Престојните локални избори може да бидат тест за владината коалицијата. Исходот од битката меѓу владејачката коалиција Вреди (Влен) и опозициската ДУИ може да ја одреди судбината на владината коалиција.
Опозициската ДУИ најави дека во чаирскиот изборен ринг влегува поранешниот кандидат за претседател и министер за надворешни работи Бујар Османи. Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити од Вреди, како што изјави на 21 јули, не ја исклучува можноста да си ги измери силите со Османи во Чаир, која е една од најважните за албанскиот политички блок.
Дел од министрите на Вреди се подготвуваат за градоначалничка трка
Официјално политичарите од владејачката Вреди не ги соопштија имињата на сите нивни кандидати за градоначалници, велат се уште има време за тоа. Но, дел од политичарите оттаму брифираат дека во игра може да влезат и неколку актуелни министри.
Политичките аналитичари очекуваат сериозните „битки“освен во Чаир, да се видат и во скопскиот Сарај и Кичево.
Во Сарај, според најавата на ДУИ, се очекува кандидат за градоначалник да биде од крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари. Додека противкандидат од Вреди можно е да биде досегашниот министер за европски прашања Орхан Муртезани.
Во Кичево пак, четврт мандат можно е да бара досегашниот градоначалник на ДУИ Фатмир Дехари. Негов против кандидат можно е да биде актуелниот министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани од Вреди, брифираат од неговата партија.
За Кичево во игра може да влезат и кандидати од македонскиот блок, но официјални промоции досега нема.
Во останатите општини со мнозинско албанско население, пак, двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ извесно е дека нема да имаат свои кандидати. Се очекува во нив, ВМРО-ДПМНЕ да даде поддршка и за кандидати од Вреди, како што е Тетово каде е извесно за нов мандат повторно да се кандидира актуелниот градоначалник Билал Касами.
Таму премиерот Христијан Мицкоски заедно со Касами присуствуваше на започнување на реконструкција на средно училиште. Опозициската ДУИ најавија дека противкандидат на Касами ќе биде потпретседателот на партијата Бајрам Реџепи.
Собранискиот спикер Африм Гаши најави дека изборите ќе ги распише на 8 август. Како датум кога треба да се одржат изборите, премиерот Христијан Мицкоски го спомена 19 октомври, што значи дека официјално кампањата ќе започне крајот на септември односно 20 дена пред денот на гласање. Сепак, впечатокот во јавноста е дека таа веќе неформално е почната. ВМРО-ДПМНЕ и Вреди на социјалните мрежи секојдневно објавуваат видеа од изградбата на коридорот 8, како и од многу локални проекти кои што се во тек.
Кампања пред кампања
Министри, директори на јавни претпријатија па и опозициски политичари летните одмори ги заменија со трибини и средби со граѓани на кои секој ден се дискутира за тоа во чиј мандат е нешто сработено и за планираните проекти кои се финансираат со унгарскиот кредит.
Во медиумите се испраќаат партиски соопштенија насловени дека земјава ќе стане градилиште, затоа што се предвидени 1200 проекти за секое населено место.
Во изминативе три децении се покажа дека политичките партии повеќе или помалку функционираат со засилен политички маркетинг кој што наликува на неформална предизборна кампања.
Видете и ова: Градоначалничка понуда – машки свет со „проверени“ кандидатиНа локалните избори, кандидатите за градоначалници ќе бидат ставени на тест како политичари, затоа што во мнозинскиот изборен модел секој еден глас е важен за победник. На само неколку недели од очекуваниот рок за распишување на избори, функционерите по завршувањето на работното време во институциите, втора смена продолжуваат на средби во партиските месни комитети.
На пример, на една од таквите средби во Кавадарци вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски јавно им порача на своите сопартијци дека во таа општина очекува актуелниот градоначалник Митко Јанчев во октомври да освои уште еден, трет по ред мандат.
Тенка граница меѓу политички редовен маркетинг и преизборна кампања
Ваквата ситуација го наметнува прашањето каде е границата меѓу редовен политички маркетинг и партиска предизборна кампања. Според актуелниот изборен законик политичката изборна кампања е дефинирана само во временската рамка од денот на распишување на изборите до нивно одржување.
Јасна дистинкција меѓу политичка редовна комуникација со јавноста и предизборниот партиски маркетинг не може да се направи вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Тој објаснува дека разликата може да се утврди кога класичниот политички ПР преминува во промоција на кандидати за конкретна позиција за кога електоратот треба да гласа.
„Наведените примери влегуваат во политичка кампања, но проблемот е во тоа што законот во Македонија е недоречен во таа смисла. Единствениот период кога е забрането политичко рекламирање е од денот кога ќе бидат утврдени политичките кандидати во Државната изборна комисија до официјалниот старт на кампањата. Другиот дел не е дефиниран со закон, а со самото тоа се што не е забрането со закон е дозволено. Тоа е проблем на недореченост на самиот закон за избори, за локални избори и политичко рекламирање“ вели Арсовски.
Видете и ова: Партиите во низок старт за локалните избориДополнително дел од актуелните градоначалницикои што веќе јавно најавија дека ќе влезат во трка за уште еден мандат забрзано привршуваат проекти кои ги ветиле на претходните избори или пак ветуваат нови поволности за жителите.
На пример, градоначалникот на скопската општина Центар од опозициската партија СДСМ најави летна еднократна помош за пензионери од 2500 денари. За помладите понуди опција за летни практиканти со надомест од 15 илјади денари. Со кученце во рака во видео емисијата „ Маалски муабети со Горан“ актуелниот градоначалник на редовни средби со граѓаните во општината Центар зборува за проблемите со паркингот, урбаната опрема и недостатокот од зеленинило, кои ветува дека ќе ги среди во следниот мандат.
Неговиот колега, градоначалникот на општина Кисела Вода од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски кој најави дека ќе се кандидира за татко на главниот град, пак ја започна својата кампања со благослов од Архиепископот г.г. Стефан, ветувајќи чист и функционален град. Неговиот слоган е „Најдоброто за Скопје допрва доаѓа!“.
Негова соперничка за градоначалничката фотелја од опозициската СДСМ ќе биде поранешната министерка за животна средина Каја Шукова. Таа во изјава за медиумите најави дека имала решенија за чисто, уредено и безбедно Скопје кое дише.
Незири: актуелните функционери злоупотребуваат државни ресурси во неформална изборна кампања
Владејачката партија започна и видео кампања на социјалните мрежи насловена како „Ги градиме темелите на промените, доаѓа времето на Македонија“.
Според политичкиот аналитичар Џељал Незири, кампањата за овие локални избори е започната уште пред една година, веднаш по парламентарните избори. Тој тврди дека актуелните градоначалници ги злоупотребуваат државните ресурси, за себе промција како дел од нивната предвреме започната кампања.
„Улици и други инфраструктурни проекти намерно се пролонгираат и се оставаат да се пуштат во пресрет на изборите. Во меѓувреме, граѓаните се движат низ сообраќаен хаос, а бизнисите трпат огромни штети. Не само улиците, туку и други општински проблеми се акумулираат за да се почне со манипулативно решение пред изборите. Се е ПР, се е предизборна кампања, се е во функција на таа симулација на поинаква реалност од тоа што реално го живееме“, објаснува тој.
Незири очекува дека оваа кампања ќе биде исполнета со видео снимки од ножици со кои се сече црвена лента, пофалби и благодарности до централната власт, заборавајќи притоа, како што вели, дека тие проекти се реализираат со пари на граѓаните, а не од личните сметки на политичарите.
Во отсуство на јасни законски граници во изборниот законик,политичките партии го користат летниот период за неформална кампања, маскирана како „работна агенда“.
Со тоа, се брише линијата меѓу јавниот интерес и партиската стратегија, а државните проекти, финансирани со парите на граѓаните, стануваат средство за лична или партиска промоција, велат аналитичарите.
Локални избори се очекува да се одржат на 19 октомври годинава. Според досегашните најави владејачката партија објави список на 40 кандидати за градоначалници додека опозициската СДСМ – 46. ДУИ вчера соопшти три имиња за градоначалници од своите редови и уште седум од редовите на коалициските партнери во Европскиот фронт.
Дополнително, уште двајца независни кандидати официјално најавија кандидатури – в.д. градоначалникот, кој беше независен советник, Венко Крстевски во Кочани и бизнисменот Менди Ќура во Струга.
Ова значи дека за повеќе половина од вкупно 80 општини плус Градот Скопје, познат е барем по најмалку еден кандидат што ќе се најде на гласачкото ливче. За останатите сè уште калкулираат, мерат рејтинзи, договораат соработки…