одговорни за труењето на луѓето“, изјави Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ возврати со критики, обвинувајќи го Филипче за „лажна загриженост“.
„Наместо да глуми грижа, Филипче треба да им се извини на граѓаните за хаосот во здравствениот систем во негово време, за жртвите во корона кризата, недостатокот на медицинска опрема и пожарот во модуларната болница“, соопштија од партијата.
Мерењата направени на 13 и 14 септември регистрирале значително надминување на дозволените граници:
ПМ 10 честички изнесувале 92,65 микрограми на кубен метар (границата е 50), олово било 0,75 (граница 0,5), кадиум 59,1 нанограми (граница 5) и арсен 8,9 (граница 6). Единствено никелот бил во рамките на дозволеното. Според поновите мерења од 18 и 19 септември, состојбата на воздухот е стабилизирана.
Хитроу, Брисел и Берлин погодени од кибернапад врз системите за пријавување

Кибернапад врз системите за пријавување и качување го наруши работењето на неколку големи европски аеродроми, вклучувајќи ги Хитроу, Брисел и Берлин, предизвикувајќи одложувања и откажувања на летови.
Колинс Аероспејс, која обезбедува системи за пријавување и качување за неколку авиокомпании на повеќе аеродроми низ целиот свет, се соочува со технички проблем што може да предизвика одложувања за патниците што заминуваат, соопшти во саботата на 20 септември лондонскиот аеродром Хитроу, предупредувајќи на одложувања на летови.
Нападот ги оневозможи автоматизираните системи, оставајќи само можно рачно пријавување и качување, соопшти аеродромот во Брисел на својата веб-страница.
„Ова има големо влијание врз распоредот на летовите и за жал ќе предизвика одложувања и откажувања. Давателот на услуги активно работи на решавање на проблемот и се обидува да го реши што е можно побрзо.“
На патниците со летови закажани за сабота на засегнатите аеродроми им се советува да го потврдат своето патување со своите авиокомпании пред да се упатат кон аеродромот.
„Поради технички проблем со давателот на систем кој работи низ цела Европа, има долго чекање при пријавувањето. Работиме на брзо решение“, се вели во пораката на веб-страницата на аеродромот во Берлин.
Воена парада во Белград, истовремено мирен собир за поддршка на армијата

Во српскиот главен град Белград денеска (20 септември) се одржува воена парада под слоганот „Моќта на единството“. Во исто време, група граѓани, на повик на студентите кои учествуваат во блокадите, дојдоа на мирен собир „во поддршка на армијата“.
Најавено е дека повеќе од 10.000 учесници ќе маршираат на парадата, заедно со над 2.500 парчиња оружје и воена опрема.
Настанот се одржува во време на масовни антивладини протести во Србија, кои беа предизвикани пред десет месеци кога загибаат 16 лица во несреќа на железничката станица во Нови Сад.
ДНајвисоките функционери на српското државно раководство, на гостите од странство и граѓаните им презентираа повеќе од 600 воени возила, 70 авиони и 20 водни пловила.
За време на воздушната претстава, заедно со српските „МиГ“, летаа и француските „Рафали“
Меѓу презентираните единици беше и одредот на воената полиција „Кобра“, кој демонстрираше како ги брани заштитени лица.
Членови на оваа единица беа пронајдени во август во просториите на владејачката Српска напредна партија во Нови Сад, во ноќта кога демонстрантите ги демолираа просториите на СНС во тој град.
Меѓу странските гости што присуствуваа на парадата беа претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед, член на кралското семејство на Бахреин, Насер бин Хамад, поранешниот претседател на босанскиот ентитет Република Српска Милорад Додик и холивудскиот актер Стивен Сигал.
На 20 септември, српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека тоа е „гордост на Србија“.
„Ова е и опстанок и победа на Србија, која сака мир и просперитет и знае како да го зачува своето достоинство, територија и иднина“, напиша Вучиќ на Инстаграм, веднаш по завршувањето на парадата.
Недалеку од местото на настанот, група граѓани се собраа на покана на студентите кои учествуваат во блокадите да „ѝ дадат поддршка на армијата“ и да изразат незадоволство од нејзината „политизација“.
Во поканата објавена на Инстаграм страницата „Студенти во блокадата“ се наведува дека „сегашната влада активно го нарушува интегритетот, угледот, независноста и аполитичната природа на нашата армија во изминатите 13 години“.
За време на митингот, полицијата и кордоните на жандармеријата не им дозволија на граѓаните и студентите да влезат во просторот каде што се одржуваше парадата.
Митингот помина мирно, со повремени мали судири со полицијата, а граѓаните се разотидоа по официјалното завршување на настанот.
Граѓаните постојано им кажуваа на полицијците дека не сакаат конфликт, дека „не ги делат граѓаните“ и дека сакаат да ја поздрават армијата, со оценки дека парадата не е парада на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Воената парада се одржа во време на масовни антивладини протести во Србија, кои беа предизвикани од смртта на 16 лица во несреќа во Нови Сад пред десет месеци.
Поради оваа причина, дел од опозициската јавност ја критикуваше организацијата на таков настан, оценувајќи дека владата има намера да „демонстрира сила“ во време на голема поларизација во општеството.
Од друга страна, владини претставници изјавија дека причината за парадата е национален празник - Денот на српското единство, слобода и национално знаме.
Како дел од подготовките за парадата, тенкови и војници со денови беа на улиците на Нов Белград, а дел од таа белградска општина е затворен за сообраќај од 9 септември.
Тројца загинати и десетици повредени во руски напад врз Украина

