Концентрациите на ПМ10 честички во Трубарево во дозволените граници

Складот за преработки на електронски и пластичен отпад во Трубарево каде избувна пожар на 13.09.2025

Концентрациите на PM10 честички во зоната на Трубарево се безбедни и не ја надминуваат законската граница – информираше Министерството за животна средина по пожарот кој на 13 септември изби во складиштето за електронски отпад. Испитувањата и на воздухот и на почвата продолжуваат

Според резултатите од Индикативните мерења на суспендирани цврсти честички – фракција PM10 во зоната на Трубарево, во периодот 14-18 септември 2025 година, што ги изврши Лабораторијата АМБИКОН при Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип што беа објавени денеска, воздухот во Трубарево не е загаден со ПМ 10 честички.

Од Министерството за животна средина соопштија и дека „се препорачува континуиран мониторинг во близина на местото на пожарот, особено при активности за чистење и рехабилитација на локацијата“.

-Клучни резултати од мерењета се просечни концентрации PM10: 36–44 µg/m³, сите во рамки на дозволената 24-часовна гранична вредност од 50 µg/m³. Материите содржани во честичките (Na, Mg, Al, Si, S, K, Ca, Fe, Cu, Zn, Pb и други) се во рамки на нормалните вредности за урбани средини. Концентрациите на PM10 се безбедни и не ја надминуваат законската граница - стои во соопштението до МЖСПП.

Резултатите се однесуваат за мерни места на локацијата одалечена 50 метри од пожарот и локацијата на 150 метри од пожарот, во дворот на основното училиште на селото.

Од Министерството велат дека ќе продолжат со „редовно следење на квалитетот на воздухот и навремено информирање на јавноста“.

Во меѓувреме, останува да се доанализираат уште два филтри од последниот ден на мерењето на воздухот во Трубарево – информира ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип и раководител на лабараторијата АМБИКОН, Дејан Мираковски. Тој вели дека потребни се и дополнителни анализи за воденорастворливите јони.

Мираковски нагласи дека резултатите од мерењата на воздухот кои беа објавени денеска, покажуваат дека состојбата со квалитетот на воздухот таму, една недела по пожарот, е нормализирана.

„Елементарниот состав е изразен во нанограми или милјардитиот дел на грамот во кубен метар и повторно ако треба да се сумира, тоа се концентрации кои се вообичаени за урбана средина и не се работи за некакви екстремни концентрации на ниту еден од елементите. Споредено со другите градови сме гледале и многу повисоки концентрации, а посебно во зимските периоди, кога е загадено многу повеќе, на сите елементи, коишто се дадени“, изјави Мираковски.

Тој посочи дека не може да направи оценка врз основа на период од пет дена и затоа препорачуваат да остане мониторингот во реално време за да може да се види, доколку се јавува некаков проблем.

Според него, дополнителните анализи важни за потврдување на зоната на контаминација и за безбедноста на граѓаните се „анализите на земјата и на изворите на вода, односно подземните води и површинските води, доколку ги има во регионот“.

Загадување со тешки метали

Пред денешните резултатите на лабораторијата АМБИКОН на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, со резултати за загадувањето од пожарот минатата недела излезе и Министерството за животна средина и просторно планирање.

По пожарот и денот потоа, било регистрирано значително надминување на дозволените граници за ПМ 10, олово, кадмиум и арсен, односно биле измерени високи концентрации на честички и тешки метали“, наведоа од Министерството.

Мерењата направени на 13 и 14 септември покажале дека концентрацијата на ПМ10 честички изнесувала 92,6 микрограми на кубен метар, што е речиси двојно над дозволената граница од 50.

Видете и ова: По пожарот во Трубарево во воздухот имало големо количество на тешки метали

Кај тешките метали, оловото било над дозволеното со 0,75 микрограми, а граница е 0,5.

Кадиумиомот бил 59,1 нанограми, а граница е 5, што е повеќе од десет пати над дозволеното.

Арсенот изнесувал 8,9 нанограми, а границата е 6, што е исто така над границата.

Единствено никелот бил во дозволени граници, со 6,4 нанограми на кубен метар (лимитот е 20).

Министерството за здравство на 16 септември соопшти дека во примероците од вода и почва земени по пожарот не биле откриени радиоактивност ниту опасни концентрации на тешки метали.

Анализите на Институтот за јавно здравје опфатиле 16 тешки метали и покажале дека резултатите се во рамки на референтните вредности.

Како исклучок било забележано мало зголемување на бакар и цинк во површинскиот слој на почвата каде што гореле литиумските батерии, што според Министерството било очекувано.

Се додава дека испитувањата ќе продолжат и во наредниот период, во согласност со протоколите.

Видете и ова: Има ли реални хибридни напади со пожарите?

„Хибридни напади“ или „задоцнети мерки“

По пожарот во Трубарево кој избувна на 13 септември во складиштето за електричен и електронски отпад на компанијата Ф-Групација, ситуацијата во скопскиот регион ескалираше по пожарите во депонијата Дрисла и на локацијата Вардариште, коишто предизвикаа вознемиреност во јавноста.

Пожарите отворија политичка полемика. Премиерот Христијан Мицковски за пожарите рече дека биле идентификувани дваесетина лица кои се сомничат дека стојат позади пожарите и дека постојат центри на моќ кои се обидуваат да внесат страв и паника кај граѓаните пред изборите.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Жители на Трубарево се плашат од последиците од пожарот

Мицкоски и директорот на ЦУК Стојанче Ангелов изјавија дека пожарите се подметнати и дека се дел од „хибриден напад“.

Опозицијата, пак, ја обвини Владата за лаги, доцнење и „труење на граѓаните“.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека „се потврдило труењето во Трубарево“ и ја обвини Владата за, како што рече, лаги и задоцнета реакција.

Тој побара оставки од министрите за внатрешни работи и здравство, како и од директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, а од обвинителството – итна истрага.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ лажеше дека воздухот во Трубарево не е загаден и не презеде итни мерки за заштита на граѓаните. Властите се директно одговорни за труењето на луѓето“, изјави Филипче.

За пожарот во Трубарево, Јавното обвинителство на 17 септември отвори истрага и побара притвор за четири лица поврзани со Ф-Групација.

Обвинителството наведе дека постои сомнение дека со несоодветното складирање и третман на отпад бил загрозен животот и здравјето на граѓаните.

Во меѓувреме, институциите најавија дополнителни мерења на загадувањето, вклучувајќи ги и оние од независни лаборатории.

Видете и ова: Ангелов: Криминалистичка полиција ги истражува сомнежите за подметнат пожар во Дрисла

Пожарот во Дрисла, Ангелов: некој свесно го труе народот

Само дена претходно, на 9 септември, пожар избувна и во депонијата Дрисла, а чадот беше видлив од повеќе скопски населби.

Додека пожарникарите интервенираа со повеќе возила, јавноста со вознемиреност ги следеше информациите во најголемата депонија за отпад во Македонија.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, за пожарот во Дрисла изјави дека не бил случаен, туку подметнат, туку дека имало јасни индиции дека некој свесно предизвикал оган на локацијата и со тоа го загрозил здравјето на скопјани.

„Не е нормално во толку краток период да има толку многу пожари на критични локации. Некој свесно го труе градот и институциите мора да ја преземат одговорноста за заштита на граѓаните“, нагласи директорот на ЦУК.

Видете и ова: Вардариште - каблите повторно во пламен, институциите 30 години не реагираат

Пожарите во Вардариште предизвикаа блокади и протести

Пред пожарите во Дрисла и Трубарево, на крајот на август гореше поранешната градска депонија Вардариште, по што без електрична енергија останаа повеќе делови од Скопје и околните населби.

Жителите на Аеродром и Ново Лисиче веднаш излегоа на протести и најавија дека ќе ги блокираат скопските улици секојдневно сѐ додека не се преземат конкретни мерки за решавање на проблемот.

Основното јавно обвинителство отвори истрага и побара притвор за три лица осомничени за подметнување на пожарот.

Според Обвинителството, тие се товарат за кривичното дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“.

Во Вардариште пожарите главно ги предизвикуваат лица кои палат кабли за да дојдат до бакар и потоа го продаваат.