Дали ќе се менува Правилникот за урбанистичко планирање?

Илустративна фотографија - хотели, мали хидроцентрали, фотоволтаици.

Во Министерството за транспорт и врски се одржала стручна расправа за можни измени на Правилникот за урбанистичко планирање на кој дел од граѓанските организации реагирале дека предлог-измените се штетни. Министерството за транспорт и врски објаснува дека измените сè уште се разгледуваат, додека министерот Николоски за РСЕ изјави дека се откажал од идејата.

Министерството за транспорт и врски покрена дебата за нови измени на Правилникот за урбанистичко планирање, кои според граѓанските организации за заштита на животната средина, отвораат врата за изградба на фотоволтаични фарми, мали хидроцентрали и депонии за опасен отпад- но со урбанистички проект, наместо со урбанистички план.

Според граѓанската организација „Охрид SOS“ ова би претставувало „тежок упад во урбанистичкото планирање“ и бришење на јавниот интерес, бидејќи како што наведуваат, постапката ќе се сведе на реализација на вакви проекти со потпис од градоначалник или министер, без јавна анкета или учество на партиципативно тело и без одлука на Совет.

Од Министерството за транспорт и врски негираат, велејќи дека веќе постои јасна регулатива која одредува кои енергетски објекти се одобруваат со каква урбанистичка документација.

Во однос на тврдењата дека вакви проекти ќе се реализираат со потпис на градоначалник или министер, одговорија дека „апсолутно не е точна констатацијата“, бидејќи според нив „овие прашања се законска материја и не е можно да се преуредат со подзаконски акт“.

„Предложените измени не се однесуваат на оваа проблематика, досегашната регулатива останува иста како што е уредена со Законот за урбанистичко планирање и Правилникот од 2020 година. Во делот кој се однесува на отпадот, измените се во насока на усогласување со уредба донесена врз основ на Законот за животна средеина“, велат од Министерството за за транспорт и врски за РСЕ.

Видете и ова: Законски измени за енергетска транзиција или закана за земјоделството?


Министерството отворено за сугестии, министерот Николовски се откажал од идејата

Оттаму додаваат дека измените на Правилникот за урбанистичко планирање сè уште не се донесени и дека се во фаза на разгледување на коментари, сугестии и предлози од стручната јавност и локалните самоуправи.

Иако Министерството за транспорт и врски во одговорот за РСЕ наведува дека уште разгледуваат коментари и сугестии, министерот Александар Николоски во меѓувреме за РСЕ кусо одговори:

„Нема да има измени на правилникот, се откажав од таа идеја“.

Од Охрид SOS од друга страна не веруваат и велат: “Очекуваме да поминат локалните избори и да продолжат со носење штетна легислатива диктирана од бизнис интереси наместо делување кон заштита на јавниот интерес.“

Видете и ова: Инвестициски бум во соларна енергија, ќе го запре ли увозот на струја?

Во земјава веќе има инвестициски бум на фотоволтаични централи, кои никнуваат низ целата држава, вклучително на земјоделски земјишта, за што веќе алармираа граѓанските организации за заштита на животнта средина.

Истовремено, во последната деценија беа изградени десетици мали хидроелектрани, што предизвика жестоки реакции поради уништувањето на речните корита и биодиверзитетот, вклучително и во националните паркови.

За изградбата на малите хидроелектрани, како што алармираат граѓанските организации кои ја следат состојбата – веќе е проблем што дозволите најчесто се издаваат врз основа на елаборати, без јавна расправа, наместо преку целосни студии за оцена на влијание врз животната средина, како што налагаат европските стандарди.

Оваа практика предизвика бројни иницијативи за нејзино запирање, а последен случај беше планот за зградба на мали хидроцентрали на реката Дошница, на планината Кожуф, за што граѓаните со денови организираа протести и блокади.

Хроничен проблем со отпадот

Проблемот со отпадот, пак, станува хроничен – земјата има десетици нестандардизирани депонии и диви сметишта, од кои дел се лоцирани и во близина на заштитени природни подрачја и туристички атрактивни локации.

Во Скопје, Струмица, Струга и Кочани и десетици други градови депониите загадуваат од запален отапд, со што се загадува не само воздухот, туку и водата и почвата.

Наместо трајни решенија и системско управување со отпадот со изградба на модерни депонии, за некои од нив се обезбедени пари и од Европска Унија, граѓаните со години живеат во ризик по здравјето и животната средина.

Во такви услови, најавите дека вакви зафати би можеле да се градат со скратена постапка без јавна контрола дополнително ја засилуваат загриженоста кај граѓаните и здруженијата за заштита на животната средина.

Видете и ова: Депониите го претвораат Скопје во опасно место за живеење

Инсталирањето на обновливи енергетски капацитети во Северна Македонија се одвива со забрзано темпо, но граѓанските организации предупредуваат дека изборот на локациите е клучен.

Ако тоа не се прави внимателно, ризиците може да бидат поголеми од придобивките, наведуваат од „Еко-свест“.

„За да се избегне нарушување на дивиот свет и загуба на обработливо земјиште, потребно е соларните и ветерните централи да се градат на деградирани и неупотребливи површини,“ порачуваат од организацијата.

Угостителските објекти само со урбанистички проект?

Освен енергетски проекти и депонии, со предложени измени на Правилникот за урбанистичко планирање, за кои се води јавна расправа, хотелите, мотелите, гостилниците и рестораните остануваат во категорија објекти кои може да се градат со урбанистички проект, иако тоа се комерцијални зафати што тешко можат да се оправдаат како јавен интерес, велат активистите од „Охрид SOS“

Видете и ова: Охрид под УНЕСКО, „Горица“ под багерите на „Дивелоп Груп“

Од Министерството за транспорт и врски велат дека хотели, мотели, гостилници и ресторани, но и објекти со класа на намена А и Б можеле да се предвидуваат со урбанистички проект надвор од населени места со законската регулатива од 2020 година.

Објаснуваат дека во претходната измена на Правилникот се пристапило кон укинување на оваа можност, но поради бројни реакции од општините, за каде од Министерството велат дека се водат „низа постапки за намени кои не се од групите класи на намена А и Б“, со најновите предложени измени повторно го отвараат за дискусија прашањето за продолжување на започнатите постапки.

„Потенцираме овие измени не се однесуваат за објекти од класа А и Б (како големи станбени блокови), туку за останатите намени“, се вели во одговорот на Министерството за транспорт и врски.

Граѓанската Охрид SOS предупредува и дека се отвора простор за злоупотреби и затоа што државата нема Закон за просторно планирање ниту нови просторни планови.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека просторното планирање е во надлежост на Министерството за животна средина и просторно планирање.