Достапни линкови

Се гледаме во рингот!


Локални избори, графичка илустрација
Локални избори, графичка илустрација

За градоначалници ќе гласаме во октомври, ама за некои не е рано за „покажување мускули“. Други велат дека „сè уште има време пред нас“. Њузлетер 11.07.2025

За повеќе половина од вкупно 80 општини плус Градот Скопје, познат е барем по најмалку еден кандидат што ќе се најде на гласачкото ливче на локалните избори во октомври. За останатите сè уште калкулираат, мерат рејтинзи, договораат соработки, а некои веќе почнаа и да ги покажуваат „политичките мускули“ и да најавуваат победа уште во првиот круг затоа што „другите не ги бива“…

Првиот круг од гласањето веројатно ќе се одржи на 19 октомври, како што најави премиерот Христијан Мицкоски. Неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ досега објави најмногу кандидати – 40. Потоа, опозициската СДСМ – 30, а по еден кандидат потврдија и ЗНАМ и крилото на Арбен Таравари од Алијанса за Албанците.

Дополнително, уште двајца независни кандидати официјално најавија кандидатури – в.д. градоначалникот, кој беше независен советник, Венко Крстевски во Кочани и бизнисменот Менди Ќура во Струга.

Кусата анализа на листата со имиња, кои досега се промовираа како кандидати за градоначалници, покажува дека во трката ќе влезат актуелни градоначалници и, барем до денеска, ниту еден пратеник не претендира да се пресели во локалната власт. Забележителен е фактот дека само три жени до сега фигурираат во листата меѓу 70-тината мажи.

Кај едни „мускули“ кај други „замрзнувања“

„СДС продолжува да ги нуди истите компромитирани кадри. Мартин Костовски, Марјан Даскаловки и Горан Герасимовски, рециклираните кандидати за градоначалници на СДС за локалните избори, се доказ дека СДС се уште функционира по старата пракса. Овие луѓе не се иднина ни за Куманово, ни за Струмица, ни за Центар. На јавноста и е добро позната матрицата на СДС, па со оглед на тоа јасно е и дека не може да понуди она што на граѓаните им е потребно. Кандидатите кои СДС ги предлага се блиски луѓе до Заев, а и се поврзани со низа скандали кои нанеле штета на државата и граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за нивните социјал-демократски опоненти.

Прв „политички мускули“ покажа актуелниот градоначалник на Кисела Вода и официјален кандидат на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за скопски градоначалник, Орце Ѓоргиевски. Тој рече дека „ќе даде се од себе да победи уште во првиот круг“.

Кураж му даде неговиот лидер, премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека „Скопје заслужува енергија, визија и човек кој знае како да работи на терен“.

Ако се погледне листата со имиња што досега официјално се објавени од ВМРО-ДПМНЕ, пак, се забележува дека од 40 кандидати, дури 30 се актуелни градоначалници кои ќе влезат во изборната трка за нов мандат. Меѓу нив се скопските општини Аеродром в.д. градоначалникот Дејан Митевски, Бутел – Дарко Костовски, Ѓорче Петров – Александар Стојкоски, како и поголемите градови Охрид – Кирил Пецаков, Велес – Марко Колев, Битола – Тони Коњановски, Штип – Иван Јорданов…

Во таборот на социјал-демократите е многу потивко. Таму се уште се очекува да пресечат кој ќе биде нивниот кандидат за Град Скопје што ќе го предизвика Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Во следниот период и тоа да го одлучиме. Сè уште разгледуваме повеќе кандидати“, вели висок партиски функционер од СДСМ.

Меѓу посериозните имиња што се споменуваат како кандидати за главниот град од опозициската партија се архитектот и универзитетски професор Мишко Ралев, како и партиската потпретседателка и поранешна министерка за животна средина Каја Шукова.

Врева во СДСМ крена само „исфрлањето од игра“ на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов. Раководството на опозициската партија реши да не му ја даде довербата на Костадинов, на што тој револтирано го замрзна членството во партијата.

Социјалдемократите нема да ги кандидираат ни актуелните градоначалници ниту во Дојран, каде кандидат е Ристо Џинев наместо Анго Ангов, и во Берово каде кандидат е Илија Рунтевски, а не актуелниот Звонко Пекевски.

Од останатите парламентарни партии, Левица сè уште официјално нема промовирано кандидати.

Калкулации во албанскиот политички блок

Официјална кандидатура нема ниту коалициите во албанскиот блок – владејачката ВРЕДИ и опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ.

Сè уште се калкулира, но во јавноста подолг период кружат имињата на потенцијалните кандидати, а меѓу поинтересните се очекува да биде битката во скопски Чаир – општина која е важна и за едните и за другите. Актуелен градоначалник таму е Висар Ганиу, кој беше дел од ДУИ, но по поделбите застана на страна на Изет Меџити кој е лидер на Демократското движење – една од трите партии во ВРЕДИ. За Чаир се калкулира со актуелниот министер Изет Меџити, како противник на, неофицијалниот кандидат, екс-министерот Бујар Османи.

Портпаролот на ДУИ Арбр Адеми, во разговор со РСЕ вели дека официјално не потврдиле ниту една кандидатура за општините додавајќи дека „сè уште има време пред нас“.

Партнери

Соработка на локалните избори е извесна меѓу владејачката коалиција од централната власт – ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ (ВЛЕН) и ЗНАМ. Сите ќе настапат со свои листи за советници, но во дел од општините ќе одат со поддршка за кандидатите за градоначалници.

Премиерот Мицкоски посочи дека разговорите одат во „добра насока“ и очекува успешен исход, а такви се очекувањата и во ЗНАМ. На пример, извесно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе нема свој кандидат во Куманово и ќе го поддржи лидерот на ЗНАМ и актуелен градоначалник Максим Димитриевски.

И во ЗНАМ се на иста фреквенција.

„Се разговара за тие општини каде ВМРО-ДПМНЕ сè уште нема објавено кандидати, а претежно актуелните градоначалници се од СДСМ. Се дискутира и за некои општини каде ЗНАМ направи добар резултат на ланските парламентарни избори“, брифираат од ЗНАМ за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Собранието ќе избегнува седници во кампања

Додека партиите ги спроведуваат своите процедури, локалните избори треба и формално да ги распише претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Кампањата, пак, ќе започне 20 дена претходно. Според Деловникот, парламентот е во постојано заседание, но дали и што би работеле тогаш пратениците дополнително ќе се договора меѓу партиите. Од кабинетот на Гаши за РСЕ велат оти се надеваат дека „ќе остане досегашната пракса со намалени активности во Собранието со цел да се спречи злоупотреба на законодавниот дом“.

Како и да е, партиите неофицијално си порачаа „Се гледаме во рингот“.

XS
SM
MD
LG