Русија изврши голем напад со беспилотни летала и ракети врз Украина преку ноќ, при што загинаа најмалку три лица, а десетици други беа повредени, изјави претседателот Володимир Зеленски во саботата.
Во изјава на Телеграм, Зеленски рече дека Русија лансирала околу 580 беспилотни летала и 40 ракети.
Дроновите и ракетите биле насочени кон украинската инфраструктура, компаниите за цивилно производство и станбените области во различни региони низ целата земја.
Активност на беспилотни летала беше пријавена и во Русија на руските и украинските канали на Телеграм.
Тие наводно биле насочени кон регионите Саратов, Ростов и Волгоград, како и Крим окупиран од Русија.
Трамп најави средба со кинескиот претседател Си Џинпинг

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг оваа есен на самитот за Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Јужна Кореја.
Трамп го објави ова преку својот профил на социјалните мрежи Трут, откако претходно имал телефонскиот разговор со Си. Тој рече дека ќе патува во Кина на почетокот на следната година и оти очекува Си Џинпинг да ги посети Соединетите Држави во соодветно време.
„Тукушто завршив многу продуктивен разговор со кинескиот претседател Си. Постигнавме напредок по многу важни прашања, вклучувајќи ја трговијата, фентанилот, потребата од прекин на војната меѓу Русија и Украина и договорот со Тик-ток“, напиша Трамп.
„Исто така, се согласив со претседателот Си дека треба да се сретнеме на самитот на АПЕК во Јужна Кореја и дека ќе ја посетам Кина во првата половина од следната година. Претседателот Си, исто така, ќе дојде во Соединетите Држави кога ќе биде соодветно“, додаде Трамп.
Трговските активности помеѓу САД и Кина моментално се замрзнати. Тоа започна во април кога двете земји се заканија дека ќе воведат царини од повеќе од 100 проценти за увоз на стоки.
Во август, Трамп потпиша извршна наредба со која го продолжи замрзнување до 10 ноември. Пекинг го следеше американскиот пример.
Трамп и Си се сретнаа неколку пати за време на првиот мандат на американскиот претседател. Тие се сретнаа во Осака, Јапонија, во 2019 година, а претходно во 2017 година Си го посети имотот на Трамп, Мар-а-Лаго.
Во телефонскиот разговор, според кинеската државна новинска агенција Синхуа, Си рекол дека САД треба да избегнуваат еднострани трговски ограничувања, за да не го загрозат досегашниот исход од консултациите меѓу двете страни.
Си ги опиша разговорите како „позитивни и конструктивни“.
Оваа недела претставниците од САД и Кина одржаа нова рунда разговори во Мадрид, Шпанија, којашто беше четврта откако трговските спорови ескалираа оваа пролет.
Потпретседателот на Република Српска ги презема овластувањата од Додик

Потпретседателот на Република Српска, Давор Прањиќ, го потпиша указот за изменување на Законот за полиција и внатрешни работи, кој на 19 септември беше објавен во Службениот весник на овој ентитет во Босна и Херцеговина.
Во пракса, ова значи дека Прањиќ ги презема претседателските должности од Милорад Додик, кому на 18 август му беше одземен мандатот како претседател на ентитетот. Одземањето на мандатот следуваше по конечната пресуда за непочитување на одлуките на високиот претставник од страна на Додик.
Сепак, не е познато кога Додик официјално ги пренел своите овластувања на Прањиќ.
Досега, Додик и раководството ја отфрлаа пресудата на судот на БиХ и одлуките на Централната изборна комисија со кои му беше одземен мандатот и останаа на ставот дека тој е сè уште претседател на Република Српска.
Додик продолжи да носи одлуки како претседател на ентитетот дури и по одземањето на неговиот мандат, а на 23 август го назначи Саво Миниќ за нов мандатар за формирање на влада на Република Српска, иако ова е во спротивност со Уставот на ентитетот.
Република Српска има двајца потпретседатели, но тие не можат да ги преземат претседателските должности во случај ентитетот да нема претседател, како што е случај сега.
Тие можат да ги преземат само привремено, и само ако претседателот им дозволи.
Последниот пат кога имаше сличен ваков случај беше кон крајот на 2024 година, кога Додик ги префрли своите должности на Прањиќ поради операција.
Република Српска моментално нема претседател, а се очекува да добие нов на 23 ноември, кога се закажани предвремени избори за оваа позиција.
По пожарот во Трубарево во воздухот имало големо количество на тешки метали

