Достапни линкови

Истрагата за Кочани проширена со сопственикот на објектот во кој работела дискотеката „Пулс“


Дискотеката „Пулс“ во Кочани
Дискотеката „Пулс“ во Кочани

Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка со која ја прошири истрагата за пожарот во кочанската дискотека “Пулс” спрема уште едно лице, кое исто така е осомничено како соизвршител за -Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.

„Од дејствијата преземени во текот на досегашната постапка се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека осомничениот, како сопственик на недвижниот имот – објект во кој со години функционирала дискотеката, го издавал под закуп на еден од претходно осомничените. Без да поднесе барање и да добие одобрение за пренамена на објектот од надлежен орган, заеднички и во договор со осомничениот неформален сопственик на правното лице, тој на различни датуми и во повеќе наврати во временскиот период од 2012 година до месец март 2025 година преземал градежни активности со кои извршил и учествувал во незаконска пренамена на објектот од намена Г3 – сервиси и сообраќајна инфраструктура во намена Б3 – големи угостителски единици и овозможил во објектот незаконски да се врши угостителска дејност дискотека/ кабаре“, соопштија од Обвинителството.

Според Правилникот за урбанистичко планирање,Г3 е наменски објект за сервиси за одржување и поправка на опрема и индустриски производи како што се сервиси за автомобили и други возила, машини, алати и инструменти, хемиско чистење.

Според истрагата дискотеката немала паркинг и пристап во случај на несреќа како што се случи таа на 16 март.

Јавното обвинителство до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки за претпазливост.

Пожарот избувна ноќта на 15 наспроти 16 март при што загинаа 62 млади луѓе, а речиси 200 беа повредени. Дел од повредените сѐ уште се на лекување во странство. Со последното проширување истрагата опфаќа 69 осомничени.

XS
SM
MD
LG