Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Израел и Хамас постигнале договор за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците како дел од неговиот план за ставање крај на двегодишната војна во палестинската енклава.
Само еден ден по втората годишнина од нападот на Хамас(која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација)врз Израел, што го предизвика разорниот напад на Израел врз Газа, индиректните разговори во Египет доведоа до договор за почетната фаза од рамката од 20 точки на Трамп.
Доколку се спроведе, договорот ќе ги зближи двете страни повеќе од кој било претходен напор за запирање на војната што се разви во регионален конфликт, вовлекувајќи земји како Иран, Јемен и Либан во конфликт и преобликувајќи го Блискиот Исток.
„Многу сум горд што објавувам дека Израел и Хамас ја потпишаа првата фаза од нашиот мировен план“, напиша Трамп на „Truth Social“.
„Ова значи дека сите заложници ќе бидат ослободени многу наскоро, а Израел ќе ги повлече своите трупи на договорената линија како прв чекор кон силен, траен и вечен мир“, додаде американскиот претседател.
Во писмена изјава, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, зборувајќи за заложниците што ги држи Хамас, изјави:
„Со Божја помош, ќе ги вратиме сите дома“.
Нетанјаху рече дека во четврток ќе свика состанок на израелскиот кабинет за да ја одобри првата фаза од договорот за Газа.
„Одличен ден за Израел“, додаде Нетанјаху во соопштението.
Хамас, исто така, соопшти дека постигнал договор за прекин на војната во Појасот Газа, велејќи дека договорот вклучува повлекување на Израел од територијата, како и размена на заложници и затвореници.
Хамас ги повика Трамп и државите гаранти да се погрижат Израел целосно да го спроведе прекинот на огнот, се додава во соопштението.
Видете и ова: Трамп и Нетанјаху се согласија за план за завршување на војната во Газа, чекаат одговор од ХамасОслободување на заложниците во рок од 72 часа од спроведувањето на договорот
Портпаролот на израелската влада изјави за Ројтерс дека Израел очекува заложниците да почнат да се ослободуваат во сабота. Тој не кажа дали владата очекува сите 48 преостанати заложници, живи и починати, веднаш да бидат ослободени.
„Хамас ќе размени 20 живи заложници за 2000 палестински затвореници како дел од првата фаза од договорот за завршување на војната во Појасот Газа“, изјави извор од милитантната група за АФП во четврток.
Размената ќе се случи во рок од 72 часа од спроведувањето на договорот, кој треба да биде потпишан во четврток, изјави извор запознаен со преговорите.
Заложниците ќе бидат ослободени во замена за 250 Палестинци осудени на доживотен затвор и 1700 други уапсени од Израел од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година, додаде изворот.
Се очекува на списокот на Палестинци што Хамас сака да ги ослободи да бидат вклучени некои од најистакнатите затвореници од Израел, чие ослободување дури и не можеше да се разгледа во претходните прекини на огнот.
Палестински извор близок до преговорите изјави за Ројтерс дека на списокот се наоѓаат Марван ал-Баргути, лидер на движењето Фатах, и Ахмед Садат, лидер на Народниот фронт за ослободување на Палестина. И двајцата отслужуваат повеќекратни доживотни затворски казни за нивната вмешаност во напади во кои загинаа Израелци.
Хамас досега одбиваше да разговара за барањето на Израел за предавање на оружјето, а палестински извор рече дека Хамас ќе одбие да го стори тоа сè додека израелските трупи ја окупираат палестинската земја.
Два извори запознаени со преговорите потврдија дека меѓу точките на спор е механизмот за израелско повлекување, при што Хамас бара јасна временска рамка поврзана со ослободувањето на заложниците и гаранции за целосно повлекување на израелските сили.
Трамп претходно изјави дека е блиску до постигнување договор и дека може да отпатува во Египет овој викенд.
„Сите страни ќе бидат третирани фер“, рече Трамп на мрежата Truth Social и додаде:
„Ова е голем ден за арапскиот и муслиманскиот свет, Израел, сите околни земји и Соединетите Држави и им благодариме на медијаторите од Катар, Египет и Турција, кои работеа со нас за да се случи овој невиден историски настан“.
Високи претставници од САД, Катар и Турција се придружија на разговорите, што се чини дека даде поттик на дискусиите започнати во понеделник во египетското одморалиште Шарм ел Шеик.
Трамп го испрати својот зет Џаред Кушнер и специјалниот претставник Стив Виктоф, а Израел беше претставен од министерот за стратешки прашања Рон Дермер, близок сојузник на Нетанјаху.
Спорни детали
И покрај надежите за крај на војната, клучните детали сè уште не се разработени, вклучувајќи временска рамка, повоена администрација за Појасот Газа и судбината на Хамас.
Следната фаза од планот на Трамп бара меѓународно тело, предводено од Трамп, вклучувајќи го и поранешниот британски премиер Тони Блер, да игра улога во повоената администрација на Појасот Газа.
Арапските земји што го поддржуваат планот велат дека тој мора да доведе до евентуална независност на палестинска држава, што Нетанјаху вели дека никогаш нема да се случи.
Нема јасна индикација кој ќе владее со Газа кога ќе заврши војната. Нетанјаху, Трамп, западните и арапските држави ја исклучија улогата на Хамас, кој владее со Појасот Газа откако ја собори соперничката палестинска група во 2007 година.
Хамас изјави дека ќе ја отстапи контролата врз Појасот Газа на палестинска технократска влада надгледувана од Палестинската власт и поддржана од арапските и муслиманските земји, додека отфрла каква било улога за Блер или странско владеење во Газа.
Според здравствените власти во Газа, контролирана од Хамас, повеќе од 67.000 луѓе се убиени во израелските напади, додека голем дел од крајбрежната палестинска енклава е срамнет со земја откако Израел започна со воен одговор на прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Околу 1200 луѓе беа убиени, а 251 лице беше земено како заложник во Појасот Газа, според израелските власти, а се верува дека 20 од 48-те заложници држени на палестинската територија се уште се живи.