Достапни линкови

Вести

Путин е „подготвен“ да разговара за извозот на украинското жито во замена за укинување на санкциите

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор на 28 мај им рекол на францускиот и германскиот претседател дека Русија е „подготвена“ да разговара за начините како да и се овозможи на Украина да го извезува житото кое е заглавено во нејзините пристаништа на Црното Море, соопшти Кремљ.

„Русија е подготвена да помогне да се најдат опции за непречен извоз на жито, вклучително и извоз на украинско жито од пристаништата на Црното Море“, им рекол Путин на францускиот претседател Емануел Макрон и на германскиот канцелар Олаф Шолц, соопшти Кремљ.

Но, прекинот на руската блокада на пристаништата Путин го условил со укинување на санкции од страна на Западот.

„Зголемувањето на понудата на руски ѓубрива и земјоделски производи, исто така, ќе помогне да се намалат тензиите на глобалниот пазар на храна, што, се разбира, ќе бара отстранување на соодветните санкции“, соопшти Кремљ.

Украина е еден од најголемите светски извозници на пченица, пченка и сончогледово масло, но руските сили во моментов ги блокираат пристаништата на Украина во Црното Море, загрозувајќи ги светските резерви на храна.

Меѓународната заедница ја повикува Русија да ги деблокира пристаништата и да дозволи извоз на украинско жито.

Путин, исто така, ги предупредил Макрон и Шолц да не го зголемуваат снабдувањето со оружје за Украина, велејќи дека тоа може дополнително да ја дестабилизира ситуацијата.

Постојаните испораки на оружје за Украина беа „опасни“, Кремљ го цитираше Путин, предупредувајќи „на ризиците од понатамошна дестабилизација на ситуацијата и влошување на хуманитарната криза“.

види ги сите денешни вести

МВР уапси 11 лихвари, еден е во бегство - барале и над 15 насто месечна камата за задоцнето плаќање

Полициско комбе - илустрација
Полициско комбе - илустрација

Министерството за внатршни работи соопшти дека се уапсени 11 лица осомничени за лихварство и перење пари вкупно над 125 милиони денари (околу 2 милиони евра), додека по уште едно лице се трага.

Кривичната пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е поднесена против 12 лица, меѓу кои и 35-годишниот Б.К. кој моментно е недостапен за органите.

Деветмина се осомничени како соизвршители или помагачи во лихварството и перењето пари. Тројца други се осомничени само за перење пари и други приноси од казниво дело.

Како што соопшти МВР, криминалната група активно работела од почетокот на 2022 година до денес, искористувајќи ја лошата финансиска состојба на оштетените. Групата позајмувала пари со драконски услови - камата изнесувала од 5 до 15 отсто месечно, со дополнителни зголемувања за секое задоцнување.

„Од оштетените барале да им бидат вратени позајмените парични средства со пресметана камата или месечно да го исплаќаат износот по основ на камата, а кога тие не биле во можност да ја вратат позајмицата, осомничените барале да го предадат или оптоварат имотот со кој располагале, пренесувајќи го на име на некој од осомничените. Наплатата на паричните средства се вршела директно преку некој од осомничените или преку трансакционите сметки во банка од сметка на оштетен на сметка на некој од осомничените лица“, се наведува во сопштението.

Од МВР објаснуваат дека профитот од лихварството потоа се перел низ легалните финансиски текови. Дел од парите завршувале на сметки на правни и физички лица за да се создаде привид за легално потекло, дел се трошеле за лични потреби и луксузен живот, додека со преостанатите средства групата купувала недвижен и движен имот. Значаен дел од парите биле извадени во готовина.

Од викендов започнува зимското сметање на времето – стрелките се враќаат еден час наназад

Илустрација
Илустрација

Летното сметање на времето завршува в недела, на 26 октомври 2025 година, а почнува зимското сметање.

Ноќта, саботата спрема неделата, на 25 и 26 октомври, во 03:00 по полноќ, стрелките на часовникот ќе се поместат еден час наназад, односно времето во 03:00 часот ќе се смета како 02:00 часот.

Зимското сметање на времето секогаш започнува последниот викенд од октомври. Бидејќи секоја година календарот паѓа различно, така се менува и точниот датум.

