Пред повеќе од четири години, струшкиот Црн Дрим во вечерните часови наеднаш стана колоритен, менувајќи го течението на реката во сина, зелена и црвена боја. Новиот изглед го доби преку странично и подводно осветлување долж самата река.
Вечерта на 21 јуни 2021 година, струшкиот градоначалник Рамис Мерко, на свечен настан со огномети и прослава кажа дека Црн Дрим ќе „изгледа како аквариум“. Но, од завчера, осветлувањето на реката доби друг, коруптивен тек.
Подводното осветлување на Црн Дрим исфрли на површина ново обвинение против градоначалникот Мерко, откако струшкото обвинителство поднесе обвинителен предлог за склучиот договор за осветлување на дел од речното корито на Црн Дрим.
Тој е осомничен дека од почетокот на април 2021 до крајот на јуни 2022 година ги пречекорил службените овластувања при склучување на тендерот без претходно да обезбеди водостопанска согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„ОЈО во текот на постапката презеде повеќе дејствија и обезбеди вештачење согласно кое таквата инсталација од 300 светлински арматури негативно влијаела на режимот на водите, морфологијата на водното тло и хидро-биолошкиот систем во реката“, соопшти Обвинителството.
Видете и ова: Ново обвинение за Мерко за злоупотреби при осветлувањето на Црн ДримСо тој потег, направил штета од речиси 110.000 евра на буџетот на општината со која раководи, пари кои биле исплатени на „Те-џи бм електрик“.
Обвиненијата за Рамиз Мерко, кој е еден од најдолговечните градоначалници во Северна Македонија и во моментов е пред крај на четвртиот и последен мандат, почнаа да се нижат едно по друго откако заврши на црната листа на САД.
На 20 јуни 2023 година, американскиот Стејт департмент го означи како непожелен за влез во земјата, вклучувајќи го и неговото потесно семејство - сопругата Шпреса и трите деца, Генц, Назмије и Дренуша.
Обвинението за осветлувањето на Црн Дрим претставува десетто обвинение против Рамиз Мерко.
За другите девет, веќе се водат постапки во судовите во Струга и Битола. Неодамна доби неправосилна пресуда со која е ослободен од вина за купувањето на службеното ауди од речиси 70.000 евра. Во предметот за незаконско назначување на директори во струшки училишта беше казнет со 10.000 евра.
Како што велат од Основното Јавно обвинителство за РСЕ, во тек се други судења против Мерко - и за постапувањето на спомен плоча на зградата на општина Струга како и за нелегалната градба кај хотелот „Дрим“.
Јакимовски во трка за нов мандат во Карпош
За разлика од Мерко, чија политичка кариера најверојатно запира по претстојните локални избори, неговиот колега од Карпош, Стевче Јакимовски ќе атакува на петти мандат за прв човек на општината.
Против него има поднесено еден главен обвинителен акт од 2019 година за неколку кривични дела, но значителен дел од обвинењата застареа со измените на Кривичниот законик. Единствениот завршен судски процес за изградбата на општинската зграда резултираше со осуда од 3,5 години затвор во април 2025 година, но пресудата не е правосилна. Јакимовски најави жалба на пресудата до Апелацискиот суд.
Видете и ова: Истраги по „допрен глас“ има, епилог реткоТој заврши на американската црна листа во исто време со Катица Јанева, која е во затвор за случајот „Рекет“ за злоупотреба на службената положба и овластување како специјална јавна обвинителка.
Груби по стапките на Груевски
Само неколку дена откако се најде на американската црна листа за за вмешаност во висока корупција и политичко влијание врз правосудството, поранешниот вицепремиер и министер Артан Груби се даде во бегство.
Непосредно по објавувањето на санцкиите, Обвинителството отвори предмет за него за злоупотреби во Државната лотарија со набавка на видеолотариски апарати за коцкање.
Министерот Панче Тошковски јавно му порача на Груби дека ако сам не се врати во државата, ќе „најде соодветен начин да биде вратен“.
Последно, на крајот на јули од МВР за РСЕ рекоа дека „се во постојана комуникација со надлежните служби од државите во кои според оперативните информации лицето би можело да биде лоцирано“. Оттогаш, па до сега, министерството не соопшти никакви нови информации со бегството и лоцирањето на Груби.
Видете и ова: Државна лотарија: Истражители истражуваат, бегалците во бегствоОд 13-ката на црната листа, Груби е единствениот кој му прави друштво на екс премиерот Никола Груевски - и двајцата се во бегство. Со разлика што поранешниот премиер кој се наоѓа во Унгарија и е правосилно осуден, за Груби има само кривична пријава.
Освен политичари, меѓу „зацрнетите“ под санкции се наоѓаат и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и бизнисмените Јордан Камчев, Сергеј Самсоненко, Кочо Анѓушев и нивните потесни семејства. Нивните бизниси во Северна Македонија не подлежат на никакви казни и ограничувања.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Кој сѐ е на американската црна листа и има ли ефект од тоа?
Во првите девет месеци од 2025 година, САД не означи нови лица на црната листа. Иако, се чини дека американските санкции за повеќето од нив немаат негативен ефект.
На социјалните мрежи пред почетокот на кампањата за локалните избори се лицитира со нови имиња на политичари кои би добиле американски санкции.
Како што го пренесува Алсат ТВ ставот на Одделот за јавна дипломатија во Амбасадата на САД во Северна Македонија, можноста за проширување на листата со нови имиња е сè уште присутна.
„Ниеден корумпиран актер не треба да биде имун на одговорност. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да соработуваат со партнери во владата, граѓанското општество и приватниот сектор за зајакнување на транспарентноста и борба против криминалот“, се нагласува во одговорот од Амбасадата на САД во Северна Македонија.