Бебиња се успиваат со лепак и седативи, деца од тригодишна возраст питачат пари од граѓаните, додека малолетни девојчиња остануваат бремени. Ова е судбината на стотици деца на кои улицата им станува дом, а питачењето начин на живот.
Во Северна Македонија нема сеопфатни и точни податоци за тоа колку деца се на улица. И покрај разидувањето во податоците со кои располагаат институциите и граѓанскиот сектор, искуството покажува дека секое лето нивниот број расте, особено во туристичките центри низ државата.
„Децата се транспортираат со повеќе автомобили и комбиња. Најчесто оние од Кавадарци, Прилеп и Битола ги носат кон Охрид, а од Гостивар и Кичево се носат во Струга. Понатаму, децата питачи од Струмица се носат во Дојран, а тие од Тетово, Гостивар, Велес, Штип и Куманово во главниот град“, вели претседателот на здружението Градиме иднина, Илија Јовановиќ.
Напуштени куќи наместо топол дом
Според него, овие деца живеат во напуштени куќи или стари бараки.
„За жал, нивните родители се соучесници во нивната злоупотреба“, вели Јовановиќ за Радио Слободна Европа.
Неговото здружение дошло до податок дека само на скопските улици питачат од 200 до 350 деца. Сепак, бројката со која располага Министерството за социјална политика, демографија и млади е значително помала.
Во писмен одговор до Радио Слободна Европа, оттаму наведуваат дека на ниво на држава има 166 деца кои питачат.
Питачи на улиците во Скопје
Најголем дел се лоцирани во поголемите градови како Скопје и Битола, а за време на летниот период се забележува зголемен број на деца – питачи во дел од туристичките центри Охрид и Струга, велат од институцијата во писмениот одговор до РСЕ.
Нивните тимови заедно со полицијата, лани во главниот град постапиле повеќе од сто пати.
Исто така, во Тетово во 2024 година се евидентирани 10 деца, во Битола 11, во Гостивар 5 и во Прилеп 3 – истакнуваат од Министерството.
Но, Јовановиќ од „Градиме иднина“ бара тимовите да се распоредат во три смени и почесто да бидат на терен. Со вакво темпо, вели тој, питачењето ќе се намали.
Прстот за овој проблем тој го вперува во сите досегашни градоначалници низ цела држава, бидејќи не побарале средства од централната власт за отворање дневни центри кои ќе ги згрижат децата од улиците.
Видете и ова: Секое трето дете во Северна Македонија живее во сиромаштија„Ова е децениски проблем кој е последица на недомаќинско работење на сите градоначалници. Никој нема програма, апелирам барем по изборите да направат нешто. Така ќе има и повеќе вработувања на оние кои завршиле факултети од областа на социјалната заштита“, смета Јовановиќ.
Омбдусманот со препорака за повеќе дневни центри
Дека државата кубури со дневни центри за деца на улица алармираат и од канцеларијата на Народниот правобранител. Токму отворањето на вакви центри е една од препораките во последната Анализа за оваа негативна појава.
Од канцеларијата на Омбдусманот за Радио Слободна Европа велат дека мерките кои ги преземаат надлежните органи не се доволно ефикасни.
Видете и ова: Околу 400 лица се „невидливи“ за државата, Зибери повика на решавање на проблемот„Треба да се работи паралелно и со родителите, да се стекнат со определени вештини за да може да се вработат и наместо пример со питачење, на детето да му се даде пример преку обезбедување средства за живот преку работа. Неспорно, државата мора да ја преземе целосната грижа за децата кои питачат преку системско решавање на проблемите“ – додаваат од оваа институција.
Според Анализата на Народниот правобранител, државата треба да воспостави интегриран систем на податоци за овие деца, во што освен социјалните служби, би било вклучено и Министерството за локална самоуправа.
Имено, за ист истражувачки период од надлежните Центри за социјална работа на ниво на држава, за состојбата со деца на улица до Народниот правобранител се доставени поинакви податоци од оние кои овие центри ги доставиле до ЈУ Завод за социјални дејности, се посочува во писмениот одговор до РСЕ.
За тоа колку дневни центри за деца на улица функционираат со државни пари, одговор побаравме од Министерството за социјална политика демографија и млади.
Дневен центар со донации
Оттаму истакнуваат дека во Скопје има само еден државен Дневен центар за деца на улица во Кисела Вода, со капацитет од 10 деца. Најголем дел од децата питачи се во главниот град и се од ромската заедница во општината Шуто Оризари.
Министерството исто така, финансиски поддржува и дневен центар менаџиран од страна на невладината Иницијатива за развој и инклузија на заедниците во ромската општина Шуто Оризари, со капацитет од 24 деца.
Во оваа општина функционира и уште еден центар кој е под капа на Здружението за заштита на правата на детето. Сепак, овој Центар со месеци „преживува“ и вработените кои не земаат плати, на децата им купуваат храна и училишен прибор преку донации. На ист таков начин, ја плаќаат и ќиријата за објектот во кој е сместен центарот.
Видете и ова: Ќе згасне ли џагорот во Дневниот центар за деца на улица?Овој Дневен центар кој е отворен пред 19 години, прво остана без неопходните финансиски средства од државата, која потоа му ја одзеде и лиценцата. Пред помалку од еден месец, комисија од надлежното министерство извршила увид, а од оценката ќе зависи дали Центарот ќе може повторно да добие лиценца.
Оливер Бачановиќ, претседателот на здружението под чија капа е центарот, вели дека ако ја добијат лиценцата, дури потоа ќе аплицираат за финансиска поддршка.
„Децата доаѓаат во Центарот и сега за време на летниот распуст. Нашиот стручен тим волонтерски ги обезбедува социјалните услуги за нив бидејќи сепак се ранлива категорија“, додава Бачановиќ за Радио Слободна Европа.
Додека се чека исходот од комисијата која практично ќе одлучи за судбината на децата корисници на Дневниот центар, ресорното министерство тврди дека прави обиди да го намали бројот на децата на улица и во соработка со полицијата.
Последниот случај е во Дебар кога пиолицијата поднела кривична пријава против 28-годишна мајка која го дала своето дете на нејзината мајка која потоа го принудувала да питачи.
Кривични пријави против родителите
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски вели дека полицијата презема превентивни мерки за да ја намали деликвенцијата кај малолетниците. Но ниту тој, ниту од МВР пак, не одговорија на прашањето на РСЕ какви злоупотреби се регистрирани со децата питачи.
Видете и ова: Здравева: Властите се навикнати дека граѓаните молчатВелат дека во ваков случај, сторителите на прекршокот се приведуваат во подрачната полициска станица или на лице место им се издава налог за сторен прекршок против јавниот ред и мир. Против родителите на децата кои питачат се поднесуваат кривични пријави по член 201 од Кривичниот законик до ОЈО Скопје – велат од Министерството за внатрешни работи во писмениот одговор.
Кривичниот законик предвидува затворска казна од една до десет години за секој родител, посвоител, старател или друго лице кое со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување ќе го запушти детето или ќе го малтретира.