Вести
Белорусинка и Украинец осомничени за летање дрон над претседателската палата во Полска

Полските власти соопштија дека две лица – државјани на Белорусија и Украина, се приведени под сомнение дека летале дрон над државни згради на 15 септември, пренесува Асошиејтед прес.
Дронот, кој беше забележан како лета над претседателската палата Белведере во главниот град Варшава, беше неутрализиран од Службата за државна безбедност.
Двајцата осомничени се „млада Белорусинка“ и Украинец „во раните дваесетти години“, рече Јацек Добжински, портпарол на министерот за координација на специјалните служби.
Премиерот Доналд Туск првично на социјалните мрежи во понеделник вечерта напиша дека се приведени „двајца белоруски државјани“. Не е јасно зошто првичните информации се неточни.
Службата за државна безбедност соопшти дека полицијата ги испрашувала осомничените во текот на ноќта.
„Ги негираме гласините дека станува збор за масовна шпионска операција“, рече Добжински, додавајќи дека е прерано да се потврдат дополнителни детали.
Полска е во состојба на зголемена готовност откако повеќе руски дронови ги преминаа нејзините граници минатата недела. НАТО испрати борбени авиони да ги соборат беспилотните летала.
Ова беше првпат западните борбени авиони да соборат руски беспилотни летала во текот на војната во Украина, што предизвика нови стравувања во регионот кој е на раб на конфликт откако Москва започна целосна инвазија во 2022 година.
Русија во средата соопшти дека не ја таргетирала Полска, а сојузникот на Москва, Белорусија, наведе дека беспилотните летала биле пренасочени бидејќи биле блокирани. Но, некои европски лидери се убедени дека упадите биле намерна провокација од страна на Русија.
Увидот за пожарот во Трубарево ќе започне утре, се бара нов притвор за осомничените

Екипи на безбедносните служби под координација на јавен обвинител, утре (17 септември) ќе го започнат увидот за причините за пожарот во фабриката за електричен и електронски отпад на фирмата Ф-Групација во Трубарево, информираше Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
„По наредба на јавниот обвинител екипи на СВР Скопје и денеска излегоа на лице место со цел преземање дејствија и прибирање определени докази потребни во однос на постапката за загрозување на животна средина со отпад. Во континуитет се преземаат повеќе дејствија на обезбедување и анализа на документација“, велат од Обвинителството.
Пожарот во Трубарево избувна на 13 септември, а гаснењето траеше околу 30-тина часа.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на 15 септември повикувајќи се на информации од форензичарите рече дека увид може да се прави најрано 24 часа по целосно гаснење на пожарот, а препорачливо е и 48 часа.
Исто така на 15 септември, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов информираше дека пожарот е целосно изгаснат и опожарената површина е затрупана со песок и земја.
Во постапката што ја води ОЈО Скопје за овој пожар опфатени се четири лица од кои две се дел од сопственичката и управувачката структура, еден раководител и еден вработен.
На нив на 14 септември им беше определ краткотраен притвор од 48 часа, кој завршува денеска.
Од ОЈО Скопје информираа дека поднеле предлог за нов 48-часовен притвор. Лицата се осомничени дека „со заеднички дејствија учествувале во извршување на кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад“.
Во последниот период, за кратко време се случија неколку пожари во скопскиот регион. Покрај фабриката за отпад во Трубарево, гореа депониите Дрисла и Вардариште, како и сервиси за возила во скопската населба Пинтија.
Владини претставници тврдат дека станува збор за хибридни напади, додека опозицијата обвинува дека тоа е само ПР драма на премиерот Христијан Мицкоски во неможност да се справи со ситуацијата.
Зеленски ја повикува Европа да развие систем за воздушна одбрана по последниот руски напад

Претседателот на Украина Володимир Зеленски ја повика Европа да продолжи со развивање на воздушната одбрана откако Русија повторно го бомбардираше украинскиот град Запорожје, при што беа повредени најмалку 13 лица, вклучувајќи и две деца.
Зеленски на социјалните мрежи на 16 септември порача дека руските ракети намерно биле насочени кон цели „за да го тероризираат нашиот народ“, оштетувајќи „многу станбени згради“.
Тој додаде дека од почетокот на септември, повеќе од 3.500 беспилотни летала и речиси 190 ракети, како и повеќе од 2.500 воздушни бомби, биле лансирани од Москва кон цели во Украина, а имаше и „провокации против нашите партнери“.
„Ова е токму видот на воздушен терор против кој Украина повикува на заедничка одбрана“, наведе Зеленски.
„Сега е време да се спроведе заедничка заштита на нашето европско небо со повеќеслоен систем за воздушна одбрана. Сите технологии за ова се веќе воспоставени. Потребни се инвестиции и решителност – силни акции и одлуки од сите наши партнери“, додаде тој.
Прашањето за одбрана од беспилотните летала што ги лансира Русија стана главна тема на разговор откако повеќе од десетина руски дронови извршија упад во воздушниот простор на Полска минатата недела. По ова следеше уште еден упад во воздушниот простор на НАТО од страна на руски беспилотен авион во Романија.
Во годишниот говор за состојбата на Европската Унија на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, што таа го имаше оваа недела, беше јасно ставено до знаење дека блокот треба да ја подобри својата одбрана од беспилотни летала. Исто така, таа најави заем од 6 милијарди евра за формирање „алијанса за дронови“ со Украина.
Таа предложи „Источна гарда“ за која рече дека ќе обезбеди „вселенски надзор во реално време“ на сите воздушни движења од Балтичкото до Црното Море.
Фон дер Лајен, исто така, се обврза и на изградба на „ѕид од беспилотни летала“ – нешто што нејзината ЕК првично одби да го финансира кога за ист ваков потфат Естонија, Латвија и Литванија побараа европски пари претходно оваа година.
Засега има малку детали за сето ова: нема конкретни бројки за буџетот, прецизен географски опсег или временска рамка, освен тоа што се очекува во октомври Европската комисија да презентира план со нови заеднички одбранбени проекти.
„Во овие гранични земји треба да создадеме ’ѕид од беспилотни летала‘ заедно со Украина и да ја вклучиме Украина во овој проект“, изјави европскиот комесар за одбрана и вселена Андриус Кубилиус за украинската новинска агенција Укринформ на 15 септември.
Денеска, 16 септември, Зеленски во интервју за Скај њуз, изјави и дека е потребен „јасна позиција“ од американскиот претседател Доналд Трамп за санкциите против Русија и за безбедносните гаранции за Украина.
Тој, исто така, го повика Трамп, кој денеска ја започна својата официјална посета на Велика Британија, да преземе „силни лични чекори“ за да го „запре Путин“.
„Верувам дека САД се доволно силни за да носат свои одлуки … Верувам дека Доналд Трамп може да ни даде системи за воздушна одбрана и дека САД ги имаат доволно на број“, рече Зеленски.
„Сигурен сум дека САД можат да применат доволно санкции за да ѝ наштетат на руската економија, плус Доналд Трамп има доволно сила за да го исплаши Путин. Европа веќе воведе 18 пакети санкции против Русија. И сè што недостасува сега е силен пакет санкции од САД“, додаде тој.
Официјалните претставници на ЕУ на 16 септември изјавија дека 19-тиот пакет санкции против Русија ќе биде одложен откако Трамп побара Европа побрзо да ги прекине купувањето руска нафта и гас.
Вашингтон изјави дека ќе се воздржи од воведување дополнителни тарифи за земји како Кина за да се запре купувањето руска нафта.
Се очекува новите мерки на ЕУ против Русија поради нејзината целосна инвазија на Украина да бидат насочени кон повеќе банки, таканаречената флота во сенка на Кремљ, фирми од трети земји, како и да стават на црна листа голем број поединци, особено оние што се сметаат за одговорни за киднапирањето на украински деца.
Советот на ЕУ усвои Препорака за статусот на украинските бегалци во ЕУ

Советот на ЕУ денеска усогласи Препорака до земјите членки поврзана со раселените Украинци, чија цел е да се обезбеди нивно одржливо враќање и реинтеграција во Украина, кога тоа ќе дозволат условите, како и промена на статусите на престој во Унијата за украинските граѓани, кои ги исполнуваат условите за тоа, јави МИА.
„Со ова, ЕУ се подготвува за координиран пристап за постепено укинување на статусот на привремена заштита (за Украинците), кога условите во Украина ќе бидат погодни за тоа. Препораката, исто така, содржи мерки за обезбедување информации за раселените лица и мерки за обезбедување координација, следење и размена на информации меѓу земјите членки и Украина, соопшти Советот на ЕУ.
Данскиот министер за имиграција и интеграција Каре Дибвад Бек рече дека солидарноста на ЕУ со украинскиот народ останува цврста во услови кога продолжуваат немилосрдните и неоправдани напади на Русија врз Украина, но дека во исто време Унијата мора да се подготвува и за враќање на Украинците во нивната татковина.
„Разумно е да се подготвиме за денот кога ситуацијата ќе им овозможи на украинските граѓани да се врати дома за да помогнат во обновата на својата земја. Координираниот пристап е во најдобар интерес на оние кои мораа да ја напуштат својата земја. Сакаме да обезбедиме враќањето во Украина да се одвива постепено и со фокус на одржлива реинтеграција во заедниците“, изјави Бек.
Со Препораката се повикуваат земјите членки на раселените Украинци да им обезбедат дозволи за престој, врз основа на вработување, обука, образование или семејни причини, доколку исполнуваат одредени услови. На лицата пак кои уживаат привремена заштита треба да им биде овозможено да аплицираат за поинакви статуси, според правото на ЕУ.
Според Советот, на многу Украинци кои побегнаа од својата земјата поради војната, потребна им е поддршка за да можат да се вратат во Украина и да се реинтегрираат во украинското општество.
„Земјите членки треба да обезбедат програми за доброволно враќање кои важат за ограничен временски период и да ги координираат условите на тие програми со украинските власти и другите членки. Тие треба дополнително да ги прошират правата за привремена заштита, на пример поврзани со домувањето, медицинската грижа и образованието, на лица регистрирани во програмите за доброволно враќање“, се нагласува во соопштението.
Од март 2022 година, ЕУ им додели статус на времена заштита и сместување на над четири милиони Украинци кои ја напуштија Украина поради руската инвазија.
Со последната одлука на ЕУ, статусот на времена заштита на раселените лица од Украина ќе важи до 4 март 2027 година.
Медицинска сестра сведочеше како се давале терапии на Клиниката за онкологија

Медицинска сестра, која била одговорна за дневната болница на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, додека директор бил Нино Васев, сведочеше дека некогаш се случувало на клиниката да нема некоја терапија, а одредени пациенти да ја добијат, како и дека имало пациенти на кои им биле менувани препишаните терапии.
На денешното судење за случајот Онкологија 2, сведокот, кој 22 години работи како медицинска сестра на Онкологија, рече дека имала задолжение да прави попис на лекови на неделно ниво и пациентите кои примале терапија од условен буџет да ги носи на одобрение кај директорот на Клиниката, кој во тоа време бил Васев.
Таа рече дека некогаш се случувало на Клиниката да нема терапија, а одредени пациенти да ја добијат. Сведочеше дека се сеќава дека имало пациенти на кои им биле менувани препишаните терапии.
„Имаше еден пациент за кој ја се сеќавам, во извештајот беше шкртната дозата, која беше помала и напишана во ракопис поголема доза. За пациентот Игор, кој примаше ампула принтуда, приметив дека се повторува во извештаите кои ги правиме на три недели. Не сум лекар, сестра сум, но терапијата се прима на 21 ден“, рече сведокот.
На прашање од Обвинителството дали терапијата била примена на Клиниката, сведокот рече дека имало пациент кој терапија примал во Клиничка болница Штип, за што си имал дозвола од доктор за тоа, исто како и за уште еден пациент, за што тие потпишувале дека ги примаат ампулите и потоа се потпишуваат повторно кога ги враќаат празните.
Прашана дали доколку една терапија е приватно набавена од пациентот тоа би било наведено во историјата, сведокот рече да, тоа ќе биде наведено во медицинската историја на пациентот.
На вкрстено прашање од бранителот на Васев, адвокат Никола Ставрев, дали потписот на директорот Никола Васев единственo значи дека го има на залиха, таа кажа дека потписот на директорот значел дека се одобрува терапијата.
На прашање на бранителот на Нехад Нухи, адвокатката Анита Бегова, дали од нејзиниот исказ може да заклучи дека во кабинетот на директорот има аптека, сведокот рече дека аптека не може да има.
Судот на следното рочиште ќе треба да се произнесе и по барање на одбраната за изземање на вештото лице Елизабета Дамевска-Јовановска.
Бегова, рече дека на 13 јули 2017 година е евидентиран престанок на функцијата економски директор, а во текот на истражната постапка и изготвувањето на вештачењето истата е вработена како правно лице во рамки на Клиничкиот центар Мајка Тереза, што извршува услуги за сите универзитетски клиники, меѓу кои и за Онкологија.
„Во РСМ согласно регистар на вештаци од материјално финансиско работење има регистрирани 1216 вешти лица од оваа област. Прашање е зошто, токму од 1216 вешти лица е одбрана Елизабета Дамевска Јовановски, која не може да биде вешто лице во оваа постапка. Дополнително, во 2018 година се пренесени салда од 2017 кога таа била економски директор, а техничкиот советник бил медицински директор на Клиниката“, рече Бегова.
Судот на почетокот на денешното рочиште информираше дека одбраната на Васев на 15 септември доставила гаранција до Судот, што ќе биде проследена на одлучување.
Обвинетите Васев и Нухи на минатото рочиште негираа вина за делата кои им се ставаат на товар. Одбраната, тврди дека обвинението против нив е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење од лица кои се исто инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за претходниот медицински и економски директор на Клиниката кои биле сменети од Васев.
Кривичниот суд во јуни годинава го одобри обвинението против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи, за злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година.
Судењето за случајот „Онкологија 2“, кој се води против поранешниот медицински и економски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехад Нухи, за несовено работење и финансиски криминал, продолжува на 9 октомври со сослушување сведоци.
Идентификувани дваесетина лица за кои постојат сомневања дека ги предизвикале пожарите

Идентификувани се дваесетина лица за кои постојат основани сомневања дека стојат позади пожарите, потврди премиерот Христијан Мицкоски. Тој го повтори ставот дека постојат центри на моќ кои се обидуваат да внесат страв и паника кај граѓаните, пред изборите.
„Додека сум јас во Јегуновце заседаваат врвот на структурите на МВР, идентификувани се од прилика дваесетина лица за кои постојат основани сомневања дека стојат позади овој процес. Истовремено имавме одредени дојави што ги собиравме изминативе денови и во координирана акција МВР со Министерството за животна средина ќе постапува во деновите коишто следат, така што за жал има структури кои на ваков начин се обидуваат да внесат нестабилност и немир, но како што кажав тие ќе конструираат, ќе лешинарат, ќе подметнуваат, ние чесно ќе работиме, ќе се бориме, и на крај повторно ќе победиме“, рече премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на Општина Јегуновце.
Тој повика да се преземат законски измени со кои подметнувањето пожари ќе се оквалификува како тероризам.
„Во рамките на парламентарната процедура разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ итно да имаме измени во законите со кои подметнување пожар ќе биде оквалификувано како дело на тероризам, а одлагање на смет онаму каде што не му е местото ќе биде друго кривично дело кое ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години“, нагласи Мицкоски.
Потврди дека утрово се појавила јасна снимка за тоа како се случува подметнување пожар, мислејќи на пожарот во сервис за автомобили во Пинтија.
„Видовте како дрско се подметнува пожар и тоа е само уште еден доказ тоа што го зборувам цело време дека, за жал, постојат центри на моќ кои се обидуваат да внесат страв, паника кај граѓаните, пред изборите, и одговорот на прашањето кому тоа му одговара мислам дека со една кратка анализа ќе го добиете“, изјави Мицкоски.
Во последниот период, за кратко време се случија неколку пожари во скопскиот регион. Гореа депонии, сервиси за возила и фабрики со опасен отпад. На пожарот кај Пинтија му претходеа пожарите во поранешната градска депонија Вардариште и во актуелната Дрисла, а беше запалена и фабрика за електронски и електричен отпад во Трубарево.
Поднесено обвинение против Горан Весиќ и уште 12 лица за падот на настрешницата во Нови Сад

