Проценката на обвинителниот акт за обвинетите за пожарот во кочанската дискотека Пулс кој настана пред шест месеци и загинаа 62 млади луѓе, а над 200 беа повредени, е во финална фаза, велат за Радио Слободна Европа од Кривичниот суд. До сега во судот пристигнале 40 приговори и тие се разгледуваат, додаваат оттаму.
Трагедијата во која загинаа 62 млади луѓе се случи во ноќта меѓу 16 и 17 март 2025 година, кога околу 2:30 часот наутро избувна пожар во ноќниот клуб. Според Обвинителството. причина за пожарот, биле пиротехнички средства кои запалиле запалив материјал на таванот. За само неколку минути целиот клуб беше зафатен од огнот, а младите луѓе немале доволно време за бегство низ едната влезна врата.
Пожарот откри сериозни системски пропусти, клубот немал доволно излези, работел без важечка дозвола и не бил адекватно проверуван од инспектори. Овие пропусти покренаа лавина реакции, протести и маршеви низ целата држава. Обвинителството отвори две истраги, едната за системските пропусти, додека втората за полициските службеници и нивното (не)постапување.
Новообвинет е сопственикот на фирмата за обезбедување Рубикон
На 5 септември годинава Обвинителството до Судот доставен уште еден обвинителен акт за новообвинет за „тешки дела против општата сигурност“ како дел од истрагата за системските пропусти и причините за пожарот кој усмрти 62 човечки животи.
Во дополнението на обвинителниот акт станува збор за пропусти во работата на сопственикот на фирмата за обезбедување „Рубикон“ кој не постапил според прописите и техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и имотот од големи размери.
Според дополнувањето на обвинителниот акт, обезбедувањето на дискотеката била вршена без писмен договор со Клубот „Пулс“, и без контрола и надзор при исполнување на обврските на вработените кои вршеле обезбедување на имот.
„На критичниот ден, тројца вработени во агенцијата биле задолжени да го обезбедуваат објектот во Кочани без да утврдат претходна безбедносна проценка со проверка по однос на сигурносните услови на објектот, опасностите и можностите за евакуација во случај на опасност, без проверка на влезови и излези и нивна исправност, во услови на преполнетост на капацитетот на посетители“, се вели во последното соопштение на Обвинителството.
Видете и ова: Повредените од пожарот во Кочани повторно ќе добијат компресивна облека обезбедена со донацииВработените распоредени од Агенција за обезбедување „Рубикон“ не напрвиле ниту проверка на идентитетот и возраста на посетителите на дискотеката, ниту пак го спречиле внесот на пиротехничките апарати со кои бил предизвикан пожарот. Доказите во истрагата покажеле дека новобвинетиот како вистински сопственик на фирмата за обезбедување давал инструкации кон дел од обвинетите кои критичната вечер биле ангажирани како обезбедувачи.
„Исто така, обезбедени се докази дека по пожарот во Кочани тој презел активности во насока на формирање ново правно лице со седиште во Струмица, чија основна дејност му е исто така физичко обезбедување на имот и лица, а со цел да ја продолжи дејноста повторно затскривајќи се формално-правно во раководењето зад друго одговорно лице“, се вели во соопштението на Обвинителството.
На обвинителна клупа во Кривичниот суд ќе седнат над 30 луѓе
Обвинителството обвинението го поднесе на 13 јуни. Во него се обвинети 34 лица и три фирми. Меѓу обвинетите се последниот кочански градоначалник Љупчо Папазов, и двајца поранешни Ратко Димитриевски и Николчо Илијев. На списокот обвинети се и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, поранешен државен секретар, еден раководител, службено лице и помлад соработник во Министерството.
Меѓу обвинетите се поранешен директор на Пазарен инспекторат и инспектори, сопственичката на фирмата која дала елаборат за употреба на објектот како дискотека, синот на сопственикот на дискотеката „Пулс“.
Сите се обвинети за сериозни прекршувања, од фалсификувани дозволи до пропуштање на службена должност. Доколку вината им се докаже, казните можат да достигнат и до 20 години затвор.
Надлежноста врз предметот ја презеде Кривичниот суд откако беше утврдено дека во основниот суд во Кочани нема доволно судии и ресурси за да се води ваков голем процес.
Видете и ова: Три месеци по трагедијата во Кочани - повредените бавно закрепнуваатИмено во обвинението е посочен период од 13 години во кој обвинетите се товарат дека со своите постапки придонеле да се случи трагедијата или пак тоа што ништо не сториле исто така довело до неа. Ова се однесува посебно на службените лица и функционерите.
„Сите лица се обвинети во согласност со дејствијата што ги презеле или не ги презеле и со тоа придонеле за катастрофалната штетна последица. Врз основа на доказите, секој од нив го исполнил битието на наведеното кривично дело“, велат од Обвинителството.
Невладината која ги следи судските постапки вели дека е прерано да се каже кои се очекувањата од обвинението и престојното судење и покрај тоа што очите на јавноста се вперени во целиот процес.
„Можеме да очекуваме судски процес кој би траел бидејќи пред сѐ има голем број на обвинети, голем број на оштетени лица но најавени се и обемен број на докази кои треба да се изведат на главна расправа“, изјави неодамна за РСЕ Ивана Петковска од Коалицијата сите за правично судење.
Јавни собири во чест на загинатите во пожарот
Поминаа шест месеци од 16 март кога во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 62 главно млади луѓе, а над 200 беа повредени, што е една од најголемите трагедии во независна Македонија. Опоравувањето на најтешко повредените се уште трае. Постојано се бара иницијатива да им се помогне на семејствата, на граѓаните и на градот, за опоравувањето на повредените да биде полесно.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Протести во Кочани додека не се истера правдата
И покрај големиот број на обвинети кои чекаат да седнат во судницата, перцепцијата на јавноста е дека дека спроведувањето на правдата оди бавно, особено поради фактот што по три месеци од поднесувањето на обвинителниот акт, Кривичниот суд не ја спровел проценката и не закажал судско рочиште.
Во меѓувреме протестите, маршевите за поддршка, барањата за правда, собирите за солидарност и хуманитарните акции не застануваат.
Пораките во изминативе шест месеци се исти: „Правда мора да има и Кочани не смее да остане запаметен само како градот на тагата“.
Родителите на загинатите и повредените шест месеци секоја сабота мирно организираат „Марш на ангелите“ потсетувајќи ги институциите на нивното барање правда. Обвинителството спроведе истрага, но обвинетите се уште не седнаа на обвинителна клупа во Кривичниот суд.
Денеска повторно е објавен повик за нов марш со иста маршута од Паркот на револуцијата, преку Трговскиот центар и зградата на Општина Кочани, до Управата за јавни приходи, зградата на полицијата, па се до Основниот суд.
„Овој марш е симбол на нашата заедничка болка, но и наша силна порака: Никогаш повеќе ваква трагедија! Доста беше со манипулации и корупција што одземаат невини животи! Да се собереме сите заедно, да им оддадеме чест на ангелите и да покажеме дека нивната светлина и борбата за правда нема да згасне“, се вели во повикот за денешниот марш на родителите на загинатите во дискотеката Кочани.
Видете и ова: Пет месеци од пожарот во „Пулс“ - родителите по 18.пат излегоа на маршСличен повик осамна на социјалните мрежи за тивок собир на скопскиот плоштад со симболичен старт во 20 часот и 16 минути. Целта е да им се оддаде почит на прерано згаснатите животи.
„Не беше несреќа, не беше трагедија, беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Вака веќе не може. Не смееме да отрпнеме“, е наведено во повикот на „Кој е следен“.
Семејствата на загинатите и натаму бараат одговорност од институциите за трагедијата и посочија дека нема да се откажат од борбата за правда.