По пожарот во простории на фабриката за електричен и електронски отпад, Ф Групација, во скопското село Трубарево, во воздухот биле измерени големи количини на ПМ 10 честички и тешки метали, покажаа резултатите што попладнето на 19 септември ги објави Министерството за животна средина и просторно планирање.
Станува збор за мерења што биле направени денот на пожарот – 13 септември и следниот ден – 14 септември.
„По пожарот е регистрирано значително надминување на дозволените граници за ПМ 10, олово, кадмиум и арсен. Беа измерени високи концентрации на честички и тешки метали, но тековните мерења покажуваат дека состојбата на воздухот е стабилизирана и во рамките на дозволените граници“, соопштија од Министерството.
Конкретно мерењата на 13 и 14 септември покажале дека ПМ 10 честички ги има во количина од 92,65 микрограми на кубен метар (дозволената граница е 50), олово имало 0,75 (границата е 0,5), додека кадиумот бил 59,1 нанограми на кубен метар (границата е 5), а арсенот 8,9 (границата е 6).
Никелот бил 6,4 нанограми на кубен метар што е во дозволените граници – под 20.
Претходно во текот на денот, од Министерството објави резултати од мерења направи вчера и денеска (18 и 19 септември) за ПМ 10 честички, според кои, тие сега се во рамки на дозволеното.
Естонија објави дека руски авиони влегле во нејзиниот воздушен простор

Естонија соопшти дека три руски борбени авиони МИГ-31 влегле во нејзиниот воздушен простор на 19 септември, неколку часа откако Европската комисија го презентираше 19-тиот пакет санкции против Москва поради нејзината целосна инвазија на Украина.
Министерството за надворешни работи во Талин соопшти дека авионите останале во естонскиот воздушен простор 12 минути.
„Русија веќе го наруши воздушниот простор на Естонија четири пати оваа година, што само по себе е неприфатливо. Но, денешниот упад, во кој учествуваа три борбени авиони кои влегоа во нашиот воздушен простор, е невидено дрзок“, рече министерот за надворешни работи Маргус Цахна.
Естонија е членка на НАТО и на Европската Унија. НАТО соопшти дека нејзините авиони направиле пресретнување на руските.
Инцидентот следува по неодамнешните упади на руски беспилотни летала во Полска и Романија, кои се исто така членки на двете организации.
Истрага за пустошење шуми кај Берово, 15 осомничени

Вкупно 15 лица, меѓу кои и полициски началник и директор на подружницата „Малешево“ во „Национални шуми“, се осомничени во истрага за пустошење шуми кај селото Двориште на територијата на Берово.
Меѓу осомничените се и други вработени во Министерството за внатрешни работи, „Национални шуми“, како и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според информациите од обвинителството и од МВР, опустошени се шест илјади хектари шумска површина, односно исечени се 1,5 милиони кубни метри дрва чија вредност е над сто милиони евра.
За основачи на групата која се занимавала со овој бизнис се наведени три лица, од кои едниот е полицаец. Според обвинителството, групата извршила нелегална сеча на дрва кои потоа биле транспортирани и продавани како легални.
Тие добивале поддршка и од полицајци кои не преземале никакви мерки и ги информирале кога се планираат полициски патроли.
Обвинителството тврди дека осомничениот директор од „Национални шуми“ ја одобрувал нелегалната сеча, а началник од полицијата во Делчево ги прикривал сторителите.
„Првоосмничениот, во името и за сметка на осомниченото правно лице, во август и септември 2025 година му дал паричен подарок на директорот на ЈП ’Национални шуми‘, во вкупен износ од 6100 евра со цел да дозволи нелегална сеча на дрвна маса, и тоа пред да биде објавен јавен повик за опожарена дрвна маса“, велат од Јавното обвинителство.
Оттаму тврдат дека припадниците на групата вршеле нелегална сеча и во текот на вчерашниот ден, 18 септември, па осомничениот полициски началник ги известил дека ќе има акција, за потоа информацијата да биде пренесена до остатокот од групата со цел да го „расчистат“ теренот.
За сите 15 осомничени, обвинителството бара да се одреди притвор.
Сите се гонат за две кривични дела – злосторничко здружување и пустошење шуми, додека на шестмина им се става на товар и делото злоупотреба на службена положба и овластување. Првоосмничениот – еден од организаторите на групата, се сомничи и за давање поткуп, додека друго лице за примање поткуп.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете