Достапни линкови

Вести

Повеќе репрезентации на Светско во фудбал?

Претседателот на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино презентираше идеја според која ќе се зголеми бројот на учесници на Светското првенство. За време на изборната кампања тој се залагаше за Мундијал со 40 земји-учеснички, а сега ја презентираше идејата за учество на 48 репрезентации.

Според новата идеја, 32 учесници на стартот на Светското првенство ќе играат „нок аут" натпревари, а победниците ќе се приклучат на останатите 16 и ќе се продолжи со вкупно 32 национални тимови во групната фаза.

Одлука за зголемување на бројот на учесници ќе се донесе во јануари 2017 година, а за овој предлог ќе се дискутира месецов, изјави Инфантино.

Идејата е 16 екипи директно да се квалификуваат за фазата по групи, а останатите 32 екипи да играат во прелиминарната фаза,

види ги сите денешни вести

Газа официјално гладува, вели глобален монитор за глад

Палестинско момче трча додека пакети со помош се испуштаат од авион, во Деир Ал-Балах, централen дел од Појасот Газа, 12 август 2025
Палестинско момче трча додека пакети со помош се испуштаат од авион, во Деир Ал-Балах, централen дел од Појасот Газа, 12 август 2025

Газа и околните области официјално страдаат од глад и ова веројатно ќе се прошири, утврди денеска (22 август) глобален мониторинг за глад - проценка што ќе го ескалира притисокот врз Израел да дозволи повеќе помош на палестинската територија, пренесе Ројтерс.

Интегрираната класификација на фази на безбедност на храната (IPC) - глобална иницијатива на агенциите на Обединетите нации што работи на идентификување на состојбите со глад соопшти дека 514.000 луѓе, или близу една четвртина од Палестинците во Газа, се соочуваат со глад, а бројот се очекува да се зголеми на 641.000 до крајот на септември.

Околу 280.000 од тие луѓе се во северниот регион што го опфаќа градот Газа, за кој IPC соопшти дека е во глад по речиси двегодишната војна меѓу Израел и милитантите на Хамас - палестинско движење кое САД и ЕУ го сметаат за терористичко.

Ова e првпат IPC да регистрира глад надвор од Африка, а глобалната иницијатива предвиде дека условите за глад ќе се прошират во централните и јужните области на Деир ал-Балах и Кан Јунис до крајот на следниот месец.

Додаваат дека ситуацијата подалеку на север може да биде уште полоша отколку во градот Газа, но дека ограничените податоци спречуваат каква било прецизна класификација.

Ројтерс претходно објави за борбата на IPC да добие пристап до податоците потребни за проценка на кризата.

„Тоа е глад што можевме да го спречиме доколку ни беше дозволено. Сепак, храната се натрупува на границите поради систематската опструкција од страна на Израел“, рече шефот на хуманитарната помош на ОН, Том Флечер.

Израел ги отфрли наодите како лажни и пристрасни, велејќи дека IPC го базира своето истражување на делумни податоци во голема мера обезбедени од Хамас, кои не го земале предвид неодамнешниот прилив на храна.

Извештајот е „целосна лага“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Тоа е модерна крвава клевета, која се шири како шумски пожар преку предрасуди. Историјата ќе им суди на оние што ја продаваат“, рече тој во соопштението.

За еден регион да биде класифициран како регион во глад, најмалку 20% од луѓето мора да страдаат од екстремен недостиг на храна, при што едно од три деца е акутно неухрането, а две лица од секои 10.000 умираат секојдневно од глад или неухранетост и болести.

Претходно, IPC имаше регистрирано глад само во Сомалија, Јужен Судан и Судан. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека гладот во Газа е „катастрофа предизвикана од човекот, морална пресуда и неуспех на самото човештво“.

Тој повика на итен прекин на огнот, ослободување на сите заложници што сè уште ги држи Хамас, како и неограничен пристап до хуманитарна помош.

Шефот на ОН за човекови права, Волкер Турк, предупреди дека смртните случаи од глад би можеле да претставуваат воено злосторство.

Војната во Газа почна на 7 октомври 2023 година, кога Хамас уби 1.200 луѓе во јужен Израел и зеде околу 250 заложници, според израелските пресметки.

Оттогаш, во воената кампања на Израел се убиени повеќе од 62.000 Палестинци, според здравствените власти во Газа.

САД, Катар и Египет се обидуваат да посредуваат за завршување на конфликтот.

За 8,4 проценти скок на просечната јунска плата во однос на ланската, најмногу во образование и здравство

Илустрација - Македонски денари
Илустрација - Македонски денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јуни годинава е 45 468 денари. Ова е за 8.4 проценти повеќе во однос на јуни 2024, објави денеска (22 август) Државниот завод за статистика (ДЗС).

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на порастот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Образование за 14.7 проценти, Дејности на здравствена и социјална заштита за 12.7 проценти и Рударство и вадење камен за 12.2 проценти.

Инаку, Владата и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) во октомври 2024 постигнаа договор во ноември наставниците и професорите да добијат 5% повисоки плати и платите континуирано да им растат во следните четири години.

И здравствените работници добија покачување со октомвриската плата во 2024 година, а мартовската плата исплатена во април им беше повисока за 2500 денари.

Намалување во однос на претходниот месец, ДЗС забележува во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување за 7.5 проценти, Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 4.3 проценти и Транспорт и складирање за 2.1 процент

Инаку, во јуни 2025 просечната месечна исплатена бруто-плата била 68 340 денари.

update

Вучиќ ги пoвика претставниците на демонстрантите на јавна дебата, тие одбија додека не се распишат избори

Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска (22 август) ги покани претставниците на демонстрантите на јавна дебата.

Како што објави на Инстаграм, тој понуди разговор пред телевизиските камери и на сите портали.

„Ги поканувам претставниците на движењето за блокада да разговараме за визиите, плановите и програмите за иднината и заедно да го осудиме насилството на нашите улици“, рече Вучиќ во видео објава.

Протестите во Србија траат повеќе од девет месеци, првенствено со барање да се утврди одговорност за смртта на 16 лица при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Студентите што ги предводат протестите додадоа и барање за предвремени парламентарни избори. Тие веруваат дека ова е неизбежен потег бидејќи „државата не направила ништо за да се справи со одговорноста за несреќата“.

Во исто време, владата одбива да распише предвремени избори.

Студентите одговорија на повикот на Вучиќ

Студентите на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Белград објавија дека ќе разговараат со српскиот претседател Александар Вучиќ кога ќе распише избори.

„Очигледно е дека тој нема одговор на народниот бунт, па сега и би разговарал со нас, кои со месеци не нарекува терористи. Ќе дебатираме за визиите и програмите за иднината, во изборната кампања, кога ќе распише избори“, рекоа студентите на Филозофскиот факултет во блокадата.

Студентите на Земјоделскиот факултет во Белград напишаа „може, кога ќе се распишат избори“.

Правниот факултет во Ниш објави „Распиши избори. Немаме за што друго да разговараме“.

Шефот на државата повика на дијалог откако речиси десет месеци антивладини протести на граѓаните ескалираа во последните две недели низ цела Србија.

Протест во Белград, Србија, 15 август 2025 год.
Протест во Белград, Србија, 15 август 2025 год.

Во изминатите 15 дена, студентските и граѓанските протести во Србија се одржуваат во масовни размери низ целата земја, со полициска интервенција која ги разбива демонстрациите со сила, солзавец и шок бомби, а сето ова е придружено со апсења на учесници, од кои некои се тешко претепани.

На повеќе од 30.000 собири одржани од минатиот декември, студентите и другите граѓани бараат одговорност од владата на Српската напредна партија, чиј претседател до мај 2023 година беше Вучиќ, за смртта на 16 лица при уривањето на настрешницата на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.

Во мај, тие побараа и предвремени парламентарни избори.

„Со месеци има јасни и конкретни барања од студентите. Додека од државата со месеци има само тепања и отворени закани кои се влошуваат секој ден. Има простор за дебата за време на изборната кампања. Тоа нè чека откако ќе се распишат изборите“, рекоа денеска студентите на Електронскиот факултет во Ниш во јавен одговор на повикот на Вучиќ.

Комесарот на ОН повикува на прекин на насилството

Високиот комесар на Обединетите нации (ОН) за човекови права, Фолкер Турк, денеска повика на прекин на насилството на протестите во Србија.

„Мирно решение е единствениот излез од оваа тешка ситуација“, рече Турк.

Во објава на X, тој повика на почитување на правото на мирно собирање, воздржаност и одговорност „за неоправданата употреба на сила од страна на полицијата“.

Вучиќ во објавата рече дека „некои луѓе во нашата земја сакаат промени“.

„На почетокот тие го маскираа тоа со барања за правда, а потоа отворено почнаа да зборуваат за политички промени и барања за избори, иако претходно ги отфрлаа. И покрај сè лошо што мислам за нивните барања, мислам дека е многу важно да ги слушнеме и да се сослушаме едни со други. Мислам дека е клучно да го обновиме дијалогот во нашата Србија“, истакна Вучиќ.

Тој нагласи дека во претходниот период се обидувал да ги слуша своите политички противници, но признава дека не секогаш го правел тоа доволно.

„Го прифаќам тоа како моја грешка, но сум подготвен, не да зборувам за насилство на улиците, бидејќи не ни треба никаква граѓанска војна, конфликти и насилство... Сакам да зборувам за иднината на Србија. Сите заедно, бидејќи тоа е најдобро за нашата Србија“, рече тој.

„И затоа, како што изјави, „тој предлага и нуди разговор и дебата на сите наши телевизии и портали, со легитимни претставници, кои тие ги избираат“.

„Кога велам тие, мислам на претставници на движењето за студентска блокада – професори, политичари, студенти... Ајде да влеземе во дијалог, во дебата со оние кои мислат поинаку. Тие имаат право да го бараат тоа од својот претседател, вклучително и избори“, рече српскиот претседател.

Додека протестите ширум Србија продолжуваат, нападите врз демонстрантите од страна на поддржувачите на Српската напредна партија на Вучиќ се интензивираа.

Комесарот за заштита на рамноправноста на Србија, Бранкица Јанковиќ, реагираше на извештаите за прекумерна употреба на сила од страна на органите за спроведување на законот, особено против малолетници, новинари и жени, вклучително и случај во кој полицаец се закани дека ќе силува притворена студентка.

Таа повика на прекин на насилството и ги повика припадниците на Министерството за внатрешни работи (МВР) да се однесуваат подеднакво кон сите граѓани.

Хидросистемот Ѓавато ќе биде целосно саниран, вети премиерот Мицкоски

Санација на хидросистем Ѓавато, Дојранско езеро, 22 август 2025
Санација на хидросистем Ѓавато, Дојранско езеро, 22 август 2025

Пристапуваме кон системско санирање на хидросистемот Ѓавато и тој во најскоро време ќе биде целосно оперативен и функционален, најави премиерот Христијан Мицкоски по денешниот увид во градежните активности за санација на хидросистемот во Дојран.

Мицкоски рече дека биле детектирани места каде што има пукнати цевки кои треба да ја донесат водата до базенот од каде со други пумпи водата ќе биде однесена во Дојранското Езеро и потсети дека три, четири години хидросистемот функционирал со расипан цевковод.

Премиерот порача дека во најскоро време ќе бидат санирани овие дефекти со што ќе се зголеми капацитетот на вода која ќе доаѓа до резервоарот од каде со други пумпи ќе биде пренасочена кон езерото.

„Во периодот што следи планираме да оспособиме најмалку четири пумпи, а потоа уште дополнителни две со што цениме дека ќе ги задоволиме потребите за во најскоро време Дојранското Езеро да го добие изгледот кој што заслужува да го добие за да го користат сите граѓани“, посочи Мицкоски.

Во моментов работат две бунарски потопни пумпи со капацитет од по 100 литри во секунда од вкупно десет со вкупен капацитет од 1.000 литри во секунда. Премиерот најави дека ќе се санираат и потисните пумпи кои ја буткаат водата кон Дојранското Езеро.

Во последниот месец водата на Дојранското езеро драстично се повлече. Според мерењата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), нивото на Дојранското Езеро скоро една година постојано е околу 80 сантиметри под договорениот минимум.

Откако поради енергетската криза пред 4 години, со одлука на тогашната Влада пумпите во Дојранското езеро беа целосно исклучени, во октомври минатата година министерот за животна средина Изет Меџити пушти во употреба три, со најава дека останатите ќе бидат реконстуирани

Кац: Градот Газа може да биде уништен ако Хамас не се согласи со нашите услови

Градот Газа
Градот Газа

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека градот Газа може да биде уништен ако Хамас не се согласи да се разоружа и да ги ослободи сите заложници.

Изјавата на Кац дојде откако израелскиот кабинет одобри планови за голем напад врз Газа и покрај широкото меѓународно и домашно противење.

Во понеделник, палестинското движење Хамас, кое САД и ЕУ го сметаат за терористичко, прифати предлог од катарските и египетските медијатори за 60-дневен прекин на огнот, кој, според Катар, би вклучувал ослободување на половина од преостанатите заложници во Газа.

Сепак, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наводно го отфрлил предлогот, велејќи дека дал инструкции да се започнат преговори за ослободување на сите преостанати заложници и крај на војната во Газа под услови „прифатливи за Израел“.

Израел верува дека само 20 од 50-те заложници сѐ уште се живи по 22 месеци војна.

Израелските медиуми објавија изјава од службено лице дека преговарачите ќе бидат испратени на обновени разговори штом ќе се утврди локацијата.

Во видео изјава за време на посетата на седиштето на Израел во Газа во четвртокот вечерта, Нетанјаху рече дека „дал инструкции за итно започнување преговори за ослободување на сите наши заложници“.

„Дојдов да ги одобрам плановите на Израелските одбранбени сили за преземање на контролата врз градот Газа и пораз на Хамас“, изјави тој.

„Овие две цели - поразот на Хамас и ослободувањето на сите наши заложници - одат рака под рака“, додаде Нетанјаху, без да даде детали за следната фаза од преговорите.

Поддржувајќи ја пораката на Нетанјаху, министерот за одбрана Кац на социјалните мрежи објави:

„Наскоро портите на пеколот ќе се отворат врз главите на убијците и силувачите на Хамас во Газа - сè додека не се согласат со условите на Израел за завршување на војната, кои првенствено се ослободување на сите заложници и нивно разоружување. Ако не се согласат, Газа, главниот град на Хамас, ќе стане како Рафа и Бејт Ханун“, додаде Кац.

И двата града беа срамнети со земја за време на претходните израелски воени операции.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) ги предупредија медицинските служби и меѓународните организации да се подготват за планираната евакуација на целото население на градот Газа, околу еден милион луѓе, во засолништа на југ, пред трупите да влезат во градот.

Министерството за здравство во Газа, управувано од Хамас, соопшти дека го отфрла „секој потег што дополнително би го загрозил она што останало од здравствениот систем“.

ООН соопшти дека интензивираните напади и „немилосрдното бомбардирање“ на градот Газа предизвикуваат „голем број цивилни жртви и огромно уништување“. ООН и хуманитарните организации ветија дека ќе останат за да им помогнат на оние кои не можат или не сакаат да го напуштат градот. Постојат стравувања дека новата воена офанзива во градот Газа дополнително ќе ја продлабочи хуманитарната криза.

update

По дојавата за бомба во Собранието на Република Српска, усвоена оставката на премиерот и Владата

Пратеници, функционери, вработени и поддржувачи на Милорад Додик пред зградата на Народното собрание на Република Српска во Бања Лука, 22 август 2025 година.
Пратеници, функционери, вработени и поддржувачи на Милорад Додик пред зградата на Народното собрание на Република Српска во Бања Лука, 22 август 2025 година.

Народното собрание на Република Српска ја усвои оставката на премиерот на ентитетот Радован Вишковиќ со 60 гласа „за“ од 73 присутни пратеници, со што се поништува и оставката на Владата на РС.

„Немав друг избор. Уставот и Законот за Владата на РС се повеќе од јасни. Премиерот нема право да прави измени во составот на владата на повеќе од една третина од нејзиниот состав во текот на четиригодишен мандат“, објасни Вишковиќ во своето обраќање пред пратениците.

Тој објасни дека двајца министри поднеле оставка од морални причини, а еден од Владата на РС преминал во Државниот совет на министри на Босна и Херцеговина.

Меѓу другото, тој повика на „единство и единство за да се спаси Република Српска“, по пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против поранешниот претседател на Република Српска Милорад Додик и одлуката на Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина да му се одземе мандатот.

Радован Вишковиќ поднесе оставка од функцијата премиер на Република Српска на 18 август.

Вишковиќ е член на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик и е еден од осомничените во истрагата на Обвинителството на Босна и Херцеговина за кривично дело напад врз уставниот поредок.

Освен Вишковиќ, за истото кривично дело се обвинети и поранешниот претседател на РС Додик и Ненад Стевандиќ, претседателот на ентитетскиот парламент.

Од јули 2023 година, Вишковиќ е на списокот на санкционирани лица на Соединетите Американски Држави поради закани за Дејтонскиот мировен договор и закани за суверенитетот на Босна и Херцеговина.

Вишковиќ е на чело на Владата на Република Српска од 2018 година. Додик, претседател на СНСД, објави дека Вишковиќ ќе продолжи да работи како директор на ентитетското јавно претпријатие „Автопатеви Република Српска“.

Инаку, Народното собрание на Република Српска денеска(22 август) треба да расправа за предлогот за распишување референдум во врска со одлуките на Државниот суд и Централната изборна комисија против поранешниот претседател на овој ентитет, Милорад Додик.

Откако пратениците влегоа во салата на Народното собрание на Република Српска, службите ги информираа дека е примена анонимна дојава за поставена бомба.

Сите се евакуирани од зградата, а полицијата чека контрасаботажна инспекција.

Анонимната дојава за поставена експлозивна направа во зградата на парламентот е испратена од мобилен телефон од Босна и Херцеговина и дека припадниците на полицијата интензивно ги проверуваат собраниските простории.

На 1 август, Судот на Босна и Херцеговина го осуди на една година затвор за непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит. Тој ја откупи затворската казна за околу 18 000 евра, но му беше забрането да работи во институции шест години.

Додик поднесе жалба до Уставниот суд на Босна и Херцеговина, додека јавно тврди дека не ги признава ниту Судот на Босна и Херцеговина, ниту Уставниот суд, ниту Шмит, ниту нивните одлуки, како и одлуката на ЦИК на Босна и Херцеговина.

Денот пред седницата, Додик го повика високиот претставник да ги повлече измените во Кривичниот законик на Босна и Херцеговина што доведоа до пресудата на Додик, предлагајќи Народното собрание, да повлече дел од законот што претходно го усвои.

Шмит, користејќи ги таканаречените Бонски овластувања, кои му дозволуваат да наметнува закони и да разрешува функционери, во последните години поништи голем број закони донесени од Народното собрание на РС, во кое партијата на Додик има мнозинство, и забрани финансирање на Сојузот на независни социјалдемократи на Додик од буџетот, како и на владејачката Обединета Српска.

Државниот Уставен суд на Босна и Херцеговина, исто така, поништи бројни закони, пред сè оние поврзани со располагањето со државен имот.

„Оне Македонија телекомуникации“ на унгарски „4iG“, единствен понудувач на тендерот за трет мобилен оператор

„Оне Македонија телекомуникации“, фирма на унгарската „Фор-ај-џи“(4iG), е единствената компанија која доставила понуда на тендерот на Агенцијата за електронски комуникации за доделување одобренија за нов мрежен оператор.

Комисијата за спроведување на тендерот со јавно наддавање денеска на отворањето на понудите во АЕК констатираше дека понудувачот ги доставил сите потребни документи.

„Постапката ќе продолжи согласно законот. Следува евалуација на документацијата, по што ќе се изготви извештај“ – изјави Игор Бојаџиев, претседател на Комисијата.

Бидејќи се распишани локалните избори, одлуката, доколку е се во ред, ќе биде донесена по завршување на изборниот процес.

Тендерска документација за трет мпбилен оператор подигнале 3 компани.

Потенцијалниот нов мобилен оператор во земјава, според условите од тенедерот, треба да почне со работа на крајот на 2026 година.

Писмото со намери за влез на македонскиот телекомуникациски пазар кое на 6 август лани го испрати унгарската компанија „4IG“ прерасна во Меморандум за разбирање, на кој заеднички потпис на 2 септември 2024 ставија претседателот на групацијата Гелерт Жасзаи и министерот за транспорт и врски Александар Николовски.

Од унгарската групација, лани за РСЕ, за меморандумот соопштија.
„Овој Меморандум за разбирање е првиот чекор од можна долгорочна соработка. Всушност, тоа покажува заемна посветеност „4iG“ да влезе на македонскиот пазар. Групацијата „4iG“ е присутна во Албанија и Црна Гора со брендот ОНЕ и е дел од долгорочната деловна стратегија за проширување на мрежата во регионот. Значи, Македонија е една од пресвртниците во оваа експанзија“, одговорија од „4IG“ за РСЕ.

Српската листа ја нарече „нелегална“ одлуката на ЦИК да не ја сертификува на изборите

Златан Елек, претседател на Српската листа
Златан Елек, претседател на Српската листа

Српската листа ја оцени како „нелегална и дискриминаторска“ одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) да не ја сертификува оваа најголема партија на косовските Срби, која ја ужива поддршката на Белград, за октомвриските избори во Косово.

Претседателот на Српската листа, Златан Елек, на прес-конференција на 22 август изјави дека иако Канцеларијата за политички партии препорачала сертифицирање, ЦИК одлучила да ја отфрли таа препорака.

„Јасно е дека Албин Курти, (вршител на должноста премиер) и неговиот член во ЦИК, пред сè мислам на Албан Красниќи, сопругот на Аљбулена Хаџија (в.д. министерка за правда), не можат да ѝ простат на Српската листа што не е избрана на функцијата претседател на Собранието на Косово“, рече тој.

„Оваа реакција на Курти е, пред сè, добивање бесплатни политички поени. Ќе ги преземеме сите потребни законски мерки за да обезбедиме прво сертифицирање на сите кандидати, и за градоначалници и за советници“, додаде Елек.

Според Елек, што се однесува до политичката застапеност на Србите на Косово, од едната страна е неговата партија, додека од другата страна се „некои квазисрпски партии поддржани од Албин Курти“, додавајќи дека Курти „сака да го подели српското политичко тело“.

Игор Симиќ од Српска листа изјави дека жалбата против одлуката на ЦИК е напишана и ќе биде испратена до Изборниот одбор за жалби и поплаки по прес-конференцијата.

Српската листа може да поднесе жалба против одлуката до Изборниот одбор за жалби и поплаки (ЕПГ), кој, според некои правни експерти, ќе ја поништи одлуката на ЦИК. Слична ситуација постоеше и пред парламентарните избори во февруари, кога Изборниот одбор за жалби и поплаки поништи одлуката на ЦИК, па Српската листа освои девет мандати.

На седницата на ЦИК на 21 август, предлогот за сертифицирање на Српската листа доби само два гласа „за“, два беа „против“ и седум воздржани.

Српската листа одлучи да учествува на локалните избори оваа година, по бојкотот на претходните локални избори на кои градоначалниците Албанци ја презедоа и ја задржаа власта во четири општини со српско мнозинство на северот од земјата од мај 2023 година.

Доколку биде сертифицирана, се очекува Српската листа повторно да ги преземе сите четири општини на северот од Косово: Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Српската листа беше на власт во сите десет општини со српско мнозинство во Косово до ноември 2022 година, кога одлучи да ги напушти институциите на северот, поради барањето на Владата на Косово да ги замени српските регистарски таблички за автомобили со косовски.

Дождот го изгасна пожарот во Јасен

илустрација
илустрација

Дождот што заврна врнеше нешто повеќе од два часа на подрачјето на ловиштето „Јасен“, помогна пожарот да биде изгаснат, соопштија денеска од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

„Но и покрај поголемата количина на заврнат дожд, на некои места од пожарната линија сè уште може да се забележи чадење, поради што по кревањето на маглата и чадот, ќе продолжиме со пешадиско дејствување врз жешките точки што покажуваат знаци на горење. Овој терен ќе биде пребаран и со дронови со термални камери. Екипи на ЈП „Јасен“ продолжуваат со патролирање сè додека не се потврди дека пожарот е целосно изгаснат“, се наведува во соопштението од Дирекцијата.

Оттаму апелираат граѓаните да бидат внимателни со цел да не предизвикаат пожар, како и да го пријават секое сомнително однесување.

„Доколку граѓаните забележат електрични жици што се допираат или искрат, веднаш да пријават во „ЕВН“ или на бројот 112“, се додава во соопштението на ДЗС.

Борбата со големиот шумски пожар на ова место траеше повеќе од 10 дена. На терен беа и специјалци од армијата и полицијата од елитните единици „волци“ и „тигри“, претежно алпинисти, кои работат во опасни услови на расчистување на појасот и за сузбивање на огнената стихија.

Поради честите пожари летово, на територијата на цела држава е прогласена кризна состојба, која Владата на седница на 7 август ја продолжи за нови 30 дена.

За да се зајакнат капацитетите во справување со пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување преку општините потпиша договори со 352 граѓани што се пријавија на неодамнешниот повик за обука на пожарникари.

САД ги проверуваат визите на повеќе од 55 милиони странски државјани

илустрација
илустрација

Американската администрација на 22 август објави дека проверува повеќе од 55 милиони луѓе со важечки американски визи за какви било прекршувања што би можеле да доведат до депортација.

Ова е дел од сè построгата акција против странците на кои им е дозволено да останат во САД.

Во писмен одговор на прашање од АП, Стејт департментот рече дека сите носители на визи, вклучително и странските туристи, се предмет на постојан преглед за да се утврди дали не се „подобни“ за влез или престој во Соединетите Држави.

Доколку се пронајдат такви информации, визата ќе биде поништена и, доколку носителот на визата веќе е во САД, тој или таа ќе биде депортиран, додаде Стејт департментот.

Откако претседателот Доналд Трамп ја презеде функцијата, неговата администрација се фокусираше на депортирање на мигранти кои се нелегално во САД, како и на носители на студентски визи и визи за размена.

Пораките од Стејт департментот укажуваат дека тековниот процес на проверка, за кој официјалните лица признаваат дека одзема многу време, значително се зголемил и дека дури и оние кои имаат дозвола за престој во САД можат нагло да ја повлечат.

Минатата година, во САД имало 12,8 милиони луѓе со зелени карти и 3,6 милиони луѓе со привремени визи, според Министерството за внатрешна безбедност.

Бројката од 55 милиони укажува дека некои од луѓето што се разгледуваат може да бидат надвор од САД со туристички визи со повеќекратен влез, изјави Џулија Гелат од Институтот за миграциска политика.

Таа ја доведе во прашање вредноста на трошењето ресурси за луѓе кои можеби никогаш нема да се вратат во САД.

Стејт департментот соопшти дека се фокусира на индикатори за неподобност, вклучувајќи луѓе што престојуваат подолго од нивните визи, криминални активности, закани за јавниот ред, вклученост во каква било терористичка активност или давање поддршка на терористичка организација.

„Ги разгледуваме сите достапни информации како дел од нашиот преглед, вклучувајќи ги полициските или имиграциските евиденции или какви било други информации што ќе се појават по издавањето виза што може да укажуваат на потенцијална неподобност“, соопшти Стејт департментот.

САД, исто така, ќе престанат да издаваат работни визи за возачи на комерцијални камиони, објави вчера државниот секретар Марко Рубио на мрежата X.

„Зголемениот број странски возачи кои возат големи камиони со приколки по американските патишта ги става во опасност животите на Американците и ја загрозува заработката на американските камионџии“, напиша Рубио.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG