Најмалку 19 лица биле убиени, а десетици повредени во Украина во масовниот бран руски напади со беспилотни летала и ракети, што претседателот Володимир Зеленски го нарече „дрзок напад врз обичниот живот“.
Украинските медиуми објавија дека експлозии се слушнале рано наутро на 19 ноември низ регионите Тернопол, Хмелницки, Ивано-Франкивск, Ривно, Лвив и Дњепропетровск, додека нападите биле насочени кон источна и западна Украина.
Градоначалникот на западноукраинскиот град Лвов, Андриј Садови, во објава на Телеграм, ги повика жителите да побараат засолниште, предупредувајќи: „Непријателот ја напаѓа западна Украина со беспилотни летала. Не го игнорирајте алармот!“
Министерството за енергетика на Украина соопшти дека нападите предизвикале итни прекини на електричната енергија во неколку региони, а екипите за поправка работеле на враќање на електричната енергија каде што е можно.
Последици од нападот со руски дрон во Харков, 19.11.2025
Русија ги интензивираше нападите врз украинските енергетски објекти како што се приближуваат зимските месеци, што доведе до страв од недостиг на електрична енергија поради веројатното замрзнување. Москва, исто така, редовно напаѓаше украински цивилни области, иако негира дека ги таргетира таквите локации.
Активирана воздушна одбрана во Полска и Романија
Рускиот напад врз западните региони на Украина предизвика брз одговор од соседна Полска.
Оперативната команда на полските вооружени сили потврди дека борбени авиони и авиони за рано предупредување полетале поради нападите на Русија во близина на полската граница.
Полската агенција за воздушна навигација објави кратко затворање на аеродромите во Жешов и Лублин во југоисточна Полска „за да се обезбедат операциите на военото воздухопловство“.
Романија, исто така, накратко ја крена својата воздушна одбрана откако радарот детектира дрон кој продирал околу 8 километри во националниот воздушен простор, предизвикувајќи јавна тревога во окрузите Тулча и Галац во источниот дел од земјата.
Авионите „Еурофајтер“ и „Ф-16“ полетаа, иако не беа пронајдени остатоци или места на удар, според соопштението на романското Министерство за одбрана.
Руски беспилотни летала го нападнаа Харков
Во украинскиот регион Харков, десетици беа ранети преку ноќта кога руски беспилотни летала нападнаа по трет пат за три дена, соопштија официјални лица на 19 ноември.
Полицијата во Харков соопшти дека најмалку 36 лица се повредени во последниот напад во текот на ноќта, во кој беа оштетени повеќе од 10 станбени згради, училиште, супермаркет и станица за брза помош.
Две деца на возраст од девет и 13 години се меѓу повредените, соопшти полицијата, додавајќи дека „лекарите кај децата дијагностицирале акутни реакции на стрес“.
На 18 ноември, Генералштабот на вооружените сили на Украина потврди дека извршил напади во Русија користејќи ракети ATACMS со краток дострел.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека украинските сили истрелале четири ракети ATACMS кон градот Воронеж, кој се наоѓа во јужна Русија.