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинение против тринаесет обвинети во врска со уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 16 лица, а едно лице беше тешко повредено.
Поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ е меѓу обвинетите.
Во соопштението на Обвинителството се наведува дека обвинението е поднесено поради основано сомнение дека сториле кривични дела кои се правно квалификувани како „Тешки дела против општата безбедност“ од Кривичниот законик.
Во обвинението се предлага Вишиот суд во Нови Сад да одреди притвор за обвинетиот поради континуираното големо нарушување на јавниот живот „кое може да го загрози непреченото и фер водење на кривичната постапка“.
Исто така, беше предложено да се одреди притвор поради ризикот да се повтори делото.
Во соопштението за медиумите подетално се наведува дека обвиненијата се поднесени поради кривични дела што овозможуваат користење на јавен објект - станичната зграда на Железничката станица во Нови Сад, крило Б, иако градежните работи биле во тек и за кои не била издадена дозвола за користење, поради кривично дело поврзано со претходното неодржување на конструкцијата на станичната зграда, како и кривични дела во фазата на проектирање и извршување на работите за време на реновирањето на станичната зграда на Железничката станица во Нови Сад.
„Заради заштита на интересите на сите оштетени страни, во обвинителниот акт се предлага судот да ги додели имотните побарувања на овластените лица. Беше предложено на сите обвинети да им се изрече мерка за безбедност забрана за повикување, активности и должности, како и сите обвинети да бидат обврзани да ги платат сите трошоци на кривичната постапка“, се наведува во обвинителниот акт.
Горан Весиќ поднесе оставка неколку дена по падот на настрешницата, а потоа изјави дека не се чувствува виновен, туку дека поднесува оставка како „одговорен човек“. Тој рече дека за време на неговиот мандат бил направен само финалниот проект за изградба на Железничката станица, кој, како што рече, не бил одобрен од неговото министерство.
Весиќ и други функционери веднаш по трагедијата во Нови Сад изјавија дека паднатиот кров не бил вклучен во реконструкцијата на зградата на станицата.
Четири месеци по реконструкцијата и официјалното отворање, во ноември 2024 година, 16 лица го загубија животот, а едно лице беше сериозно повредено кога се урна настрешницата на зградата на станицата.
Несреќата на железничката станица во Нови Сад предизвика бран масовни антивладини протести низ цела Србија. Во текот на изминатите девет месеци, стотици илјади граѓани излегоа на улиците со клучно барање - да се утврди кривична и политичка одговорност за несреќата.
Фокусот на протестот е обвинувањето дека корупцијата довела до падот на настрешницата.
Едно лице загина, 13 се повредени во руски напад врз Запорожје

Рано на 16 септември, руските сили започнаа масовен напад врз југоисточниот украински град Запорожје, во кој беше убиен 41-годишен маж, а 13 лица беа ранети, изјави регионалниот гувернер Иван Федоров.
Исто така, беше објавено дека нападот предизвикал голем број пожари.
Гувернерот Федоров рече дека меѓу повредените има две деца. Фотографиите објавени на интернет од гувернерот покажуваат пожарникари како се борат со пожари во приватни домови и други објекти.
Украинските служби за итни случаи пријавија пожар од 350 квадратни метри во три станбени згради и бензинска пумпа од 600 квадратни метри.
Федоров рече дека според прелиминарните извештаи, руските сили извршиле 10 напади од повеќе ракетни лансери, оштетувајќи 10 станбени згради и 12 приватни куќи.
Соседна Полска е во состојба на зголемена готовност откако неколку руски беспилотни летала влегоа во нејзиниот воздушен простор минатата недела, што го натера НАТО да испрати борбени авиони да ги соборат.
Русија соопшти дека не ја таргетирала Полска, а сојузникот на Москва, Белорусија, рече дека беспилотните летала скршнале од курсот, бидејќи биле блокирани. Сепак, некои европски лидери се убедени дека упадите биле намерна провокација од страна на Русија.
Пожар во сервис за возила кај скопската населба Пинтија

Рано утринава, пред 4 часот, избувнал голем пожар во сервис за возила лоциран во месноста Каменик, во Пинтија над поранешната фабрика „Стаклара“.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов информираше дека во објектот имало повеќе автомобили, масло и други запаливи материјали.
По добиената пријава, скопската Бригада за противпожарна заштита веднаш интервенирала на местото на настанот.
Во гаснењето на пожарот биле ангажирани осум противпожарни возила. Пожарот бил изгаснат два часа подоцна, по тешка борба со огнот.
Инаку, од Центарот за управување со кризи (ЦУК) утринава (16 септември) велат дека има вкупно 13 пожари на отворен простор од кои еден е активен, а два се под контрола.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете