Тргни-застани со лековите за пациенти со канцер на дојка

Универзитетска Клиника за онкологија, Скопје

Во минатите шест месеци повторно има недостаток на одредени лекови за канцер на дојка и покрај тоа што буџетот за лекови е за 65 отсто повисок од лани, според здружението “Хема - Онко“. Пациенти се жалат и бараат чаре во приватното здравство. Директорот на Клиниката за онкологија потврди дека имало доцнење од страна на добавувачот, но вели дека процедурите се завршени и лековите веќе ги има на клиниката.

„Ние сме еден чекор напред, три чекори назад во борбата со канцерот“, вели Ана Марјановиќ од „Хема-Онко“, здружение во кое членуваат пациенти со рак на гради - дијагноза која и таа ја добила на 38 години.

Додека ходниците на Клиниката за онкологија и денеска беа полни со пациенти, Марјановиќ и нејзините соборци дојдоа да им дадат поддршка по повод почетокот на „розевиот октомври“ - месецот посветен на кревање на свеста за оваа болест.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Клиника за онкологија – драматичен крик за помош од државата

Но, тоа што изостанува е поддршката од државата -не во пари, затоа што буџетот оваа година е за 65 отсто повисок од лани, но пациенти повторно остануваат без лекови.

„Во минатите шест месеци се појавија „дупки“ од по две недели, една недела, три недели, за одредени терапии. Тоа значи дека не се само парите проблем. Парите ги има, но обемните тендерски процедури, административната некоординираност на системот и немањето механизми кои ќе ги регулираат и добавувачите, ние сме оставени без лекови по неколку недели“, вели Марјановиќ.

Видете и ова: Не им e страв само од ракот на дојка, туку од системот

Пациенти минатите денови се жалеа дека ги нема лековите „палбоцицлиб“ и „рибоцицлиб“ и биолошка терапија.

„Терапиите за рак беа многу подостапни дури и во времето на ковид- пандемијата кога всушност сите здравствени системи беа пред сериозен предизвик. Тогаш имаше пракса таблетарната терапија, па дури и инекциите да се доставуваат директно до домовите на пациентките со соодветен извештај од онколог. Тоа се покажа како добро решение. Недостигот на терапии можеби и не треба да нѐ изненадува, ако се знае дека во тоалетите на клиниката нема ниту сапун. Колку и да сакаме да да гледаме со „розеви очила“, факт е дека само се комплицираат ситуацијата на пациентите со најкревко здравје“, изјави пациентката валентина М. за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Видете и ова: „Секој здив боли“ – сведоштво на пациентка со рак за животот во загадено Скопје

Д-р Игор Стојковски, директор на Клиниката за онкологија, потврди дека имало доцнење од страна на добавувачот, но вели дека процедурите за сите лекови се завршени и лековите се добиени на клиниката. Недостасува уште еден лек, за кого, според Стојковски, имало замена.

„Во моментов нема застој за ниту еден лек. За да не се случуваат вакви работи и во иднина, треба да најдеме заеднички јазик со дистрибутерите да си планираат набавките навреме. Поевтините лекови се дефицитарни и во регионот, за нив некогаш нема интерес од добавувачите и за нив треба да се бара решение заедно со Агенцијата за лекови и сите вклучени институции“, изјави Стојковски за РСЕ.

Повеќе од половина пациенти првичната дијагноза ја добиваат „на приватно“

Здружението „Хема - Онко“ направило анкета на околу 200 веќе дијагностицирани пациенти за патот до дијагноза и лекување. Повеќе од половина пациенти (околу 60 отсто) рекле дека биопсијата и првичната дијагноза ја добиле во приватна здравствена институција.

„Уште повеќе поразително е што 80 отсто од новодијагностицираните пациенти наместо на Клиниката за онкологија, се упатуваат на хирургија. Тоа е така затоа што оваа држава протоколите не функционираат, не функционираат ни тумор бордовите (тела во кои членуваат доктори од различни специјализации за да го разгледуваат секој случај поединечно.) За тие 80 отсто пациенти е најзначајно да дојдат на Клиниката за онкологија и во соработка со онколог, хирург и патолог да се направи најдобриот третман за нив“, велат од „Хема - Онко“.

Видете и ова: Над 10 милиони евра за превенција од болести, а се повеќе болни

Пациенти сведочеа за РСЕ дека не функционираат навремено ни скриниг-програмите, кога болеста може да се открие во рана фаза при што и лекувањето може да има поголем успех.

На Клиниката за онкологија годишно има по околу 800 новодијагностицирани пациенти со канцер на дојка. Се очекува дека до крајот на 2025 година оваа бројка ќе достигне до околу 1.200 пациенти.

Возрасната граница на заболени се спушта како во светски рамки, така и во Северна Македонија, па се почесто заболуваат и девојки и жени од 30 до 40 години.

Судењето за случајот „Онкологија“ се одложи за 8 октомври

Досега нема разрешница на скандалот за наводна препродажба на скапи онколошки лекови од Клиниката за онкологија за кој Јавното обвинителство на почетокот на 2024 година отвори истрага за злоупотреби вредни 30 милиони евра.

Двајца поранешни директори и тројца лекари беа осомничени за измама во службата.

Судењето против поранешниот директор на Клиниката, Никола Васев требаше да продолжи денеска но се одложи за 8 октомври, откако неговата одбрана побара државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да го преземе предметот или делегира на друго обвинителство.

Видете и ова: Обвинителството за случајот „Онкологија“: Несовесното лекување не било случајно, туку систематско

Васев, заедно со уште двајца онколози Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти.Постапката започна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина пред судот, по што судот ја осуди на две години условна казна затвор.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.

Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.