Багери пристигнаа и до брегот на реката Дошница, на планината Кожув и почнаа со расчистување на теренот за изградба на две мали хидроцентрали - како што во изминативе години беше направено на десетици планински реки во земјава, вклучително во националните паркови.
Исечена е шума, а механизацијата почнала да копа по коритото на реката, додека активисти застанаа на блокади против проектите, велејќи дека се закана за целиот жив свет во пределот на реката.
„Планираните хидроцентрали тотално ќе го уништат биодиверзитетот на Дошница, а најзагрозени се речната пастрмка и автохтоната македонска пчела“, вели Ристо Камов – од Гевгелија кој е дел од граѓанското здружение „Changemakers“.
Камов е меѓу активистите од повеќе градови кои 20-тина дена прават жив ѕид, револтирани од опасноста што се заканува, како што велат, на еден од последните чисти водни текови.
Пристапот до реката сега е блокиран на патиштата од трите општини кои ја делат планината Кожуф – Гевгелија, Кавадарци и Демир Капија, велат тие.
Дошница извира под врвот Зелен Брег на Кожуф, на надморска височина од 1.750 метри и се спушта кон клисурата на Демир Капија.
Но, додека граѓаните и активистите протестираат, Владата на седница на 10 јули одобри продолжување на рокот за изградба на двете мали хидроцентрали на Дошница за една година, на барање на концесионерот, односно до 6 април 2026 година.
Побаравме коментар од Владата кое е образложението за оваа одлука, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.
Нема соодветна контрола
Дозволите за двете хидроцентрали МХЕЦ Баров Дол и МХЕЦ Папрад ѝ се издадени на приватната фирма „Хидро Дошница“. Според истражувањето на Истражувачката репортерска мрежа ИРЛ, хидроцентралите сака да ги гради сопственикот на кладилниците „Спортлајф“, Ѓоко Стерјоски, а градежните активности се планирани во горниот тек на реката, на територијата на Општина Кавадарци.
Истите сопственици, само со друга фирма, веќе имаат изградено мала хидроелектрана на Коњска Река на Кожуф и тој простор е направен пустелија, вели за РСЕ Марина Томова од Гевгелија која исто така е дел од „Changemakers“.
Таа вели дека државата нема соодветен кадар ниту алатки да го мери испуштањето на оние 10 проценти биолошки минимум на вода во реката, како што е предвидено според тековниот Закон за водите.
„Очигледно е дека тука не станува збор за производство на струја, туку дека ние граѓаните даваме 6 проценти од сметките за производителите, односно ги субвенционираме малите хидроцентрали“, додава таа алудирајќи на тоа дека проектите за мали хидроцентрали се финансираат од сметките за струја во форма на повластени тарифи. Според Законот за енергетика, 6 проценти од парите кои ги плаќаат граѓаните се наменети за субвенционирање на обновливи извори за енергија.
Радио Слободна Европа побара одговор и од Општина Кавадарци дали ќе им излезе во пресрет на граѓаните кои протестираат и ќе преземе конкретни чекори за преиспитување на дозволите и заштита на јавниот интерес и животната средина, но до објавување на текстот одговор не добивме.
Заштита на половина река
Иронично е што државата планира да го заштити само долниот тек на Дошница, додека на горниот тек дозволува изградба на хидроцентрали.
Во процес на заштита е подрачје во Демир Капија каде поминува горниот тек на реката, во кој се вклучени Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Демир Капија, граѓанската организација „Еко свест“ и меѓународни донатори.
Но, активистите бараат да се зачува целата река и да запре изградбата на хидроцентралите, а борбата велат дека ќе ја водат комбинирано, преку граѓански отпор на терен и правни механизми во институциите.
„Додека не ги тргнат машините, додека не ја укинат дозволата и направат нови студии, блокадите во никој случај нема да запрат“, вели Томова.
Од Жировница до Дошница – тешка и долга битка
Жителите на селото Жировница во срцето на Националниот парк Маврово, речиси една деценија водеа битка против изградба на две мали хидроцентрали на реката Жировничка.
Локалното население го блокираше секој обид за градежни зафати, додека Владата постојано ги продолжуваше роковите за градба. Случајот стигна и до Бернската конвенција, како пример за загрозување на заштитено подрачје. По долги години отпор, на крајот од минатата година концесиите беа повлечени.
Дали Владата сега слично постапува и за хидроцентралите на Дошница? Додека се случува граѓански отпор, таа одобри продолжување на рокот за изградба на двете мали хидроцентрали, а Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Миџити доби овластување од Владата да го потпише анексот на концесискиот договор.
