Настаните на денот низ фотографии - 9 ноември 2022
Од Камчев до Шојгу

1
МАКЕДОНИЈА - Бизнисменот Јордан Камчев од 6 ноември е на слобода, откако пред еден месец ја искористил законската можност да побара и добил од Основниот кривичен суд спојување на затворските казни за случаите „Плацови на Водно“ и „Империја“. Камчев во април годинава за случајот „Плацови на Водно“ беше осуден на една година затвор, додека за случајот „Империја“призна вина и се спогоди на една година затвор и да плати 5,2 милиони евра.

2
ГЕРМАНИЈА / ФРАНЦИЈА - Добрососедските односи меѓу Косово и Србија ќе се засноваат на еднакви права, се вели во документот што го објави медиумската мрежа специјализирана за политиките на Европската унија (ЕУ), Еурактив. Овој медиум пренесува дека станува збор за таканаречениот германско-француски план за решавање на спорот меѓу Србија и Косово. Во текстот чија автентичност не можеше да ја потврди балканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) до објавувањето на оваа информација, се посочува дека Косово и Србија ќе се водат од заедничките аспирации за членство во ЕУ.

3
САД - Републиканците остварија скромни резултати на среднорочните избори во САД, а нивните победи во трката за пополнување места во Претставничкиот дом и Сенатот не успеаја да создадат убедливо преземање како што се предвидуваше. Неколку медиуми прогнозираат дека републиканците ќе добијат седум места, две повеќе отколку што им беше потребно за да ја преземат контролата врз Претставничкиот дом за прв пат од 2018 година.

4
СРБИЈА - „Ситуацијата во Косово предизвикува длабока загриженост за Република Србија“, изјави српскиот вицепремиер и министер за одбрана Милош Вучевиќ на средбата со заменик-помошникот генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика Хавиер Коломина.