Новиот договор ги дефинира активностите и обврските на Северна Македонија и Бугарија за реализација на проектот, кој предвидува тунел долг околу 2,4 километри - половина на македонска, половина на бугарска територија.
Со тоа двете земји по три децении го отворија патот за изградба на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8 — стратешка врска меѓу двете земји и дел од европската транспортна мрежа.
„Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8“ денеска (6 ноември) го потпишаа македонскиот вицепремиер и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот колега од Бугарија Гроздан Караџов на железничката станица во Ѓуешево.
„Овој договор е сон на генерациите од двете страни на границата, нешто за што сме читале и за што сме учеле како деца – дека двете држави, двата главни града Скопје и Софија, треба да се поврзат со железничка врска“, рече Николоски во обраќањето на свеченоста во Ѓуешево.
Николоски и Караџов го потпишаа Договорот за железничкиот тунел на Коридор 8.
Двете држави се обврзаа да се усогласат околу техничките и финансиските аспекти за проектот и да обезбедат грант-помош за изградбата на Коридорот да биде според евопските стандарди.
Како што беше наведено, тунелот е планирано да биде долг околу 2,4 километри, од кои 1.189 метри на македонска и 1.193 метри на бугарска територија.
Бугарскиот министер за транспорт и врски Гроздан Караџов оцени дека денот има историско значење, бидејќи со проектот се отвора и возобновува железничка линија стара повеќе од еден век.
„Отвораме, возобновуваме железница стара повеќе од 100 години. Нам ни падна честа со Николоски да го реализираме овој проект“, изјави Караџов.
На денешното потпишување присуствуваа претставници на Европската комисија, НАТО, САД, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светска банка и американската амбасадорка Анџела Агелер.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Ќе дочекаме ли некогаш меѓународен патнички воз?
Три фази до Софија, најтешкиот дел допрва следува
Железничката линија Скопје–Софија се гради во три фази, а проценките како што беше кажано се дека по нејзиното завршување товарниот превоз ќе се зголеми за над 30 проценти, а патничкиот сообраќај за 20 до 25 проценти.
Првиот дел, Куманово – Бељаковце долг 30,8 километри е завршен, а втората делница Бељаковце – Крива Паланка од 34 километри е во изградба завршена околу 35 проценти. Рокот за втората делница е да биде готова крајот на 2026 година.
Видете и ова: Бугарија распиша тендер за пругата кон Северна МакедонијаЗа третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, која го опфаќа и тунелот, следниот месец треба да биде објавен тендерот за избор на изведувач.
Таа делница е долга 23,4 километри и предвидува 22 тунели и 52 моста и се смета за најкомплексниот дел од проектот.
Паралелно, на западниот крак на Коридорот 8 се планира изградба на пругата Кичево–Лин, како и реконструкција на линијата Скопје–Кичево, за што Северна Македонија доби грант од 5,3 милиони евра од Европската унија за подготовка на студии и тендерска документација.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Коридор 8 - По 30 години ветување дека „возови ќе рикаат“, уште се чекаат шини
Три децении чекање
Железничкото поврзување меѓу Северна Македонија и Бугарија со Коридорот 8 со години е проект со големи политички и економски очекувања, но и со многу застои и меѓусебни обвинувања.
Иако изградбата на пругата од македонска страна почна уште во 90-тите, цели три децении подоцна линијата сè уште не е поврзана со бугарската железничка мрежа.
Од почетокот на годината, двете земји повторно го ставија проектот во фокус. Бугарската влада во јануари го испрати нацрт-договорот за подготовка, изградба и работа на прекуграничниот железнички тунел кој треба да ги поврзе двата краја на пругата.
Видете и ова: Капиталните инвестиции растат на хартија, но недоволно на теренВо изминатите месеци, меѓу Скопје и Софија се водеа размена на изјави и обвинувања.
Николоски обвинуваше дека Бугарија „не сака да ја гради пругата“, додека неговиот бугарски колега Караџов тврдеше дека Скопје го одолговлекува процесот.
Бугарската страна најавуваше дека проектира 90 проценти нова траса меѓу Радомир и Ѓуешево со цел зголемување на брзината на возовите до 160 кмилометри на час, а македонската страна инсистираше на заеднички проект за тунелот за да не се гради инфраструктура, како што се велеше, што „завршува во ѕид“.