Вести
Десницата и левицата поднесоа иницијативи за изгласување недоверба на Еврокомисијата

Пратеничките групи Патриоти за Европа (ПФЕ) и Левица поднесоа одвоени предлози до Европскиот парламент за изгласување недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен.
Потпретседателката на десничарската ПФЕ, унгарската европратеничка Кинга Гал од партијата Фидес, информира дека нивната иницијатива ја потпишале сите 85 пратеници на групата, со што е надминат потребниот минимум од 72 потписи за поднесување предлог за гласање недоверба на Еврокомисијата.
„Оваа Комисија и нејзината претседателка не успеаја во мирот, трговијата, конкурентноста, миграцијата“, изјави Гал, додавајќи дека ПФЕ официјално ја поднела својата иницијатива во средата по обраќањето за „Состојбата на ЕУ“ на Фон дер Лајен пред европратениците.
Претседателот на ПФЕ и лидер на францускиот Национален собир (РН), Жордан Баредла, пак, оцени дека Комисијата покажала оти е немоќна да се справи со предизвици на ЕУ на меѓународната сцена.
Главните забелешки на Патриотите на работата на Еврокомисијата се однесуваат на двата трговски договори – со земјите од Меркосур и со САД.
Бардела оцени дека трговскиот договор со латиноамериканските земји членки на организацијата Меркосур претставува „предавство“ за земјоделците и животната средина во ЕУ. Тој смета дека доколку се спроведе, Договорот со Меркосур би имал катастрофални последици по француското земјоделство.
Во меѓу време копретседателката на пратеничката група Левица, француската европратеничка Манон Обри од партијата Непокорна Франција (ЛФИ), информира дека и ова политичко семејство на европската екстремна левица официјално поднело своја иницијатива за изгласување недоверба на Европската комисија.
Според извори во групата, покрај припадници на Левицата, потписи на иницијативата ставиле и „членови на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) или на Зелените“, како и европратеници кои не се дел од ниту една групација во ЕП.
И во инцијативата на Левицата се критикува трговската политика на ЕУ и договорите со САД и Меркосур, но и „неуспехот на Комисијата“ да реагира на „прекршувањата на меѓународното и хуманитарното право во Газа“. Дополнително според Левицата, Европската комисија го игнорира кршењето на меѓународното право од страна на Израел во Газа, каде што „израелската Влада користи глад, уништување на инфраструктурата и неселективни напади, што претставуваат геноцид“.
Сега службите на Европскиот парламент треба да ја проверат веродостојноста на потписите на иницијативите и да ги верификуваат, по што ако утврдат дека предлозите ги исполнуваат барањата ќе ги достават до претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, која е должна да свика пленарна седница по барањата.
Се очекува целата постапка и евентуалните расправи во Европарламентот да се одржат во октомври. За да бидат усвоени иницијативите треба да добијат поддршка од најмалку две третини од пратениците што ќе учествуваат во гласањето, при што бројот на оние што гласале „за“ треба да е поголем од половина од вкупниот број европратеници. Во сегашниот состав на Европарламентот има 720 пратеници.
Данска планира да купи систем за воздушна одбрана за 7,6 милијарди евра

Данска планира да купи системи за воздушна одбрана за 7,67 милијарди евра, што е нејзина најголема набавка на оружје досега, изјави во петок (12 септември) министерот за одбрана на земјата, Троелс Лунд Поулсен.
Во февруари, премиерката Мете Фредериксен ѝ нареди на војската да „купува, купува, купува“ како подготовка за потенцијална идна руска агресија во Европа, објави Ројтерс.
„Нема сомнение дека безбедносната ситуација е загрозена. Видовме како Русија го наруши воздушниот простор на Полска со неколку дронови...Тоа е потсетник за сите нас колку е важно да ја зајакнеме нашата борбена моќ“, им рече Поулсен на новинарите.
Данска планира да набави осум системи, вклучувајќи ги и оние со долг дострел од француско-италијанската платформа SAMP/T, заедно со системи со среден дострел произведени од Норвешка, Германија и Франција.
Европските системи можат да бидат испорачани побрзо и поевтино од американскиот противракетен систем „Патриот“, изјави Пер Пуголм Олсен, раководител на Данската организација за набавки и логистика во одбраната.
Полска во среда собори сомнителни руски дронови во својот воздушен простор, поддржана од авиони од нејзините сојузници во НАТО, што е прв пат членка на Алијансата да отвори оган за време на војната на Русија против Украина.
Болсонаро осуден на 27 години затвор за обид за државен удар

Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро е осуден на повеќе од 27 години затвор за обид за државен удар, објави Врховниот федерален суд на земјата. Четворица од петте судии гласаа за осуда на Болсонаро.
Според обвинителите и судиите, поранешниот претседател планирал државен удар со воени претставници и сојузници против владата на неговиот левичарски наследник, Луиз Инасио Лула да Силва, по неговиот пораз на изборите во 2022 година. Според обвинителството, тој планирал да воведе вонредна состојба и да распише нови избори - но не успеал да ја добие поддршката од военото раководство.
Пресудата го прави 70-годишникот првиот поранешен бразилски претседател осуден за обид за државен удар по напуштањето на функцијата. Бидејќи понатамошни правни лекови сѐ уште се можни пред Врховниот суд, затворската казна нема да се изврши веднаш. Сепак, експертите велат дека оспорувањето на пресудата е малку веројатно.
Судот го поврзува Болсонаро со немирите од 8 јануари 2023 година. На 8 јануари 2023 година, поддржувачите на десничарскиот политичар упаднаа во Конгресот, Врховниот федерален суд и претседателската палата во Бразилија. Иако Болсонаро беше во Соединетите Држави тој ден, судот го сметаше за индиректно одговорен за настаните.
Неговите адвокати ги негираа обвинувањата во текот на целата постапка. Поранешниот претседател не се појави самиот на суд.
Од почетокот на август, Болсонаро е во домашен притвор поради прекршување на претходните судски услови. Експертите велат дека прегледот на поединечните точки од страна на целиот состав од 11 судии би бил можен само ако најмалку двајца судии се спротивставиле.
Адвокатите на Болсонаро сè уште можат да оспорат формални двосмислености во пресудата, но поголеми суштински промени се малку веројатни. Казната ќе стане конечна и извршна само откако ќе се решат тие прашања.
Зеленски и Келог разговарале за безбедносните гаранции за Украина

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски на Телеграм објави дека на синоќешната средба во Киев со специјалниот пратеник на американскиот претседател Кит Келог разговарале за векторите на соработка и како „да се постигне мир и да се гарантира безбедноста на Украина“.
„Ова се одделни проекти во рамките на иницијативата PURL за финансирање на производството и купувањето на системот „Патриот“, силни билатерални договори за заедничко производство на беспилотни летала и оружје, што ѝ ги понудивме на Америка. Сметаме на позитивна реакција од САД“, наведе Зеленски на Телеграм.
Тој додаде дека на средбата со Келог се разговарало и да се изврши притисок врз Москва „за да можеме што поскоро да разговараме за царинската политика и санкциите и што поскоро да се сретнеме на раководно ниво и да ја завршиме оваа војна“.
За Зеленски „несомнено најефикасен“ е трилатерален формат на лидери.
Русија вели дека украински дронови нападнале центар за обука во нуклеарната централа Запорожје

Украински беспилотни летала нападнаа центар за обука во нуклеарната централа Запорожје на 11 септември, соопшти администрацијата на нуклеарната централа во Украина, инсталирана во Москва, јави агенцијата Ројтерс.
Нема жртви, а информациите за потенцијална штета се утврдуваат, соопшти администрацијата на централата.
Ројтерс не можеше независно да го потврди ова тврдење.
Руските сили ја зазедоа централата Запорожје во првите недели од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
И едната и другата страна меѓусебно се обвинуваат за пукање или преземање други дејствија што би можеле да предизвикаат нуклеарна несреќа.
Ирска се закани дека ќе се повлече од Евровизија ако учествува Израел

Ирската државна телевизија РТЕ објави дека нема да учествува на евровизискиот натпревар во 2026 година „доколку Израел учествува“.
РТЕ наведува дека учеството на Ирска на таков настан би било „неприфатливо со оглед на континуираните и ужасни загуби на животи во Газа“.
Ирска досега го освои ова музичко натпреварување седум пати - последниот пат беше во 1996 година.
РТЕ ќе ја донесе конечната одлука откако Европската радиодифузна унија (ЕБУ), која е организатор на Евровизија, ќе го презентира својот став.
Евровизијата ќе се одржи следната година во мај во Виена.
Радиотелевизија на Словенија, исто така, најави повлекување од натпреварот ако Израел учествува.
Шпанскиот министер за култура, Ернест Уртасун, изјави дека и Шпанија можеби нема да учествува доколку Израел е на натпреварот.
„RTE е длабоко загрижена за убиството на новинари во Газа, одбивањето на пристап на меѓународни новинари на територијата и ужасната состојба на преостанатите заложници“, соопшти ирскиот јавен радиодифузер.
Пред овогодинешниот евровизиски натпревар во мај, РТЕ побара од ЕБУ да расправа за учеството на Израел во натпреварот.
Во тоа време, генералниот директор на RTE, Кевин Бакхарст, изјави дека е „ужаснат од настаните на Блискиот Исток и ужасните последици за цивилите во Газа, како и од судбината на израелските заложници“.
Повеќе од 70 поранешни учесници на Евровизија потпишаа писмо претходно оваа година со кое ги повикуваат организаторите да го исклучат Израел од натпреварот во 2025 година.
Владата на Србија донесе одлука да ја зголеми минималната плата од 404 евра на 551 евро

Владата на Србија донесе одлука за зголемување на минималната плата на 64.554 динари (551 евро) од 1 јануари 2026 година, соопшти владината прес-служба по седницата на 11 септември.
Во однос на минималната плата во 2024 година, која изнесуваше 404 евра, ова би било зголемување од 36 отсто.
Во претходните денови, преговори за зголемување на минималната цена на трудот водеа претставници на Владата на Србија, репрезентативните синдикати, Обединетиот грански синдикат „Независност“, Сојузот на независни синдикати на Србија и Синдикатот на работодавачи.
Предлогот на владата беше минималната плата од 1 јануари 2026 година да изнесува 550 евра, синдикатите бараа 600 евра, додека работодавачите се залагаа истата да не биде повисока од 500 евра.
На последниот состанок, одржан на 9 септември, не беше постигнат договор за процентот на зголемување, па Владата ја донесе конечната одлука два дена подоцна.
Новиот минимум е за 75 евра повисок од минималната потрошувачка кошничка пресметана за месец мај, што се најновите податоци објавени на интернет страницата на Министерството за внатрешна и надворешна трговија на Србија.
На почетокот на септември, Владата на Србија ги ограничи маржите на трговските синџири за околу 3.000 производи со цел да се ублажи влијанието врз зголемувањето на цените, првенствено на храната, врз семејниот буџет на српските граѓани.
Експертите, сепак, го оценија тој потег како маркетиншки трик без значајни и долгорочни ефекти врз куповната моќ на населението.
Фицо ја условува поддршката за ЕУ за санкции против Русија

Словачка не може да ги поддржи новите санкции на Европската Унија(ЕУ) против Русија сè додека не добие предлози од Унијата што ќе ги усогласат климатските цели со потребите на производителите на автомобили и на тешката индустрија, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо.
Фицо побара и мерки за решавање на цените на електричната енергија во ЕУ.
Тој исто така привремено го блокираше претходниот пакет санкции, барајќи гаранции против можни загуби поради посебен план на ЕУ за целосно прекинување на увозот на руски гас и нафта до 2028 година.
„Уште колку пакети санкции треба да усвоиме за да го промениме пристапот на Русија кон војната?“, рече Фицо.
Унијата дебатира за 19 пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина.
Дипломати на ЕУ изјавија дека новиот пакет веројатно ќе вклучи дополнителни кинески компании, руски банки и бродови од „флотата во сенка“ што ги избегнува санкциите, како и забрана за трансакции со руска нафта.
Фицо, кој се дистанцира од европските сојузници поради неговиот проруски став и се сретна со рускиот претседател Владимир Путин три пати од минатата година, долго време тврди дека санкциите не функционираат.
Западот воведе десетици илјади санкции врз Русија поради војната во Украина како и поради руската анексија на Крим во 2014 година, со цел да ја ослаби руската економија.
Владата на Словенија му забрани влез на Додик

Владата на Република Словенија му забрани влез на Милорад Додик. Причината не беше објавена, но беше кажано дека станува збор за „тајна“.
Ова го објави вицепремиерот на Словенија, Матеј Арчон, по владината седница.
Додик повеќе не е претседател на босанскиот ентитет Република Српска (РС), по пресудата на Судот на Босна и Херцеговина и одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) со која му беше одземен мандатот.
На почетокот на август, Додик беше законски осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавни функции во Босна и Херцеговина поради непочитување на одлуките на Кристијан Шмит, висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина.
Од април, на Додик му е забранет влез во Австрија и Германија поради сецесионистички потези и поткопување на Дејтонскиот мировен договор.
Постапки за забрана за влез за Додик покренаа Полска и Естонија.
Кон средината на јули, членовите на Европскиот парламент, исто така, побараа воведување санкции во Извештајот на Европската комисија за напредокот на БиХ, поради „реторика на поделба и сецесионистичка политика“.
Досега, Европската Унија не можеше да се согласи за санкции против Додик, поради противењето на унгарскиот лидер Виктор Орбан.
Додик, заедно со неколку други функционери од РС, е на американската „црна листа“ од минатата година поради поткопување на Дејтонскиот договор и загрозување на интегритетот на Босна и Херцеговина. Санкциите беа воведени откако парламентот на РС усвои закони со кои се отфрлаат одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и на високиот претставник.
Шведска вети уште 7,5 милијарди долари воена поддршка за Украина

Шведска планира уште 70 милијарди круни (7,47 милијарди долари) за воена поддршка на Украина во текот на следните две години, изјави шведскиот министерот за одбрана Пал Џонсон, јави агенцијата Ројтерс.
Голем дел од трошоците ќе бидат распределени преку набавки управувани од шведската агенција за одбранбен материјал, на пример дополнителни артилериски системи „Арчер“, тип што веќе го користат украинските трупи во војната со Русија.
Џонсон на прес-конференција рече и дека, по сомневањето за упад со руски беспилотни летала во Полска на 10 септември, Шведска се солидаризирала со Полска и е подготвена да придонесе со воени средства доколку тоа ѝ е потребно на земјата.
Полска, поддржана од авиони од сојузниците на НАТО, на 10 септември собори неколку сомнителни руски беспилотни летала во својот воздушен простор.
Москва негираше одговорност за инцидентот, а висок дипломат во Полска рече дека беспилотните летала дошле од правец на Украина. Руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзините беспилотни летала извршиле голем напад врз воени објекти во западна Украина, но не планирале да погодат никакви цели во Полска.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете