Кристина Круду ги разгледува своите јаболкници и се жали дека нејзиниот бизнис наскоро може да банкротира поради економските стресови што ги претрпе Молдавија по општата инвазија на Русија врз соседна Украина.
Молдавија е сè уште цврсто поврзана со земјоделството, со повеќе од една четвртина од населението вработено во полиња, лозја и овоштарници. Додека се подготвува за парламентарните избори на 28 септември, таа е исто така плодна почва за антизападните наративи на Кремљ што се шират на интернет, поради реалнo распространетaта сиромаштија.
„Не можеме да извезуваме во Европската Унија затоа што немаме сертификати што им се потребни. Беше многу полесно да се извезува во Русија“, изјави Круду за молдавската служба на Радио Слободна Европа.
Одгледувач на овошје околу 20 години во областа Дондушен, на помалку од 25 километри од украинската граница, се бори да се прилагоди поради сериозните трговски прекини со Русија од 2022 година.
„Не можеме ни да ги покриеме трошоците за берење овошје“, рече таа, додавајќи дека ќе гласа за опозициските социјалисти, кои се дел од коалицијата „Патриотски изборен блок“ што ја предизвикува прозападната влада на Молдавија.
Видете и ова: Дебата за разделба во ЕУ: Патот на Молдавија и Украина кон членство под лупаСоцијалистите се предводени од Игор Додон, поранешниот молдавски претседател кој долго време одржува блиски врски со Москва. Тој ја нарече сегашната демократски избрана влада „криминален режим“.
Круду се надева дека Додон може да обезбеди подобри цени за нејзиното овошје.
„Ако ништо не се промени по изборите, ќе го исечеме овоштарникот и тоа е тоа“, рече таа.
Војна пред врата
Таа е далеку од единствената со таков став. Одлуката на Москва да испрати тенкови во Украина силно ја погоди Молдавија, не само со нарушување на трговијата, туку и со зголемување на цените на енергијата и предизвикување скок на инфлацијата.
Официјалната статистика за 2024 година покажа дека 33,6 проценти од Молдавците живееле под линијата на сиромаштија, во споредба со 24,5 проценти пред војната. Инфлацијата достигна околу 35 проценти во месеците по почетокот на инвазијата, иако падна на 7,32 проценти до август 2025 година, според податоците од Народната банка.
Социјалната работничка Маргарета Пасла разговара со РСЕ во нејзиното родно село Куселаука во североисточна Молдавија.
Економијата на Молдавија порасна за само 0,1 процент во 2024 година, по длабокиот пад во 2022 година и малото закрепнување во 2023 година. Земјата со 2,4 милиони жители, исто така, мораше да прифати повеќе од 130.000 украински бегалци.
Не сите гласачи се убедени од пораките на опозицијата. Некои целосно се откажаа.
„Гласам толку многу години, понекогаш за едните, понекогаш за другите, секогаш се надевам дека работите ќе се подобрат. Но, никогаш не се подобрија“, изјави 75-годишната Маргарета Пасла за РСЕ.
Иако е во пензија, таа продолжува да работи како социјален работник во две села, два часа возење југоисточно од овоштарникот на Кристина Круду.
Нејзината месечна пензија од околу 130 евра едвај ги покрива сметките за комунални услуги, рече таа, и покрај тоа што се зголемила за околу 80 проценти во последните четири години.
„Не мислам дека повеќе ќе гласам, ништо нема да се промени во секој случај. Ние, во селата, ќе имаме своја кал и свои проблеми“, додаде таа.
Видете и ова: ЕУ планира самит во Молдавија, но временската рамка за нејзино пристапување останува непознатаВистинските економски проблеми стојат зад сè поогорчената изборна кампања во која владата предупредува дека Москва игра злонамерна улога преку кампањи за дезинформација на социјалните медиуми и нелегални напори за купување гласови.
На 22 септември, полицијата спроведе рации на неколку локации низ целата земја, со цел, како што наведоа, „подготовка на масовни немири и дестабилизација, кои се координирани од Руската Федерација преку криминални елементи“.
Кристина Беџереану и нејзиниот сопруг Думитру на нивната фарма во округот Леова, југозападна Молдавија
Кремљ постојано ја обвинува Молдавија за „антируска хистерија“ и негираше дека се мешала во она што претседателката Маја Санду го нарече „најважните избори“ во историјата на нејзината земја.
Надежи за европска иднина
Економските проблеми на Молдавија не се поврзани само со војната во Украина. Населението на Молдавија, долго време една од најсиромашните земји во Европа, се намалува од падот на комунизмот, бидејќи луѓето заминуваат во ЕУ и други земји за да најдат работа.
На претходните избори, околу еден милион емигранти беа инструментални за зголемување на гласовите за прозападните сили и може да го сторат тоа и овој пат.
Дотогаш, владата инсистира дека нејзините напори во европската интеграција ќе вродат со плод ако гласачите ја поддржат.
„Тукушто потпишавме со Европската Унија план за раст од 1,9 милијарди евра за следните три години“, рече Марсел Спатари, кандидатот на партијата ПАС на претседателката Санду, за време на неодамнешната предизборна дебата организирана од молдавската служба на РСЕ.
Тој рече дека договорот ќе обезбеди „илјадници километри поправени патишта, изградба на терминали за меѓународна трговија, мостови преку реката Прут и завршување на инвестициите во мрежи за електрична интерконекција со Романија“.
Тоа е порака што некои гласачи ја прифаќаат. Во округот Леова, кој се наоѓа по должината на границата со Романија во југозападниот дел на Молдавија, 34-годишната Кристина Беџереану има 400 хектари полиња со пченица и сончоглед со својот сопруг Думитру.
„Верувам во европската иднина на Молдавија и сум убедена дека тоа е единствениот пат што може да нè доведе до просперитет и некако да обезбеди мир во нашата земја“, изјави таа за РСЕ.
Беџереану не ги крие економските проблеми на земјата. Таа го гледа прозападниот пат на Молдавија како можно решение за нив.
„Како земјоделци, ни треба работна сила, но речиси и да нема луѓе во селата. Ако нашите села имаа вода, канализација и добри патишта како во Европа, дали луѓето сепак ќе си заминеа? Не мислам дека ќе беше така“, рече таа и додаде:
„Токму за ова ќе размислуваме кога ќе гласаме - да ја вратиме Европа дома“.