Подготвителната седница за Законот за јазиците е закажана за 19 јуни, изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Тој во интервју за емисијата Трилинг објасни дека поради трагедијата во Кочани, Судот еднаш ја одложи седницата, а неговите проценки се дека после локалните избори наесен за да се избегне етнизација и политизација, веќе ќе има одлука на Судот.
“Моја проценка е дека конечната одлука ќе биде донесена после изборите. Да не се случеше трагедијата, подготвителната седница ќе беше веќе завршена, и за во јуни некаде природно би дошло носењето на одлуката. После подготвителната седница ќе ни требаат месец, месец и пол, два, за да се подготви нов реферат, за да се сублимираат сите мислења на сите учесници“, изјави Костадиновски.
Видете и ова: Шест спорни прашања имаат уставните судии за Законот за јазицитеПретседателот на Уставниот суд вели дека никој не треба да стравува од одлуките на судот, зашто не станува збор за напад на нечии права. Тој оценува дека непотребно се создаде голема фама со давање на етнички и политички димензии за постапувањето на судот.
„ Мое длабоко уверување е дека ние во овој стадиум на развој на нашето општество немаме проблем во меѓуетничките односи. Имаме друг тип на проблем,а тоа е злоупотреба на меѓуетничките односи за политички цели. Ете тоа го сведочевме целиот изминат период и по постапувањето за „Балансерот” и Законот за јазиците“, вели Костадиновски.
Видете и ова: За што ќе одлучува Уставен од Законот за употреба на јазиците?На изјавите на претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски реагираше опозициската партија ДУИ која тврди дека Уставниот суд веќе не се крие зад неутралноста и делува како „параполитички продолжеток на актуелната власт“.
ДУИ и ВРЕДИ се скараа околу Уставниот суд
Најавата дека одлуката за Законот за употреба на јазиците ќе биде донесена по изборите, од ДУИ сметаат дека е „добро осмислен план” за одржување на политичкиот проект кај Албанците преку, како што ги нарекуваат, „квазипретставници без легитимитет“, а потоа да се нападнат постигнувањата стекнати преку Охридскиот договор.
„Гласовите кои со месеци предупредуваа за тајна спогодба меѓу Владата и Судот за укинување на законот по изборите, сега добиваат облик на свршен чин. Овие случувања откриваат една горчлива вистина: еднаквоста и соживотот се ставени на нишан од самите институции кои треба да ги штитат“, се вели во соопштението од ДУИ.
Од ДУИ, исто како и нивниот потпретседател Бујар Османи, велат дека дека претстојните избори се „референдум за албанскиот јазик, за граѓанската еднаквост и за насоката во која ќе се движи нашата држава“. Оттаму прашуваат дали државата ќе биде на сите граѓани или „маскиран режим што ја користи правдата за да го задуши идентитетот и правата на Албанците“.
Од Вреди реагираат дека ДУИ е разочарана бидејќи им пропадна планот да го поништат Законот за јазиците и со тоа да ја дестабилизираат државата.
„Планот на Али Ахмети и Бујар Османи, преку судии именувани од нив во Уставниот суд, да го загрозат албанскиот јазик во Република Северна Македонија и да ја дестабилизираат земјата, пропадна пред да земе замав. Бујар Османи, како почетник во политиката и без кредибилитет, не успева да го сокрие своето разочарување. ДУИ беше подготвена да го жртвува албанскиот јазик само за една ниска цел: Да се врати на власт по секоја цена. Не грижете се, албанскиот јазик не е предмет на преговори! Вреди нема да дозволи ниту еден чекор назад во правата на Албанците! Лагите завршија “, реагираа од Вреди.
Консултации со Венецијанската комисија и странски експерти
Уставниот суд на седницата одржана на 11 декември 2024 година одлучи да одржи подготвителна седница за расправата по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.
Костадиновски соопшти дека како судии утврдиле пет или шест спорни прашања што се однесуваат на Законот, за што сакаат да ја консултираат експерти од струката и науката.
Тој најави дека на подготвителната седница во јуни од Венецијанската комисија ќе дојдат да го образложат пријателскиот совет. Се очекува да дојде и судија од Европскиот суд за човекови права, а експерт за малцинските права ќе ги образложи европските стандарди за користење на јазичните права. На седницата ќе учествуваат и домашни експерти по уставно и меѓународно право, како и за човекови права.
Датумот за одржување на локалните избори наесен се уште не е утврден, но претседателиот на Собранието Африм Гаши најави дека ќе бидат распишани кон крајот на јули или во почетокот на август.