Здружението „Еко-свест“ поттикнато од одлуката на Владата испрати писмо до Меџити, барајќи да преземе итни мерки во врска со хидроцентралите на Дошница.
Од „Еко-свест“ бараат инвеститорот да изработи нови елаборати, бидејќи велат дека постоечките се изработени пред 2019 година, но и дека не ги земаат предвид високите природни вредности на реката, за која велат дека е дом на ендемични видови, а дека предвидениот биолошки минимум од 10 проценти вода ќе доведе до деградација на екосистемот.
„Сè се гради со елаборат“
За активистите од „Еко свет“ главен проблем е што во Северна Македонија станува правило дозволите за мали хидроцентрали да се издаваат врз основа на елаборати без јавна расправа, наместо преку студии за Оцена на влијание врз животната средина, како што налагаат европските стандарди. Тие поднесоа иницијатива до Уставниот суд со која бараат да се стави крај на оваа практика.
„Денес сè се гради со елаборат – не само малите хидроцентрали, туку и големи инфраструктурни проекти, како што е интерконекторот. Тоа е метод што го заобиколува јавниот интерес, затоа што со елаборат не се предвидува јавна расправа. Сè се решава зад затворени врати, инвеститорот си ги договара документите, ги добива дозволите, и кога јавноста ќе дознае – багерите веќе се на терен. Потоа можеш да се жалиш, да тужиш, ама работата е завршена“, вели за РСЕ Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“.
Кои се правните механизми?
Претставката до Уставниот суд е доставена, бидејќи, според Митревски, невозможно е да постои механизам за доделување на концесија за користење на вода како јавен ресурс без јавноста да има увид и како што вели, тоа е против домашното законодавство и меѓународните конвенции.
Ако иницијативата пред Уставен суд не помине, Митровски вели дека ќе реагираат до Архуската конвенција која е ратификувана во македонскиот парламент и експлицитно вели: за сите инфраструктурни интервенции кои ги земаат предвид јавните ресурси, мора јавноста да биде консултирана.
Разликата меѓу Елаборат и Студија за оцена на влијание врз животна средина е тоа што елаборатите се документи од 10 до 20 страници со кој инвеститорот аплицира во Министерството за животна средина и во општините и добива дозвола за користење на водите, градежна дозвола и концесија, вели Митревски.
Од друга страна, со Студијата за оцена за влијание врз животна средина јавната расправа е задолжителна за локалните заедници и експертската јавност да дадат аргументи дали се против или не.
Во Европа се бараат Студии за оцена на влијание
Според европското законодавство и Поглавјето 27, како и Архуската конвенција, за вакви проекти е задолжителна изработка на Студија за оцена на влијание врз животна средина која подразбира транспарентност и консултација со јавноста.
„Тој механизам за добивање на концесии за користење на јавно добро врз основа на елаборат го има само во неколку африкански држави и кај нас, за кој ќе стигна да може да ги експлоатира ресурсите“, вели Митревски.
Побаравме одговор од Министерството за животна средина и просторно планирање зошто и натаму се дозволува изградба на мали хидроцентрали врз основа на елаборати – и покрај тоа што европското законодавство (Поглавје 27) и Архуската конвенција бараат употреба на Студија за оцена на влијание врз животна средина.
Во нивниот одговор тие воопшто не ги спомуваат европските закони (Поглавје 27), ниту Архуската конвенција.
Од Министерството велат дека постапката за двете мали хидроелектрани на Дошница – МХЕЦ Баров Дол и МХЕЦ Папрад – е спроведена врз основа на владина одлука од 2019 година и дека концесионерот потоа ги добил сите потребни согласности од надлежните институции, вклучително и од Општина Кавадарци.
Објаснуваат дека за малите хидроцентрали, според законската регулатива, не е задолжителна Студија за оцена на влијание врз животната средина, туку се изработува Елаборат. Тврдат дека постоела можност за јавноста да се вклучи во процесот, бидејќи барањата за дозволи биле објавени во дневниот печат, но за нив не биле поднесени забелешки.
„Во секој случај, во согласност со Законот за водите доставените барања за издавање на дозволи за користење на води, кои се спроведуваат пред потпишување на договороте за концесија, а со цел да биде вклучена заинтересираната јавност и да даде свои забелешки, барањата за издавање на дозволите се објавени во два дневни весника Нова Македонија и Коха. Во овие постапки не се добиени забелешки, ниту се истакнати одредени барања од заинтересираната јавност“, се вели во одговорот на Министерството.
Во Северна Македонија има 98 активни мали хидроцентрали и сите се изградени врз основа на елаборат, вели Митревски. Една третина се во заштитени подрачја.