САД воведуваат „суштински“ санкции врз руските нафтени компании поради „одбивањето на Путин да ја прекине бесмислената војна“

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателот на САД Доналд Трамп на средба во Белата куќа, 22.10.2025
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателот на САД Доналд Трамп на средба во Белата куќа, 22.10.2025

САД на 22 октомври воведоа, како што ги нарекоа, „големи“ санкции врз руските нафтени компании, велејќи дека акцијата е „резултат на недостатокот на сериозна посветеност на Русија кон мировниот процес за завршување на војната во Украина“.

Мерките се дизајнирани да го зголемат притисокот врз енергетскиот сектор на Русија и да ја „деградираат“ способноста на Кремљ да собира приходи за својата воена машина, соопшти Министерството за финансии

„Со оглед на одбивањето на претседателот Путин да ја заврши оваа бесмислена војна, Министерството за финансии ги санкционира двете најголеми нафтени компании во Русија кои ја финансираат воената машина на Кремљ“, рече секретарот за финансии Скот Бесент во соопштението за медиумите.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека ова е „многу голем ден“ во однос на американските акции против Русија.

„Ова се огромни санкции. Овие се многу големи - против нивните две големи нафтени компании. И се надеваме дека нема да траат долго. Се надеваме дека војната ќе се реши“, им рече тој на новинарите во Белата куќа откако го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Санкциите на САД следат по потегот на Европската Унија претходно на 22 октомври за одобрување на нови санкции, вклучувајќи ставање на црна листа танкери за нафта што ги користи Москва, ограничувања за патување на руски дипломати и забрана за увоз на течен природен гас од Русија до 2027 година.

Пакетот беше презентиран минатиот месец од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која предупреди дека купувањето фосилни горива од Русија е финансирање на руската војна.
Санкциите што ги објави Министерството за финансии на САД се насочени кон двете најголеми нафтени компании во Русија, Роснефт и Газпромнефт.

Трамп со месеци се воздржуваше од воведување нови санкции, велејќи дека се надева дека ќе го убеди Путин да преговара за решавање на војната во Украина. На 22 октомври, тој рече дека продолжил со санкциите затоа што „едноставно сметал дека е време“ и рече дека се надева оти тоа ќе го принуди Путин да биде „разумен“.

„Би сакале да ги видиме [двете страни] како ја заземаат линијата што е формирана во текот на многу долго време и да си одат дома“, рече Трамп.

Зошто Путин сака контрола врз целиот украинскиот регион Донбас?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:42 0:00

Трамп повторно рече дека иако неговите разговори со Путин биле пријатни, од нив ништо не произлегло. Најновиот пример е повикот од минатата недела по кој Трамп неочекувано објави дека тој и Путин ќе одржат самит во Унгарија.

Но, на 21 октомври, Трамп рече дека не сака да ризикува со можноста за „пропаднат состанок“ откако висок функционер на Белата куќа изјави дека состанокот нема да се одржи „во непосредна иднина“.

Трамп им рече на новинарите на 22 октомври дека го откажал состанокот, но додаде: „Ќе го направиме тоа во иднина“.

Кнесетот разгледува закони за проширување на израелското влијание на Западниот Брег, Нетанјаху е против

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (долу, во центар) на отворањето на седницата на Кнесетот во Ерусалим, 22 октомври 2025 година.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (долу, во центар) на отворањето на седницата на Кнесетот во Ерусалим, 22 октомври 2025 година.

Израелскиот парламент во среда усвои два закона за проширување на суверенитетот над окупираниот Западен Брег.

Пратениците гласаа за два закона во прелиминарно читање.

Првиот закон, предложен од лидерот на националистичката партија Авигдор Либерман, имаше за цел да го прошири израелскиот суверенитет на населбата Маале Адумим источно од Ерусалим и беше усвоен во прелиминарно читање, со 32 пратеници „за“ и девет „против“, објави Агенцијата Франс прес.

Вториот закон, предложен од пратеникот на крајната десница Ави Маоз, би го проширил израелскиот суверенитет на целиот Западен Брег и беше усвоен со 25 пратеници „за“ и 24 „против“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наводно им наредил на членовите на неговата партија Ликуд да се воздржат од гласање.

