Со пренос во живо на неколку платформи, уставните судии ќе бараат одговори од своите странски колеги за шест спорни правни прашања кои им се наметнале по иницијативите за Законот за употребата на јазиците. Кои се клучните спорни прашања што ги имаат уставните судии јавноста ќе ги дознае на подготвителната седница која ќе се оддржи на 20 март годинава.
На прашањата на уставните судии ќе одговараат странски и македонски уставни судии, професори по уставни право, а поканети се и потписниците на Охидскиот рамковен договор и изготвувачи на Уставот.
Подготвителната седница следува откако во декември минатата година, Уставниот суд одлучи да повика експерти за да слушне различни мислења за Законот за употреба на јазиците, а дури потоа да одлучува.
По подготвителната седница Уставниот суд може да ги отфрли иницијативите, да одлучи да поведе постапка за законот во целост или само за делови од него, да ја запре времено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во Парламентот.
Одлуките за уставноста на законот претседателот на Уставниот суд очекува да бидат донесени во текот на мај или најдоцна јуни, каде на седница ќе се разгледуваат два реферата, првиот од подготвителната седница на 20 март за суштината на законските решенија, а вториот од подготвителната седница одржана на 18 март 2021 година за начинот на кој е донесен законот, кога тогашниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов не го потпиша указот за законот.
Видете и ова: Уставен ја одложи одлуката за јазицитеЗа овој закон, до Уставниот суд во 2019 година кога стапи во сила, пристигнаа 12 иницијативи со кои се оспоруваат делови од него, но и целиот закон. Законот беше оспорен од граѓани, адвокати, универзитетски професори, но и две политички партии - владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската Левица. Сите иницијативи Уставен ги спои во еден предмет.
Мислења и од членови на Венецијанската комисија и Судот во Стразбур
Меѓу странските експерти кои до сега го потврдиле своето присуство е потпретседателот на Венецијанската комисијаМартин Куљер кој ќе има задача да го образложи ставот на Комисијата по пријателскиот совет кој го побара Уставниот суд од нив.
На слични прашања ќе одговора и неговиот колега од Судот за човекови права во Стразбур Артур Кучс, кој како искусен експерт за малцински прашања и употреба на јазици ќе одговара на прашањата за праксата на Судот во слични случаи и ќе ги презентира европските стандарди за употребата на јазиците.
Од домашните експерти и професори кои до сега го потврдиле своето присуство се поранешната судијка во Судот за човекови права Маргарита Цаца Николовска, како и професорката по уставно право и член на Венецијанската комисија Рената Дескоска и нејзиниот заменик член, професорот по уставно право Јетон Шасивари. Меѓу останатите се професори од сите факултети во земјава кои се занимаваат со уставно и административно право и претседателот на Основниот Скопје 1, Иван Џолев, претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини и претседателката на Апелациониот суд во Битола, Жаклина Доведен.
Дел од подносителите на иницијативата како Тодор Петров и професорката Татјана Каракамишева го потврдиле своето присустви на подготвителната седница.
Минатата седница во декември лани помина со бојкот на тројца судии, а пред Уставниот суд беа поставени шатори од таканаречените „чувари на законот за употреба на јазиците “ предводени од лидерот на ДУИ Али Ахмети, и лидерите на опозициската коалиција “Европски фронт“ како и од симпатизери на партиите.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Уставниот суд не донесе одлука за Законот за јазици
Од Уставнниот суд велат дека до Министерството за внатрешни работи испратиле допис со најава за седницата, затоа што како што велат, ќе има и странски гости и учесници во неа. Од коалицијата „Европски фронт “ при последната седница најавија дека ќе одржат собир пред Уставниот суд секој пат кога ќе се дискутира за уставноста на Законот за употреба на јазиците.
Во последното соопштение од ДУИ ( на 14 март) кусо најави дека „ со сите демократски средства ќе го брани Законот за употреба на јазиците и нема да дозволи враќање назад“, без да открие повеќе детали. До објавувањето на овој текст од ДУИ не одговорија на прашањата на РСЕ, какви планови има за 20 март.
ДУИ: Се будат анти-Охридски духови
Во соопштението е наведено дека четири години од потпишувањето на Законот за употреба на јазиците, со како што велат, моментот кога беше заокружен легислативниот дел од Охридскиот рамковен договор, се будат анти-Охридските духови .
„Секој обид за оспорување на Законот за употреба на јазиците е обид за оспорување на Охридскиот договор и уставниот поредок на Северна Македонија“, се вели во нивното соопштение.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски на брифинг со новинарите посочи дека со индигнација ги отфрла сите лаги и опасни манипулации.
„Контрастот на тоа прашање би било зошто постои уставниот суд, да ја скинеме или да ја чуваме до 2030 или 2050. Ние имаме должности, да се употребат такви тешки зборови и да се манипулира е политичко дивјаштво, од каде знаат каква ќе биде одлуката на судот, уште од сега знаат каква е одлуката на судот. Што ако судот рече дека нема проблем, дали ќе се извинат тогаш?“, вели Костадиновски.
Видете и ова: Беџети: Не најавивме бојкот на локалните избори, но можна е политичка кризаВо последното интервју за РСЕ, пратеникот на ДУИ Блерим Беџети изјави дека можно е да не учествуваат на локалните избори во октомври доколку „се чепне “ во законот за употребата на јазиците.
„Значи ни во овој период ни за кандидат не е одлучено, ни со коалиционите партнери не е дефинирано, бидејќи сметаме дека има време. Периодот пред нас за жал и во овој месец, еден параполитички орган како што е Уставниот суд ќе експериментира „во начело на правото“ со законот за употребата за албанскиот јазик“, изјави Беџети.
Костадиновски - Не правам компромиси со владеење на правото
За претседателот на Уставниот суд Костадиновски „злоупотребата на сензитивни прашања е на примитивно политичко ниво.
„Не правам компромиси со владењето на правото . Зошто е толку голема недовербата на граѓаните во целокупниот систем? Тоа е поради невладеењето на правото. Како владеењето на правото е прекршување на нивното право? Не е мојата цел да ги разубедувам политичарите, нема да престанат, нивните манипулации ќе продолжат. Ако успееме ние како судот да ги убедиме граѓаните да не бидат манипулирани, тоа е успех“,, вели Костадиновски.
На претходната седница во декември минатата година против одржување на подготвителна седница се изјасни уставната судијка и поранешна претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска, која рече дека е несериозно по пет години да се држи подготвителна седница.
Наспроти информацијата на судијката известител Елизабета Дуковска, која кажа дека побарала и „пријателски совет“ од Венецијанската комисија, Кацарска потенцираше дека ова советодавно тело на Советот на Европа веќе дало свое мислење во дури 98 точки. Таа посочи и дека за предметот веќе има готов реферат во кој се одговара на сите спорни прашања што се покренуваат во поднесените иницијативи.
Уставниот суд се состои од девет судии. Шестмината кој присуствуваа на минатата дискусија за Законот за употреба на јазиците се од македонска националност. Двајцата судии Албанци во актуелниот состав на Уставен, Осман Кадриу и Насер Ајдари, како што беше најавено, воопшто не присуствуваа на седницата.
Судијата Фатмир Скендер, кој е од турска националност, пак, ја напушти дебата за оваа точка откако не му беше прифатен предлогот таа да се тргне од дневниот ред на седницата.