Нов Кривичен законик во Собрание до крајот на 2025?

Илустрација - Собрание и Основен кривичен суд.

Пратениците или уставните судии - некој од нив до крајот на годината ќе треба да направи потег за Кривичниот законик. Пратениците би требало да усвојат целосно нов, доколку не, тогаш Уставен би се произнел дали ќе ги укине односно поништи барем спорните измени од пред две години. Но одлуката на Уставен може да создаде правен вакум или различни толкувања.

До крајот на 2025 година, Северна Македонија би можела да добие сосема нов Кривичен законик (КЗ) со кој би се надминале и забелешките за спорните измени од пред две години кога се намалија казните за злоупотреба на службената положба.

Нов Кривичен законик се најавува подолг период, на почетокот на годинава Министерството за правда соопшти дека е готов и испратен на мислење до Европската комисија (ЕК). Во меѓувреме, мислењето е пристигнато и врз основа на него се прават усогласувања.

Владини извори за РСЕ брифираат дека работните групи секојдневно работат на законот, се прават усогласување со уште неколку директиви на Европската Унија. Очекувањата се дека до крајот на годинава предлогот за нов Кривичен законик би поминал на владина седница и би влегол во собраниска процедура што би последен чекор пред да биде изгласан.

Со новиот Кривичен законик се очекува да се „поправат“ критиките, но и да се одговори на барањето на Уставниот суд од февруари да се коригираат спорните измени од септември 2023.

Видете и ова: Стари казни за новите функционери

За потсетување, под превезот на европското знаменце тогашниот собраниски состав изгласа измени и за: злоупотреба на службената положба и овластувања, несовесно работење во служба и злосторничко здружување. Казните за нив беа намалени, се воведе горна граница за затворската казна, а со тоа се скрати и рокот за застарување на овие кривични дела после кој е невозможно да се бара кривична одговорност за осомничени или обвинети лица.

Собрание или Уставен – каде лежи најдоброто решение?

Овие измени беа оспорени пред Уставниот суд, кој реши да поведе постапка поради сомнеж за уставноста и му наложи на Собранието во рок од шест месеци да ги направи неопходните измени, што значи дека освен пратениците, на потег може да бидат и уставните судии.

Рокот од шест месеци истече во август, а претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, во гостување на ТВ Телма порача дека ако Собранието до крајот на годината не се усогласи и не постапи по препораките, тогаш на последната седница во декември измените на Кривичниот законик ќе бидат ставени на дневен ред пред уставните судии.

Меѓу можностите што би ги имале судиите би биле укинување или поништување на измените од пред две години.

Сепак, најдоброто решение, за да не се остава простор за правен вакум и различни толкувања, е да се донесе новиот Кривичен законик, што го најавува Министерството за правда, сметаат дел од експертите.

„Најсоодветно ќе биде ако Собранието интервенира. Не може да ги санира последиците, но може да даде нормални санкции за ваквите кривични дела“, вели за РСЕ Дарко Аврамовски од невладината Коалиција Сите за правично судење, која ги следи состојбите во праводуството.

Според него, ако не се донесат измени или нов Кривичен законик и се остави Уставниот суд да се произнесе, тогаш се оди на непроверен терен.

Евентуална одлука на судот за укинување, ќе значи правен вакум бидејќи во законот нема да постои членот „злоупотреба на службената положба и овластувања“. Одлука за „поништување“, пак, би создала дилеми.

„Нема консензус ниту меѓу правници теоретичари ниту меѓу правници проектичари за тоа каков ефект ќе има поништувачка одлука на поништувачки одредби односно дали ќе се вратат во сила старите одредби и можно е да се остави правен вакуум“, вели Аврамовски, посочувајќи дека слична ситуација имаше и со одлучите на Уставен за законите за амнестија и за спречување на дискриминацијата.

Видете и ова: Година во која на функционерите им беше добро – Си ги зголемија платите и се спасија од затвор

За разликите околу „укинување“ и „поништувањето“, како и за делимети што би значела поништувачка одлука доколку биде донесена од Уставниот суд зборуваше и претседателот Костадиновски.

Личниот став на претседателот на судот е дека ако се поништат сите измени што со закон беа направени во 2023 поради формална неуставност (поради начинот и постапката во кој беа донесени измени), тогаш тоа би значело враќање на старите одредби. Меѓутоа, други сметаат поништувањето нема да значи враќање на старите одредби.

„Дури и во Уставниот суд меѓу судиите има различни стојалишта во однос на правниот ефект на поништувачките одлуки“, рече Костадиновски на ТВ Телма.

Тој спомена и трета можност што самиот ја нарекува „мртва норма“ која досега никогаш не била применета од Уставниот суд. Таа значи хипотетички, да се донесе одлука за „укинување“ но со одложено дејство односно укинувањето да почне да важи за неколку месеци со цел да нема правен вакум и да се даде дополнително време Собранието да донесе нов закон или измени.

Ниту едно од овие сценарија, нема да значи враќање или повторување на постапките кои завршија со „поблагите“ казни.

Спорните измени што сега би се „коригитале“ со нов закон или би биле предмет на одлука на Уставниот суд, во пракса спасија десетици функционери од кривичен прогон. Според анализите на невладината Коалиција – Сите за правично судење, само во предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство, се создаде можност за дури 80 обвинети да настапи апсолутна застареност. Еден од нив беше и случајот „Таргет-Тврдина“ кој застаре во делот за незаконското прислушување во земјата од 2008 до 2015 година.

Анализите што ги направи најголемиот суд во земјава – Основниот кривичен суд Скопје, пак, покажаа дека во периодот кога беа донесени измените се водела постапка за 197 обвинети лица за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Потег за Кривичниот законик очекува и ЕУ

Измените и последиците кои беа предизвикани, ги нотираше и Европската комисија. Откако во минатогодишниот извештај за напредокот на земјата беше изразена сериозна загриженост дека на овој начин се попречува способноста да се истражуваат и гонат овие кривични дела, пораки беа упатени и со новиот извештај за 2025.

Во него се нотира дека нема напредок во владеењето на правото и борбата со корупцијата и се потсетува на рокот од шест месеци што го даде Уставниот суд на Собранието за измени.

Видете и ова: Корупцијата главна сопка за европските амбиции на младите

И евроамбасадорот во Скопје, Михалис Рокас, на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, потсети дека прашањето со Кривичниот законик треба да се реши.

„Во однос на борбата против корупцијата потребно е да се измени Кривичниот законик во согласност со препораките“, рече Рокас на 6 ноември.

Нов Кривичен законик е и обврска која Северна Македонија ја презеде со реформската агенда во рамки на Планот за раст на Западен Балкан усвоен од Советот на ЕУ. Рокот кој е поставен во агендата е декември 2025 година, до кога треба да се донесе и нов Закон за кривична постапка (ЗКП).

Ако бидат донесени според агендата, ЕК за двата закони ќе и исплати на државата речиси 13 милиони евра (по 6.422.435 евра за КЗ и за ЗКП).