Партијата во соопштение го окарактеризира гласањето во Кнесетот како провокација од страна на опозицијата „со цел поткопување на нашите (израелски) односи со САД и големите достигнувања на Израел“ во војната во Појасот Газа, која трае од 2023 година.

„Вистинскиот суверенитет не се постигнува со симболичен закон, туку со ефикасна работа на терен и со создавање политички услови што погодуваат за признавање на нашиот суверенитет, како што беше направено во Голанската Висорамнина и во Ерусалим“, се додава во текстот.

Во август, Израел одобри проект за изградба на 3.400 станбени единици на Западниот Брег, што беше осудено од Обединетите нации и неколку странски лидери.

Критичарите велат дека проектот, наречен Е1, ќе го пресече Западниот Брег на два дела и ќе спречи создавање на евентуална палестинска држава.

Надвор од Источен Ерусалим, кој Израел го окупира и анектира, Западниот Брег е дом на околу три милиони Палестинци, заедно со околу 500.000 Израелци, кои живеат во населби што ОН ги смета за нелегални според меѓународното право.

Колонизацијата на Западниот Брег, кој се граничи со Јордан, продолжува под секоја израелска влада од 1967 година, додека во последните месеци, неколку министри отворено повикаа на негова целосна анексија, потсетува АФП.

Јорданското Министерство за надворешни работи во среда соопшти дека остро ги осудува гласањата во Кнесетот, опишувајќи ги како „флагрантно кршење на меѓународното право и сериозен напад врз решението за две држави“.

Палестинското Министерство за надворешни работи, со седиште во Рамала, исто така го осуди гласањето и рече дека „остро ги отфрла обидите на Кнесетот да анектира палестинска земја“.

„Министерството нагласи дека окупираните палестински територии на Западниот Брег, вклучувајќи ги Ерусалим и Појасот Газа, претставуваат единствена географска единица над која Израел нема суверенитет“, објави палестинската новинска агенција Вафа.

Родителите на деца со попреченост протестираа во Белград

На протестот пред Владата на Србија беше побарано итно ставање на Предлог-законот за „родител-негувател“ на дневен ред на Собранието
На протестот пред Владата на Србија беше побарано итно ставање на Предлог-законот за „родител-негувател“ на дневен ред на Собранието

Неколку стотици граѓани протестираа пред Владата на Србија во Белград барајќи итно внесување во собраниска процедура на предлог-законот „родител-негувател“.

Законот треба да обезбеди на родителите на деца со попреченост, пречки во развојот и хронични болести, надомест во висина на минимална плата, придонеси за пензија и работен стаж, односно статус кој би бил еквивалентен на статусот на згрижувач.

Собирот, организиран по повик на неформална група родители, беше поддржан од студентите кои се во блокада на високообразовните установи во Белград.

Од пред зградата на Владата, учесниците на протестот се упатија до Министерството за труд - јави агенцијата Бета.

На зградата на Министерството поставија транспаренти со своите барања, вклучувајќи го и итното ставање на предлог-законот „родител-негувател“ на дневен ред на Собранието на Србија.

Една од мајките на деца со попреченост изјави на протестот дека излегле на улица за да потсетат дека постојат и дека 800.000 семејства во Србија секојдневно се соочуваат со предизвиците на родителите кои се негуватели на своите деца.

„Дали пратениците знаат како е кога родителите не спијат по цели ноќи затоа што детето со аутизам не може да се смири, кога мајка мора да крене возрасно дете од количка, да го избања и облече? Нам ни требаат системски решенија и поддршка, како и институциите да си ја вршат својата работа, што го бараат и студентите“, рече таа.

Предлог-законот за родител-негувател повторно не беше ставен на дневен ред на Собранието на Србија изминативе денови.

За негово внесување на дневен ред гласаа само 36 од вкупно 250 пратеници.

Иницијативата за донесување на овој закон првпат беше поднесена во 2013 година.

Ваков статус пред неколку месеци, побараа и родителите на деца со попреченост во Северна Македонија. Како што и тогаш објави Радио Слободна Европа, тие преку петиција порачаа дека се исклучени од пазарот на труд, наведувајќи дека треба да се измени Законот за социјална заштита.


Меѓународен суд на правдата: Израел мора да дозволи влез на помошта на ОН во Газа

Фотоархива
Фотоархива

Највисокото правно тело на Обединетите нации, Меѓународниот суд на правдата (МСП), во средата донесе советодавно мислење според кое Израел има обврска да обезбеди задоволување на основните потреби на цивилното население во Газа – објави Ројтерс.

Вкупно 11 судии, додадоа дека Израел мора да ги поддржи хуманитарните напори на Обединетите нации во Појасот Газа, вклучително и на УНРВА – Агенцијата за помош и работа на ОН за палестинските бегалци на Блискиот Исток.

„Како окупациска сила, Израел е должен да обезбеди основни потреби за локалното население, вклучувајќи ги и залихите неопходни за нивниот опстанок“, изјави судијата Јуџи Ивасава. Тој додаде дека основните потреби вклучуваат храна, вода, засолниште, гориво и медицински услуги.

Советодавните мислења на МСП имаат правна и политичка тежина, но не се обврзувачки и судот нема моќ за спроведување на одлуките.

Израел го одбива мислењето

Мислењето, кое беше побарано од Генералното собрание на ОН во декември, разјаснува каква заштита државите мора да обезбедат за персоналот на ОН, и се очекува да има пошироки импликации од конфликтот во Газа.

Во објава на мрежата ИКС (X), израелското министерство за надворешни работи соопшти дека целосно ги отфрла наодите на судот и додаде:

„Израел целосно ги почитува своите обврски според меѓународното право.“

Израел ѝ забрани на УНРВА да работи во Газа минатата година, тврдејќи дека дел од нејзините вработени се членови на Хамас или на поврзани организации.

Министерството соопшти дека ОН сè уште нема целосно истражено колку длабока е вмешаноста на Хамас во УНРВА и изјави дека Израел нема да соработува со организација „инфицирана со терористички активности."

Сепак, судиите на МСП во средата утврдија дека Израел не ги поткрепил своите тврдења дека значителен број вработени во УНРВА се членови на Хамас.

Во април оваа година, адвокати на ОН и палестински претставници го обвинија Израел пред МСП дека го прекршува меѓународното право со тоа што одбивал да дозволи влез на хуманитарната помош во Газа од март до мај – период во кој Израел целосно ги прекина сите испораки, обвинувајќи ги борците на Хамас дека ја крадат помошта.

Оттогаш, дозволена е ограничена хуманитарна помош, но ОН изјави дека тоа е далеку од доволно за ублажување на хуманитарната катастрофа која веќе премина во глад. Примирјето договорено овој месец предвидува 600 камиони дневно со помош, но ОН изјави дека досега влегуваат далеку помалку.

Советодавното мислење на МСП утврди дека Палестинците во Газа не се соодветно снабдени и нагласи дека Израел не смее да го користи гладот како оружје.

Адвокатот Пол Рајхлер, кој ги застапува Палестинците, изјави:

„Од една страна, судот утврди дека гладот како метод на војување е незаконски, а од друга – дека Израел намерно ја спречил испораката на храна до цивилното население во Газа.“

УНРВА, која им обезбедува образование, здравство и помош на милиони Палестинци, има повеќе од 30.000 вработени.

ОН изјавија во август 2024 година дека девет вработени во УНРВА можеби биле вмешани во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 и биле отпуштени. Израел тврди дека друг вработен во УНРВА, убиен во октомври 2024 во Газа, бил исто така командант на Хамас.

Во претходно советодавно мислење во 2024 година, МСП утврди дека окупацијата на палестинските територии од страна на Израел е незаконска и треба веднаш да престане. Судот исто така изјави дека Израел има обврски за заштита на човековите права на Палестинците поради неговиот статус на окупаторска сила.

Британски санкции за балкански банди поради криумчарење на луѓе

Британскиот премиер Кир Стармер пристигнува на самитот со лидерите на Западен Балкан, 22 октомври 2025 година.
Британскиот премиер Кир Стармер пристигнува на самитот со лидерите на Западен Балкан, 22 октомври 2025 година.

Велика Британија во средата воведе санкции против, како што наведе, балкански криминални банди кои се вклучени во продажба на лажни пасоши што се користат во трговијата со луѓе, како и против неколку лица вмешани во финансирање на илегални миграции.

На членовите на бандите и сомнителните финансиери кои овозможуваат криумчарење луѓе — вклучувајќи и група од Косово која фалсификува пасоши — им е забранет влез во Велика Британија и се исклучени од британскиот финансиски систем, во рамки на мерките на владата против бандите што ја експлоатираат западнобалканската рута за илегални миграции.

„Постои криминална рута низ Западен Балкан која носи илегални мигранти во Велика Британија, и решени сме да ја запреме преку соработка со европските партнери“, се наведува во соопштението на премиерот Кир Стармер пред Самитот во Лондон со лидерите на земјите од Западен Балкан.

Британската влада издаде соопштение во пресрет на Самитот за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес, што го организира премиерот Кир Стармер. На собирот, на кој учествуваат лидерите на Западен Балкан и други европски земји, се разговара за регионалната соработка, илегалните миграции, европската безбедност и економскиот развој.

Британската Влада соопшти дека санкциите објавени во среда претставуваат најнов пример за соработка со земјите од Западен Балкан во борбата против организираниот криминал поврзан со миграцијата, додека премиерот ги пречекува европските лидери во Лондон.

Во соопштението се наведува дека британската Влада го попречила клучниот пат за илегална миграција во Велика Британија „со санкционирање на банди кои ја експлоатираат рута преку Западен Балкан и на финансери кои обезбедуваат опрема за мали чамци“.

Санкциите во среда, како што наведува британската влада, со поддршка на косовските власти, се насочени кон „Красниќи“ — мрежа за фалсификување: криминална банда од Косово која имала софистицирана лабораторија за фалсификување и изработка на лажни документи.

Санкции се воведени и против Нусрет Сеферовиќ, чија банда снабдувала лажни хрватски пасоши на балканските банди.

Додаваат дека Велика Британија дополнително ќе санкционира неколку меѓународни финансери поради нивната улога во поддршка на криумчарите на луѓе, вклучувајќи ја и ALPA Trading FZCO, која обработува пари за бандите на криумчари.

Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер наведе во соопштението дека Западниот Балкан е „главна транзитна рута за безмилосните банди на криумчари кои тргуваат со човечкото страдање“.

Порано овој месец, британскиот министер за надворешни работи најави инвестиција од 10 милиони фунти (11,5 милиони евра) за борба против криумчарењето луѓе низ Западен Балкан и други региони ширум светот.

Тие средства треба да овозможат низа иницијативи, вклучувајќи подобрена обука за органите за спроведување на законот на Косово, засилени гранични безбедносни мерки и проширени услуги за поддршка на лица изложени на ризик од трговија со луѓе во Србија.

ЕП усвои резолуција за „поларизацијата и зголемената репресија во Србија“

Гласање во Европскиот парламент, архивска фотографија.
Гласање во Европскиот парламент, архивска фотографија.

Европскиот парламент во средата усвои резолуција за поларизацијата и репресијата во Србија, со која се поддржува правото на студентите и граѓаните на мирни протести, остро се осудува бранoт на насилство под покровителство на државата, застрашувањата и неселективните апсења.

Во резолуцијата под наслов „Поларизација и зголемена репресија во Србија, една година по трагедијата во Нови Сад“, се оценува дека српското раководство е политички одговорно за ескалацијата на репресијата, нормализирањето на насилството и слабеењето на демократските институции во земјата, пренесе агенцијата Бета.

Резолуцијата беше усвоена со 457 гласови „за“, 103 „против“ и 72 воздржани на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур.

Во резолуцијата, за која европратениците расправаа во вторникот, се осудуваат и дејствијата на владејачката Српска напредна партија (СНС) во организирањето на шаторската населба во Пионерскиот парк, како и произволното и политички мотивирано користење на претседателски помилувања за лица обвинети за насилство врз студенти.

Меѓу другото, се наведува дека европратениците го поддржуваат испраќањето на ад хок мисија за утврдување на фактите во Србија, со учество на Европскиот парламент, и се повикува Европската комисија да покрене иницијатива за целни индивидуални санкции против одговорните за сериозни прекршувања на законите и човековите права во Србија.

Европската комесарка, Марта Кос за време на расправата во вторникот, изјави дека Европската унија очекува полициското постапување и интервенции на протестите да бидат пропорционални и дека ќе се почитуваат основните граѓански права.

„Приоритетно е да се истражат сите наводи за прекумерна употреба на сила“, додаде таа.

Како што рече, Брисел го осудува секој акт на омраза, вандализам или насилство на протестите и ги повикува сите страни на смирување на тензиите.

„Од кандидатите за членство во ЕУ очекуваме да ги почитуваат сите вредности кои се наша основа – почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата и владеењето на правото“, истакна таа.

Таа додаде и дека Србија треба да се придржува до слободата на собирање, слободата на медиумите и академските слободи.

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пикула, изјави за време на дебатата во вторникот дека резолуцијата не претставува напад врз Србија.

Тој оцени дека Европа не ја изневерила Србија, туку дека власта во Србија ги изневерила своите граѓани.

„Трагедијата во Нови Сад покажа дека корупцијата не е обичен криминал – корупцијата ги уништува институциите и одзема животи“, наведе тој.

Ана Тришиќ Бабиќ официјално именувана за вршителка на должноста претседателка на Република Српска

Ана Тришиќ Бабиќ ќе ја извршува функцијата в.д. претседателка на Република Српска до одржувањето на предвремените избори закажани за 23 ноември (фото: архива).
Ана Тришиќ Бабиќ ќе ја извршува функцијата в.д. претседателка на Република Српска до одржувањето на предвремените избори закажани за 23 ноември (фото: архива).

Одлуката за именување на Ана Тришиќ Бабиќ за вршителка на должноста претседателка на Република Српска е објавена во Службениот весник на овој ентитет во среда, 22 октомври.

Собранието на РС ја донесе одлуката за нејзиното именување четири дена претходно, а е предвидено таа да стапи на сила ден по објавувањето во Службениот весник.

Во објавата се наведува дека со одлуката престанува функцијата на досегашниот претседател на РС, и дека мандатот на Тришиќ Бабиќ трае до изборот на нов ентитетски претседател.

Со оваа одлука првпат официјално е потврдено дека Милорад Додик повеќе не е претседател на Република Српска, откако му беше одземен мандатот во средината на август поради пресуда со која му е забрането да извршува јавни и политички функции во наредните шест години.

Американскиот Стејт департмент ја пофали одлуката на Народното собрание на Република Српска за именување на Ана Тришиќ Бабиќ за вршителка на должноста претседателка на РС, како и повлекувањето на сепаратистичките закони на истата седница, кои претходно беа поништени од Уставниот суд на Босна и Херцеговина.

Во соопштението се наведува дека овој чекор е резултат на напори предводени од Соединетите Американски Држави со цел смирување на политичката криза во Босна и Херцеговина.

Додик досега одбиваше да поднесе оставка и продолжи да ги извршува должностите и да патува во странство во својство на претседател на босанскохерцеговскиот ентитет. Тој поднесе жалба на пресудата на државниот суд до Уставниот суд.

Министерството за финансии на САД соопшти во петокот, 17 октомври, дека четворица сојузници на Додик се отстранети од листата на санкции.

САД и Обединетото Кралство го санкционираа Додик поради попречување на одредбите од Дејтонскиот мировен договор, со кој беше завршена војната во Босна во 1990-тите, како и од страна на неколку европски земји кои тврдат дека неговата сепаратистичка политика го загрозува мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина.

До кога ќе трае мандатот на в.д. претседателката?

Ана Тришиќ Бабиќ, блиска сојузничка на Додик, ќе ја извршува функцијата еден месец, до одржувањето на предвремените претседателски избори во Република Српска на 23 ноември.

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина на 1 октомври ги потврди кандидатурите на пет политички партии и двајца независни кандидати за предвремените избори за претседател на Република Српска (РС) од редот на српскиот народ, кои ќе се одржат на 23 ноември.

Политичките партии што поднесоа кандидатури се: Сојуз на независни социјалдемократи на Милорад Додик, Сојуз за нова политика, Еколошка партија на Република Српска, За правда и ред – Листата на Небојша Вукановиќ и Српската демократска партија.

Независните кандидати што поднесоа кандидатури се: Славко Драгичевиќ и Игор Гашевиќ.

Рокот за пријавување беше 29 септември.

Предизборната кампања ќе трае од 8 до 22 ноември.

Предвремените избори во овој босанскохерцеговски ентитет ќе чинат околу 3,3 милиони евра, а средствата се обезбедени од државното Министерство за финансии.

ЕБОР: Жените се позагрижени за климата, но имаат помал пристап до зелените кредити

Климатски промени/Илустрација
Климатски промени/Илустрација

Во Северна Македонија, жените имаат банкарски сметки и кредитни картички на исто ниво како мажите, но имаат добиено само 28 отсто од кредитите достапни преку Програмата за финансирање на зелена економија (Green Economy Financing Facility– GEFF). Ова го нотираше истражувањето на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Резултатите покажуваат дека соодносот е скоро 10 милиони евра зелено кредитирање помалку за жените.

Според истражувањето, жените покажуваат поголема загриженост за климата и инвестираат повеќе, а сепак имаат помал пристап до зелените кредити. При тоа, младите жени се соочуваат со дополнителни бариери за пристап до кредитирањето, најчесто заради договори за привремено вработување, породилно отсуство, неплатена грижа за блиски, кои го лимитираат нивното учество во формалниот пазар на труд. Овие структурални измени придонесуваат жените да имаат помала финансиска инклузивност и намален пристап до можностите за зелени инвестиции.

Според податоците во истражувањето, жените кои подигнуваат кредити, позајмуваат поголеми суми од просечната сума на кредити, преку Програмата за финансирање на зелена економија.

Просечната големина на кредитот кај жените е 8.529 евра, што е значително над просекот на програмата од 5.605 евра. Ова е индикатор дека жените прават значајни инвестиции, кога за тоа ќе добијат можност – наведуваат од ЕБОР.

Вo студијата се истакнува и силен деловен аспект за проширување на зелените финансии за жените.

Жените демонстрираат силна климатска свест, а 74 отсто изразуваат загриженост за ризиците поврзани со климата во споредба со 61 отсто од мажите.

И покрај тоа, жените остануваат помалку претставени во зеленото финансирање. Овие резултати укажуваат на значајна можност за финансиските институции за проширување на нивните пазари, преку справување со бариерите специфични за полово креираните производи, кои ги задоволуваат потребите на жените.

„Ова истражување е важно затоа што со подобрување на собирањето на податоци и истакнување на половиот диспаритет, може да се помогне во натамошното кревање на свесноста околу оваа работа и подобрување на учеството на жените во зелената економија“, истакна Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Северна Македонија при презентирањето на резултатите од истражувањето.

Претставничката од Европската Делегација, Мари Маделеин Канелополу, пак, истакна дека половата еднаквост е фундаментална компонента на сите политики на Европската Унија имплементирани во Северна Македонија, со која, како што рече, се овозможува усогласување со целите на климатска неутралност со родовата еднаквост, и се поттикнува оддржлив развој.

„Со вакви податоци се овозможува да знаеме кои се пазарните потреби, кои се пречките за женските претприемачи и како заеднички можеме да изградиме капацитет за поддршка на полово одговорни климатски акции во иднина“, додаде таа.

Програмата за финансирање на зелена економија на ЕБОР пласира финансиска поддршка во земјава од 2017 година, обезбедувајќи финансирање за сопственици на домови, за инвестиции во технологии кои заштедуваат енергија, во соработка со локалните партнерски банки.

Истражувањето ги утврдува резултатите и тенденциите на кредитирање преку програмата, која до денес има поддржано скоро 5.000 сопственици на домови, во инвестиции на енергетска надградба во нивните живеалишта.

Полово базираната проценка нуди препораки на финансиските институции во надминување на бариерите на жените во пристап за климатско финансирање, вклучувајќи користење на полово прилагоден маркетинг и информативни канали, како и зголемување на свеста за можностите за финансирање прилагодени според потребите на жените.

Програмата за финансирање на зелена економија на ЕБОР на Западен Балкан е ко-финансирана од Европската Унија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG