Достапни линкови

Како лекарите да се вратат во селата?


Северна Македонија - рурална амбуланта во село Герман, ноември 2025 година
Северна Македонија - рурална амбуланта во село Герман, ноември 2025 година

Во руралните средини има помалку од половината потребни матични лекари - од планирани 96, функционираат 44, а недостасуваат 52. Лекарот Томче Додевски за РСЕ сведочи за неговата 20 годишна работа во село Герман и дава предлози што да се направи за младите доктори да работат во селата. Фондот почна да менува правилници за да им овозможи подобри услови.

Ако има добра плата, верувам дека доктори ќе се вратат во селата. Примањата се важни бидејќи лекар кој работи во рурална средина ја жртвува кариерата и тоа некако треба да биде надоместено, вели доктор Томче Додевски кој 20 години ги лекува жителите на село Герман и околните села во планинската општина Ранковце.

Во крај со околу 170 жители, негови пациенти се повозрасни луѓе, над 65 години - главно со општи здравствени проблеми, па како лекар не успеал да има искуство со болести за кои учел на факултет. Обемот на работа е мал, тој има по неколку пациенти дневно за разлика од лекар во град кој прави по стотина прегледи во денот.

„Сум ги видел најчестите карциноми, но иако две децении работам, леукемија не сум видел“, вели Додевски за Радио Слободна Европа.

Д-р Томче Додевски
Д-р Томче Додевски

Иако скопјанец и дипломец со просек над 9 од Медицинскиот факултет, Додевски се посветил да работи во крајот од кој потекнува неговата баба. Тој е еден од ретките млади доктори кој опстоил да не ја затвори ординацијата под налетот на здравствените реформи низ годините кои многу рурални лекари не ги издржаа.

Сега, во селските подрачја има помалку од половината потребни матични лекари. Или, од планирани 96, функционираат 44. Недостасуваат 52, според податоците на Фондот за здравствено осигурување(ФЗОМ).

Пoради тоа, Фондот ги повика младите доктори кои би сакале да почнат со работат во руралните подрачја, како и сите заинтересирани, до 1 ноември да достават предлози за тоа што треба да се смени во правилата за да ги поттикне лекарите да работат во селата.

Превозот е проблем и за пациентите и за лекарите

Тоа што нема лекари во селата, е голем проблем и за пациентите затоа што треба да патуваат во поблиските градови, а се отсечени од превоз.

„За матичен лекар одам во Пехчево, на специјалист - во Кочани. Не само што нема доктори, туку нема ни автобуси. Ако не е училишниот автобус што доаѓа во работни денови, па и ние го користиме, друга опција нема“, вели Митко Павловски од Панчарево, село меѓу Пехчево и Делчево со околу 200 жители.

Лекар нема ни во соседното Црник, каде бројот на жители е двојно поголем.

Тоа особено е проблем за планинските места каде е и ординацијата на Додевски, на 1.400 метри надморска височина. Неговата амбуланта е на македонско - српската граница, 35 километри од градот Крива Паланка.

Снегот во зима знае да ги „зароби“ мештаните во селото.

Амбулантата во село Герман
Амбулантата во село Герман

За 24 часа да им биде достапен на пациентите, Додевски од понеделник до сабота и престојува во амбулантата, во објектот изграден во време на поранешна Југославија. Направен е со еден влез за амбуланта, соба за интервенции и чекална, а другиот дел е станбен дел.

„Оддалеченоста на прва специјалистичка служба е на 80 километри во двата правци, а нема јавен превоз“, вели Додевски.

Затоа, тој ставал лек за заболка во три часот наутро, иако не е заболекар. Или, при сеча на бука, еден од селаните го повредил р'бетот, па го извлекол со службеното возило купено наменски за „служба“ во планина.

Сашо Клековски, директор на ФЗОМ, на почетокот на октомври рече дека се прават напори да се намали бројот на подрачја кои не се покриени со примарна здравствена заштита.

„Неопходни се мерки кои треба да ги охрабрат младите лекари да започнат да работат во руралните подрачја, односно измени на правилникот кој тоа го регулира, да обезбедиме натамошна либерализација на условите за рурални матични лекари и да видиме кои се пречките кои оневозможуваат младите лекари да започнат да работат во руралните подрачја – рече тогаш Клековски.

Што треба да се направи?

Главен проблем за руралните лекари е малиот број осигуреници, што значи и пониска капитација и помала плата, како и недостатокот на медицински сестри што би работеле во село.

За да се надмине проблемот со капитацијата, државата од 2006 година ги субвенционира руралните лекари. На пример, ако еден лекар има сто пациенти, ФЗОМ му смета дека има 800 и за толку му исплаќа. Фиксните примања на руралните доктори беа зголемени за по 22.000 денари во нето-износ.

Но, проблем се уште е таканаречениот скалест правилник според кој до одреден број пациенти Фондот плаќа една сума, а ако се зголеми - друга, за да ги мотивира руралните лекари да ги пријават пациентите. Според Додевски, тој правилник треба да се смени оти е мотивирачки за приградски рурални амбуланти, но не и за селата во кои нема доволен број на пациенти.

„Со скалестиот начин никогаш не можеш да ја земеш таа капитација која би дала поголема сигурност во функционирањето. Фондот побара предлози од нас, јас предложив ова да се смени“, вели тој.

Друг предлог што го дал е да се ослободат руралните лекари од обврската тие самите да ги водат огласите за вработување медицинска сестра, наместо тоа да го прави Агенцијата за вработување. Причината е бирократски проблем - лекарот на секои шест месеци има оврска да доставува доказ дека огласот за вработување бил неуспешен и никој не се пријавил на огласот за сестра. Треба да достави потврда од Агенцијата, која пак, не може да издаде таква потврда затоа што не ги води огласите.

Минатата година ФЗОМ донесе одлука според која 24 месеци ги ослободува руралните лекари од обврската да имаат сестра во ординацијата. Претходно, ако немаше сестра, лекарот ќе мораше да ја затвори ординацијата.

Лилија Чолакова - Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични лекари, за РСЕ вели дека треба да се најде системскo решение за да се вратат докторите во руралните амбуланти и да не се остават без здравствена заштита луѓе кои цел живот плаќале здравствено осигурување.

„Долго време предлагаме да се најде некој модел, младите кои завршуваат медицина да имаат обврска две-три години да работат на село, но се разбира и да бидат мотивирани за тоа - да имаат фиксна плата, некоја сигурност со примањата. Мора да има државно тело да го распределува кадарот, не како сега, сите да сакаат во Скопје на клиника да работат. Мора да се прави децентрализација во здравството“, вели Чолакова -Дервишова.

Од Фондот за здравствено осигурување велат дека ги разгледуваат предлозите што стигнале до нив.

Фондот веќе работи на измени на Правилникот со цел дополнително олеснување на условите и подобри можности за отворање нови ординации во руралните подрачја. Преку дополнителна либерализација на критериумите и отстранување на ограничувачките услови, Фондот има за цел значително да ја зголеми покриеноста со матични лекари во руралните средини“, ни одговорија од ФЗОМ.

Доктот Томче Додевски, пак, вели, дека не би отишол да работи во град.

„ После толку време, со сите си пријател, врзан си со средината, не е лесно да заминеш“, заклучува тој.

Недостигот на лекари е еден од многуте проблеми со кој се соочува здравствениот систем во државава. Покрај неисполнетоста на руралните амбуланти, последните статистики покажуваат дека од лани досега, вкупниот број на лекари во државата се намалил и тоа за 509, според бројот на активни лиценци во Лекарската комора.

Радио Слободна Европа неодамна пишуваше дека и доктори специјалисти недостасуваат на речиси сите клиники во Скопје и во многу болници низ државата. За една година има 125 лекари помалку од специјалностите што и онака најмногу недостасуваат во болниците.



XS
SM
MD
LG