Вести
Општина Желино со најмала излезност во Тетовско до 13 часот

Општина Желино бележи најмала излезност од сите општински комисии до 13 часот. Таму се бележат само 6.62 % или избор за претседател направиле 1.557 граѓани од вкупно 23.510. Во општина Боговиње 8.01 % или 2.204 од 27.501 гласач до 13 часот биле на гласање. Од 22.116 регистрирани гласачи во Теарце гласале 9,64 % или 2.133 жители. Во најмалата по бројност општина Јегуновце до 13 часот гласале 13,4% или 1.367 од 10.171 гласач. Општинската изборна комисија во Брвеница регистрирала излезност од 14,25 % до 13 часот или гласале 2.176 од 15.628 запишани гласачи. Најголема излезност во тетовското подрачје има токму градскиот центар на општина Тетово каде што до 13 часот гласале 13.928 луѓе што претставува 16,71 % од вкупниот број на 83.367 гласачи.
види ги сите денешни вести
Јаневска: Ќе воведеме вештачка интелигенција во наставата

Во процесот на дигитална трансформација на образовниот систем, интеграцијата на вештачката интелигенција (ВИ) претставува следен, логичен чекор кој значително ќе го унапреди квалитетот, ефикасноста и инклузивноста на образованието во Македонија – изјави денеска (21 јуни) министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Таа рече дека ваквата технолошка иновација стратешки и постепено ќе биде имплементирана во начинот на учење, спроведување на наставата и генерално во развојот на човечките ресурси.
„Препознаваме дека вештачката интелигенција не треба да го замени човечкиот фактор во образованието, туку да го дополни и унапреди“, истакна Јаневска на Меѓународниот самит за образовни технологии, што се одржува во Истанбул, од 20 до 22 јуни 2025 година, во организација на Министерството за национално образование и наука на Република Турција.
Таа додаде дека вештачката интелигенција треба да овозможи создавање на образовна средина каде што секој поединец може да го развие својот потенцијал до максимум.
Министерката посочи дека воведувањето на вештачката интелигенција во основното образование е првиот и најкритичен чекор.
Децата, додаде, прво треба да стекнат основно разбирање што е вештачката интелигенција, како функционира, каде се среќава во секојдневието и треба да се фокусираат на нејзиниот етички пристап.
„Учениците мора да научат да бидат критички кон информациите кои ги добиваат од ВИ системите. Треба да бидат свесни дека вештачката интелигенција може да прави грешки и да има пристрасности и затоа податоците и изворите мора да споредуваат“, нагласи Јаневска.
Информираше дека работна група на Министерството за образование и наука со професори од факултети по информатика, работи на подоготовка на документ со насоки и посебни препораки за наставниците и учениците за примена на генеративна вештачка интелигенција во процесот на образованието.
Дигитализација во образовните услуги
Министерството за образование и наука во изминатиот период интензивно работеше на дигитализација на образовната сфера.
Јаневска информираше дека најголем дел од услугите кои ги нуди образовниот систем, како запишување на ученици во основно и средно училиште, нострификација на дипломи стекнати во странство, доделување на ученички и студентски стипендии, сместување во ученички и студентски домови и аплицирање на конкурси од областа на науката се дигитализирани.
Воспоставен е систем за учење на далечина, а етапно се воведуваат и дигитални интерактивни учебници.
Меѓународниот самит за образовни технологии се организира по шести пат. Оваа година над 100 учесници - креатори на образовни политики од повеќе земји, претставници на образовни установи, глобални техничко – технолошки компании и технолошки паркови се фокусираат на обликување на иднината на образованието преку примена на вештачката интелигенција.
На повеќе од 50 сесии на кои се дискутира за трансформативната моќ на дигиталните иновации во образованието и се разменуваат искуства поврзани со креирање стратегии за интегрирање на технологијата во образовните системи.
УНИЦЕФ предупредува за колапс на системот за водоснабдување во Газа

Газа се соочува со човечки предизвиканата суша по колапсот на водоводниот систем - соопшти Агенцијата на Обединетите нации за деца, УНИЦЕФ, на 20. јуни.
„Децата ќе почнат да умираат од жед. Само 40 проценти од капацитетите за производство на вода се функционални“, изјави за новинарите во Женева, портпаролот на УНИЦЕФ, Џејмс Елдер.
„Далеку сме под итните стандардни за питка вода за луѓето во Газа“, додаде тој.
УНИЦЕФ исто така, соопшти дека зголемувањето од 50 проценти на децата од шест месеци до пет години кои се хоспитализирани поради неухранетост во текот на април и мај во Газа, како и за половина милион луѓе кои страдаат од глад.
Оваа агенција исто така, информираше дека системот за дистрибуција на помош кој го води Хуманитарната фондација за ГАЗА (GHF) поддржана од страна на Израел и САД ја прави „ситуацијата уште поочајна“.
Вчера (20 јуни) најмалку 25 лица кои чекале камиони со помош се убиени од израелски оган во Нецарим – соопштија здравствените власти во Појасот Газа. Ден претходно, најмалку 51 лице се убиени во израелските напади, вклучувајќи ги и дванаесетмината кои се обидувале да се приближат до центар управуван од GHF во централниот дел на Газа.
Во израелските напади во петокот, уште 12 луѓе беа убиени во текот на воздушниот напад кој ја погоди куќата на едно семејство во Деир Ал-Балах, со што бројот на жртви од тој ден се искачи на 37.
Од почетокот на израелската воена кампања во октомври 2023 убиени се повеќе од 55.3000 Палестинци – наведе Министерството за здравство.
Израел ја започна офанзивата по нападот на Хамас на 7 октомври, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе.
Според израелските податоци, 53 заложници сѐ уште се во Газа.
Војната предизвика големи разорувања на палестинската територија, додека ОН алармираа дека речиси целата популација на Газа е на работ на глад.
Најмалку пет новинарки во Србија, според здруженијата, добиле отказ заради студентските протести

Најмалку пет новинарки од повеќе редакции во Србија добиле отказ откако на своите лични профили на социјалните мрежи објавиле фотографии од студентските протести, пишувале за протестите или јавно се спротивставиле на одредени одлуки на уредништвата.
При отказите, најчесто биле прогласувани за технолошки вишок.
На собирот „Стоп за прогон на новинари“, што го организираа во Белград Здружението на новинари на Србија (УНС) и Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), новинарките порачаа дека отказите најчесто ги добивале директно од управата, без претходно известување или консултација со уредниците.
Уредничката на викенд-изданието на Политика, Сандра Гуцијан, изјави дека таа и уредничката на хрониката, Доротеа Чарниќ, добиле отказ откако биле изменети правилата за систематизација на работата во редакцијата, со што нивните позиции биле укинати, а тие прогласени за технолошки вишок.
„Јас не сум ја прекршила уредувачката политика. Мојот последен текст беше ‘Александар Вучиќ во Ниш’ на првата страница. Од таа гледна точка, јас бев во линија со уредувачката политика“, рече Гуцијан.
Сандра Гуцијан посочи дека во нејзиниот случај, како и во случајот на нејзината колешка Доротеа Чарниќ, проблемот бил тоа што своите „активности во приватното, слободно време ги објавувале на социјалните мрежи, кои исто така биле затворени профили“.
Таа ја прочита пораката од Чарниќ, која не можела да присуствува на трибината, во која се наведува дека целта на настанот е да се укаже на тоа дека „властите сè почесто се пресметуваат со новинаркипреку откази — жени кои професионално си ја вршеле работата, без да го кријат својот политички став, на што според законот имаат право“.
Водителката на телевизијата Јуроњуз (Euronews), Марија Шехиќ, изјави дека добила отказ поради наводно кршење на работната дисциплина, непрофесионализам, неизвршување на работните обврски и прекршување на новинарската етика — но дека тоа се случило откако таа и дел од нејзините колеги се оградиле од соопштението на управата со кое се осудуваше студентската блокада на РТС.
„Имаше многу ситуации и реченици што во моментот не привлекуваат внимание, како на пример: ‘Биди паметна’, ‘Полека’, ‘Чекај, застани, знаеш ли ти за кого работиш’, ‘Ајде да бидеме паметни’“, рече Шехиќ.
Настанот го осветли зголемениот притисок врз новинарките во Србија кои јавно изразуваат ставови, дури и надвор од работното време, при што отказите сè почесто се користат како средство за замолчување и дисциплинирање.
Новинарката на Вечерње новости, Војислава Црњански Спасојевиќ, изјави дека била прогласена за технолошки вишок откако се оградила од објавувањето на лични податоци од пасошите на двајца студенти во онлајн изданието на „Новости“, како и поради објава на Инстаграм за време на нејзиното учество на студентските протести.
„Ден потоа, без никакво предупредување, без понуда за друго работно место, без никаков разговор, добив решение дека сум технолошки вишок – по 31 година работен стаж, од кои 15 години поминати во ‘Вечерње новости’“, рече таа.
Црњански Спасојевиќ истакна дека дури ни нејзините уредници не биле информирани за отказот и дека првпат слушнале за тоа од неа самата.
Овој случај, како и претходните, го нагласува загрижувачкиот тренд на отстранување новинари кои јавно или приватно изразуваат став што се разликува од линијата на медиумската управа или владејачката структура – често без транспарентна процедура и без правна заштита.
Уредничката на онлајн изданието на магазинот Elle за Србија, Тара Ѓукиќ, изјави дека добила отказ поради објава на текст за студентските протести, односно откако исечок од текстот бил споделен на Инстаграм — што го забележал сопственикот на компанијата, Игор Жежељ.
„Тогаш започнаа закани, заплашувања од самиот врв на нашата компанија, илјадници повици што беа упатени кон целата редакција – ние сме четири лица – но најмногу кон мене како веб уредник, со барање веднаш да го повлечам и избришам текстот“, рече Ѓукиќ.
Кога одбила да го стори тоа, ѝ било соопштено дека е прогласена за технолошки вишок.
Овој случај се надоврзува на серијата откази кои, според самите новинари и новинарки, не се резултат на реална потреба за реорганизација, туку чин на цензура и одмазда поради уредничка независност и професионален интегритет. Случаите јасно покажуваат дека учеството во јавен дијалог или дури објективно известување за протести се третираат како прекршок во дел од медиумските средини во Србија.
Претседателката на Европската федерација на новинари, Маја Север, оцени дека е „застрашувачко тоа што се случува“, укажувајќи на длабоки промени што се случуваат во медиумскиот простор, особено по уривањето на бетонската надстрешница на Железничката станица во Нови Сад, каде што загинаа 16 лица. Таа истакна дека начинот на кој политиката се рефлектира врз редакциите станува сè поагресивен и загрижувачки.
Трагедијата во Нови Сад беше клучен момент што предизвика масовнистудентски и граѓански протести, со јасни барања за одговорност од страна на властите — како на локално, така и на државно ниво.
Во последно време, студентите го радикализираа својот став и почнаа да бараат распишување на вонредни парламентарни избори, наведувајќи ја недостигот од транспарентност, одговорност и безбедност како главни причини за својата политичка мобилизација.
Сите овие настани се одвиваат во атмосфера на зголемени притисоци врз медиумите и новинарите, каде што известувањето за протестите, па дури и приватните објави на социјалните мрежи, доведуваат до откази, цензура или заплашување – што дополнително ја продлабочува загриженоста за состојбата со медиумските слободи во Србија.
Пресудата за убиствата на Вања и Панче на 25 јуни

Велибор Манев е организатор, Боре Видевски извршителот, а Влатко Кешишев стражарот во убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Ова во својот завршен збор денеска го кажа Љупчо Палевски-Палчо, првообвинетиот за двете грозоморни убиства што се случија кон крајот на 2023 година. Со завршниот збор на Палевски заврши судењето за убиствата, а пресудата ќе биде изречена на 25 јуни.
Во својот завршен збор Палевски рече дека иако е обвинет за двете убиства, не постои трага, видео, доказ, сведок дека тој учествувал во ова злосторство.
Тој како доказ посвети внимание на фотографија од убиениот Панче најдена во телефонот на Манев, за која рече дека е направена 9 дена пред убиството на Жежовски.
„Овој круцијален доказ за тоа кој е организатор, судијата и ОЈО го заборавија. Нема прашање зошто Манев ја сликал жртвата и сликата ја пратил до Видевски. Кој обвинет следи и слика жртви? Обвинетиот Манев е организатор, кој пак вели дека јас сум организатор. Видевски и Кешишев кажаа дека не се под уцена од мене. Во времето кога Манев сликал, не бил под уцена. Заклучувам, дека со ќотек или не, факт е дека уште на 6.12.2023 година, Манев измислува дека јас сум зборувал со Вања. А на сивата лента кај Вања има негова ДНК“, кажа меѓу другото Палевски во судот.
Планот на Обвинителството, според него, бил за двете убиства да биде наместено друго лице, иако имало докази дека се извршени од три, а не четири лица.
„Основното јавно обвинителство не презентира докази, а медиумите го лажат народот по наредба на Обвинителството и на Гаврил Бубевски. Обвинителството функционира така што прима и послушно исполнува политички наредби.“, обвини Палевски.
Палевски кажа и дека нема никакви докази за комуникација со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, и дека тој бил измислен од Обвинителството како помагач во грабнувањето на девојчето. Во врска со барањето на Ѓорчевски да ја каже зошто е убиена Вања, Палевски рече дека одговорот на ова прашање треба да се бара преку Велес.
Попладнево службеник од Народната банка, кој е член на политичката партија „Десна“ предводена од Љупчо Палевски, беше приведен откако Велибор Манев, еден од обвинетите за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, го посочи како човекот на кој му го предал пиштолот што бил употребен при двојното убиство, со цел да биде уништен.
Станува збор за Зоран Д., технички службеник во Народната банка. Обвинителството потврди дека тој е приведен, но засега не е познато дали е пронајдено оружјето или е уништено, како што е посочено во сведочењето.
На денешното судење, Манев изјави дека по барање на Палевски, му го предал ранецот на сопартијецот што работи во банката и повтори дека не го познава таткото на Вања. Тој и натаму тврди дека признанието го дал под притисок и физичка принуда, а дополнително изјави дека Палевски имал двоен план.
Малолетната Вања од Скопје и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023, а на 2 декември истата година, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Судијата Ивица Стефановски, кој претседава со петчлениот судечки совет во овој предмет, по ова рече дека главната расправа е завршена.
Пресудата, како што соопшти тој, ќе биде изречена в среда на 25 јуни во 10 часот.
Путин и Си разговарале за ситуацијата на Блискиот Исток

Претседателите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин, разговарале телефонски за нестабилната ситуација на Блискиот Исток, објавија кинеските медиуми.
Путин го изложи ставот на Русија за ситуацијата на Блискиот Исток, наведувајќи дека израелскиот напад врз иранските нуклеарни објекти е „многу опасен“ и дека ескалацијата на конфликтот „не е во интерес на ниту една страна“, се вели во соопштението.
„Иранското нуклеарно прашање треба да се реши преку дијалог и преговори. Двете земји треба да ја обезбедат безбедноста на граѓаните на трети земји. Ситуацијата во регионот продолжува да се развива брзо, а Русија е подготвена да одржува тесна комуникација со Кина, со цел заеднички да придонесе за смирување на тензиите“, му рекол Путин на Си.
Си Џинпинг ги изложил принципите и ставот на Кина, наведувајќи дека ситуацијата на Блискиот Исток е „многу критична“ и дека ова „уште еднаш потврдува дека светот влегува во нов период на нестабилност“.
„Доколку конфликтот дополнително ескалира, не само што двете страни ќе претрпат големи загуби, туку и земјите во регионот ќе страдаат многу“, рече кинескиот лидер.
Си додал дека е итно неопходно да прекине огнот меѓу Иран и Израел.
„Војната не е вистинскиот начин за решавање на меѓународните спорови, бидејќи само ги продлабочува омразата и противречностите. Страните во конфликтот, особено Израел, треба што е можно поскоро да го прекинат огнот за да се спречи понатамошна ескалација“, рекол Си.
Според него потребно е да се обезбеди безбедноста на цивилите, а „црвената линија за заштита на цивилите во воените конфликти не смее да се премине“. Кинескиот претседател, исто така, рекол дека комуникацијата и дијалогот се „вистинскиот начин за постигнување траен мир“.
„Мораме непоколебливо да се придржуваме до општата насока на политичкото решавање на иранското нуклеарно прашање и да инсистираме на промовирање на враќањето на иранското нуклеарно прашање на патот на политичко решавање преку дијалог и преговори“, рекол Си.
Двајцата лидери, исто така, разговарале за меѓусебната политичка доверба и стратешката соработка на високо ниво меѓу Кина и Русија и се согласиле да одржуваат тесни размени на високо ниво и да ја промовираат соработката во различни области.
Еден загинат, најмалку 14 ранети во руски напад врз Одеса

Најмалку едно лице е убиено, а најмалку 14 лица се ранети во руски напад со беспилотни летала врз украинскиот град Одеса на Црното Море во текот на ноќта, при што се оштетени високи згради и железничка инфраструктура, соопштија локалните власти.
„И покрај активната работа на силите за воздушна одбрана, има штета на цивилната инфраструктура, вклучувајќи станбени згради, универзитет, гасовод и приватни автомобили, изјави регионалниот гувернер на Одеса, Олег Кипер, на мрежата Телеграм.
Тој објави фотографии од запалени куќи и јагленисани повеќекатници.
Локалните служби за итни случаи соопштија дека се извршени најмалку 10 напади со беспилотни летала врз станбени згради, предизвикувајќи огромни пожари.
Украинските воздухопловни сили денеска (20 јуни) соопштија дека Русија испратила 86 дронови против Украина во текот на ноќта.
Војската соопшти дека нејзините единици за воздушна одбрана собориле 34 дронови, додека 36 дронови биле или изгубени или биле имитации на дронови кои не носеле боеви глави.
Сепак, војската соопшти дека дроновите погодиле осум населени места.
Украинската државна железничка компанија „Укрзализниција“ соопшти дека железничката станица во Одеса била оштетена во нападот, при што биле оштетени електрични жици и пруги.
Во текот на ноќта, руски дронови го нападнале и Харкив во североисточна Украина, оштетувајќи неколку приватни и повеќекатни куќи, објавија локалните власти во Харкив.
Одеса е најголемото црноморско пристаниште во Украина, клучен центар за увоз и извоз, и е под постојани ракетни и беспилотни напади од Русија од почетокот на војната.
Израелската армија соопшти дека е погоден центар за истражување на оружје во Техеран

Израелската војска денеска (20 јуни) соопшти дека во текот на ноќта нападнала десетици цели во Техеран, вклучувајќи го и она што го нарече центар за „истражување и развој на проектот за нуклеарно оружје на Иран“.
Во соопштението, израелската војска наведе дека „завршила серија напади во срцето на Техеран: десетици цели биле погодени, вклучувајќи ги и погоните за производство на воени ракети и седиштето на SPND (Организација за одбранбени иновации и истражувања) за истражување и развој на проектот за нуклеарно оружје на Иран“.
Според израелската војска, седиштето на SPND „се користи за истражување и развој на напредни технологии и оружје што ги поддржува воените капацитети на иранскиот режим“.
Војската соопшти дека во текот на ноќта во четврток повеќе од 60 борбени авиони нападнале десетици воени цели.
„Меѓу целите биле места што произведувале компоненти за ракети и погони што произведуваат суровини што се користат во леење ракетни мотори“, додаде таа.
Војската, исто така, соопшти дека во текот на ноќта пресретнала четири беспилотни летала лансирани од Иран.
Во посебно соопштение, армијата во петокот соопшти дека погодила „три ракетни лансери подготвени за лансирање кон израелска територија“.
Израел, тврдејќи дека Иран е на работ на развој на нуклеарно оружје, започна воздушни напади врз својот најголем непријател пред една недела, предизвикувајќи смртоносна размена на напади/
Во меѓувреме, европските министри за надворешни работи ќе одржат разговори во петок со својот ирански колега, надевајќи се дека ќе постигнат дипломатско решение за војната, додека американскиот претседател Доналд Трамп размислува за можноста за вмешаност на САД.
Трамп ќе одлучи дали ќе го нападне Иран во следните две недели

Белата куќа објави дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе донесе одлука за евентуален напад врз Иран во следните две недели.
Во разговор со новинарите денес, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, се осврна на пораката од самиот Трамп во која се вели:
„Врз основа на фактот дека постои значителна веројатност за преговори со Иран кои може, а можеби и не може да се случат во блиска иднина, ќе донесам одлука дали да одам или не во следните две недели.“
Ливит додаде дека „преписката со Иран продолжува“.
На својата платформа Truth Social, Трамп го отфрли извештајот на „Волстрит џурнал“ - во кој се цитираа три лица запознаени со ова прашање во кој се вели дека им кажал на помошниците дека одобрил планови американските сили да се приклучат на Израел во нападите врз Иран, но дека чека да види дали Техеран ќе се откаже од својата нуклеарна програма.
„Волстрит џурнал нема поим какви се моите ставови во врска со Иран!“, напиша Трамп.
Блумберг, исто така, објави, цитирајќи лица запознаени со ова прашање, дека американските претставници се подготвуваат за потенцијален напад врз Иран во следните неколку дена, можеби во текот на викендот.
Во телевизиско интервју, премиерот Беџамин Нетанјаху рече дека Израел е „способен да ги погоди сите нуклеарни објекти на Иран“, но „дека секоја помош е добредојдена“.
„Трамп ќе направи што е добро за Соединетите Држави, а јас ќе направам што е добро за државата Израел“, рече Нетанјаху.
Иранскиот објект за збогатување ураниум Фордоу е скриен под планина и се смета дека е надвор од дофат на израелско оружје, но е подложен на американските „бункерски бомби“.
Израел на 19 јуни вети дека ќе ја „отстрани“ нуклеарната и балистичката ракетна закана од Техеран откако иранските воздушни напади погодија болница претходно во текот на денот.
Израелски воени претставници изјавија дека неколку населени области во земјата биле нападнати од Иран на 19 јуни, вклучувајќи ја и болницата во јужниот град Бершеба. Локалните медиуми објавија дека имало сериозна штета на еден оддел од болницата, при што 40 лица претрпеле главно полесни повреди.
Неуспешен 34-ти обид за конституирање на косовското Собрание

Ниту во 34-ти пат по ред, членовите на Косовското собрание не успеаја да го конституираат новиот парламент што произлезе од изборите на 9 февруари.
Ова е 26-ти пат Демократската партија на Косово (ДПК), Демократската лига на Косово (ЛДК), Алијансата за иднината на Косово (АИК) и Српската листа да не предложат по еден член за формирање комисија за тајно гласање за кандидатката на движењето Самоопределување, Албулена Хаџиу, за претседател на Собранието, бидејќи таа не успеа да ги добие потребните 61 глас на отвореното гласање.
Тие ќе се состанат повторно за 48 часа, во сабота, на 21 јуни.
По седницата, пратениците од Движењето „Самоопределување“ изјавија дека ја чекаат одлуката на Уставниот суд во врска со промената на начинот на гласање за претседател на Собранието.
Хаџиу, кандидатот на Самоопределување за претседател на Собранието, рече дека случајот е испратен до Уставниот суд пред пет недели и дека Судот „доцнел“ со донесувањето одлука. Таа рече дека прашањето што е поднесено е „едноставно“ и дека Уставниот суд треба или да прифати да го разгледа или да го прогласи за недозволено. Додаде дека ако партиите не ги прифатат резултатите од изборите, Косово треба да организира нови избори.
Сепак, за да се случи ова, потребно е прво да се конституира Собранието. Истото мислење го изрази и Артан Абраши од партијата.
Запрашан за барањето на другите партии за деблокирање на Собранието преку политички договор, тој рече дека „политичкиот злоба“ го држи Собранието како заложник. Коментирајќи ја средбата меѓу лидерот на Демократската лига на Косово, Лумир Абдиџику, и лидерот на Социјалдемократската иницијатива, Фатмир Лимај, Абраши рече дека ваквите состаноци не носат резултати.
Прашањето за промена на методот на гласање - од јавно во тајно - беше упатено до Уставниот суд од партиите што беа во опозиција во претходниот мандат.
Според нив, предлозите на Самоопределување не се во согласност со уставот и тие побараа од Судот да издаде „привремена мерка за суспендирање на одржувањето на седниците, сè додека итно не го разгледа ова прашање и не донесе одлука“.
Со оглед на тоа што земјата остана без нови институции повеќе од четири месеци по изборите, ЛДК - која заврши трета по број на гласови - презентираше план од 15 точки за формирање влада на единство, повикувајќи ги сите партии да учествуваат во формирањето на таков извршен орган со цел да се извлече земјата од кризата.
Овој предлог беше отфрлен од Самоопределување, додека ПДК и АБК објавија дека би претпочитале да формираат влада со партиите што беа во опозиција во претходниот мандат. Сепак, прашањето не може да се движи напред кон формирање нова косовска влада сè додека не се конституира Собранието.
Седницата за конституирање на Собранието започна на 15 април, а пратениците мора да изберат претседател и пет потпретседатели – за што се потребни 61 глас – за да се отвори патот за формирање на извршната власт.
Меѓународните актери апелираа до пратениците што поскоро да ги формираат новите институции.
Кавга меѓу советници ескалира во инцидент - прекината седницата во кочанскиот совет

Без завршница денеска остана 65. седница на Советот на Општина Кочани, откако најпрвин беше побарана пауза, а потоа поради инцидент меѓу советниците и обидот за тепачка, претседателот на советот Лазо Митев информираше дека го прекинува понатамошното разгледување на точките од дневниот ред.
Физичка пресметка изби откако претходно во вербална расправија влегоа советниците Аки Акиов и координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Мирче Стојков.
Советникот Аки Акиов од Партијата за демократски просперитет на Ромите, тргна вербално да се расправа со друг советник. Како што известуваат медиумите, додека се обидуваше да дојде до него, со шише вода ја погоди во глава Ана Кралева, помошник-раководител на Секторот за правни, јавни дејности и општи работи во Општина Кочани.
На инцидентот му претходеа дискусии околу повторниот предлог за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Струмица, се слушнаа дофрлања и меѓусебни навреди што беше и причина за инцидентот.
На почетокот на седницата беа прифатени предлозите во дневниот ред да се вметнат уште две точки што се однесуваат на ослободување од плаќање надоместок за гробните места во алејата на починатите во трагичниот пожар во клубот „Пулс“, како и иницијатива за имплементација на обука за самозаштита во образовните институции во општината.
По предлог на в.д. градоначалникот Венко Крстевски, на оваа седница повторно се најде на разгледување договорот за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Струмица, за што тој даде кратко образложение. Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ оценија дека предлогот може да почека за да нема селективност при инспекцискиот надзор на субјектите, а при обраќањето на советникот Аки Акиов дојде до вербални навреди и прекин на седницата.
Меѓусебни обвинувања помеѓу власта и опозицијата
За инцидентот на седницата се огласија од опозициската СДСМ.
Социјалдемократите најостро го осудуваат насилството што се случи на седницата на Советот на општина Кочани.
„Ги осудуваме и провидните сценарија на ВМРО-ДПМНЕ, кои со провокации и намерно поттикнување тензии се обидуваат да создадат конфликти и нестабилност во Кочани. Учесници во инцидентот се советник на ВМРО-ДПМНЕ и советник од Ромската партија, а повредена е вработена во општинската администрација – што дополнително ја отсликува сериозноста на овој инцидент. СДСМ целосно се оградува од постапките на советникот што го предизвика денешиот инцидент, потенцираме дека не станува збор за наш член туку коалициски партнер“, се вели во партиското соопштение.
Од таму велат дека очекуваат надлежните институции целосно да го расчистат случајот и да утврдат одговорност кај сите инволвирани.
„На Кочани му е потребна солидарност, стабилност и решенија, а не насилни сценарија инспирирани од политички калкулации на власта“, велат од СДСМ.
Реагираше и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од таму прашуваат дали в.д. градоначалникот Венко Крстевски и опозициската партија се нарачатели на насилство во советот.
„Заслепени од привремената власт, в.д. градоначалникот Венко Крстевски и СДСМ – изгледа дека и се режисери на агресијата и поделбите во Кочани. „Казна“ за негласање соработка со осуденик и лице на црната листа на САД, стигнува преку советник насилник кому токму тие му даваат безрезервна поддршка. Дополнително СДС шири говор на омраза и дезинформации по социјални мрежи. Бараме веднаш оставка од Венко Крстевски и јавно извинување од СДСМ за поддршката на насилство и хаос“, се вели во соопштението на владејачката партија.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете