Резиме
- Американскиот пратеник Стив Виткоф и делегација се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ за предлог насочен кон прекинување на војната на Русија против Украина.
- Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, рече дека разговорот, кој траел речиси пет часа, бил „корисен, конструктивен и значаен“.
- Предлогот на САД, кој е ревидиран на 19 точки од 28, се однесува на спорни прашања како што се амбициите на Украина за членство во НАТО и контролата врз регионот Донбас, но клучните несогласувања продолжуваат.
- Украина стравува дека договорот може да ја направи ранлива на идна руска агресија, и покрај предложената 10-годишна безбедносна гаранција од САД.
Американската делегација, предводена од специјалниот претставник Стив Виткоф, на 2 декември во Кремљ разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и неговите помошници речиси пет часа за предлогот насочен кон ставање крај на инвазијата на Москва во Украина.
Во еден ден на интензивни дипломатски напори за ставање крај на најголемиот и најсмртоносен конфликт во Европа по Втората светска војна, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека „сега повеќе од кога било“ постои шанса за договор.
Непосредно пред разговорите, Путин ги обвини европските влади дека се обидуваат да го блокираат мировниот процес и предупреди дека Москва е подготвена да се бори ако Европа сака да започне војна со Русија.
Јуриј Ушаков, советникот за надворешна политика на Путин, им рече на новинарите по состанокот во Кремљ дека мирот не е ниту поблиску, ниту подалеку.
„Не разговаравме за конкретната формулација што ја подготвија Американците, туку за суштината на пораката. Некои работи ни одговараат. Некои работи наидоа на наша критика“, рече Ушаков, истакнувајќи дека територијалните прашања се посебен камен на сопнување.
„Не гледаме никаква шанса за решавање на украинската криза без територијални прашања. За навистина да се продолжи напред, време е и Москва и Вашингтон да почнат сериозно да работат“, додаде тој.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, коментирајќи ги разговорите со Русија за завршување на војната со Украина, рече:
„Направивме одреден напредок, но сè уште не сме ја достигнале целта. И затоа, она што се обидовме да го направиме - и мислам дека постигнавме одреден напредок - е да откриеме со што би можеле да живеат Украинците, што им дава сигурност за иднината“, изјави Рубио за Фокс њуз во интервју кое се емитуваше на 2 декември.
„На крајот на краиштата, одлуките, во случајот со Русија, мора да ги донесе самиот Путин, а не неговите советници. Путин - само Путин може да ја заврши оваа војна од руска страна“, додаде тој.
Виткоф не даде веднаш коментар, туку отиде во амбасадата на САД во Москва.
Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер допатуваа на 2 декември во Москва за да се сретнат со претседателот Владимир Путин и руските преговарачи, откако првичниот американски предлог од 28 точки, кој главно се сметаше за усогласен со руските цели на инвазијата на Украина беше „преработен“ на 19 точки по разговорите меѓу американската и украинската делегација минатата недела.
Видете и ова: По преговорите меѓу САД и Украина, Рубио вели дека „е потребно уште работа“Сепак, неколку клучни прашања, вклучувајќи ја судбината на делови од Донбас, стремежите на Украина кон НАТО и можно ограничување на големината на украинските вооружени сили, остануваат нерешени.
„Сега повеќе од кога било постои шанса да се заврши оваа војна“, рече Зеленски на прес-конференција во Даблин по средбата со премиерот на Ирска, Михаел Мартин на 2 декември.
„Нашата заедничка задача е да ја завршиме војната, а не само да постигнеме пауза во непријателствата. Потребен е достоинствен мир. За тоа навистина да се случи, сите мора да бидат на страната на мирот.“
Виткоф на 2 декември влезе во комплексот на Кремљ во придружба на Кирил Дмитријев, специјален пратеник на Путин за инвестиции и економска соработка, кој ја води преговарачката делегација во име на Москва. Ова ќе биде шести состанок на Виткоф со Путин од јануари.
Украина отворено изрази загриженост дека Вашингтон и Москва би можеле да постигнат договор за завршување на најголемиот и најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
НАТО за мировниот план на САД: „Ги натера Украина и САД да разговараат“
Трамп во кампањата за 2024 тврдеше дека може да ја реши војната за 24 часа, но постигнувањето договор за завршување на руската инвазија започната во февруари 2022 година се покажа како тежок предизвик.
Трамп повеќе пати ја изразуваше својата фрустрација кон двете страни, бидејќи преговорите со месеци стагнираа, сѐ додека во последните недели повторно не се интензивираа.
Москва повеќе пати истакна дека мора да го контролира целиот Донецк, еден од петте украински региони кои Путин без основа ги смета за руски. Предавањето на територијата која украинските сили ја бранеа со големи жртви би претставувало огромна отстапка за Киев и би можело да има политички последици за Зеленски.
Украина стравува дека некои од условите на предлогот би можеле да ја остават земјата ранлива на евентуална окупација од страна на Русија, иако Соединетите Американски Држави предложија и десетгодишна безбедносна гаранција за Киев.
Порано, на 2 декември, Русија тврдеше дека го зазела клучниот град Покровск во украинскиот Донбас, кој Киев со месеци се обидува да го задржи.
Источниот команден центар на украинската армија ја отфрли таа изјава во објава на социјалната мрежа Фејсбук, наведувајќи дека руските сили искористиле лоши временски услови за да постават свое знаме во еден дел од Покровск за пропагандни цели, обидувајќи се да докажат дека ја презеле контролата над целиот град.
„Потоа побегнале во брзање“, се додава во соопштението.
Видете и ова: Зеленски во Париз, Виткоф во Москва, во „клучната недела“ за разговорите за УкраинаПутин изјави дека е подготвен да разговара за мир, но дека, ако Украина го одбие договорот, руските сили ќе напредуваат понатаму и ќе заземат уште украински територии.
Некои од претходните активности на Виткоф предизвикаа загриженост меѓу набљудувачите, кои се плашат дека тој е подложен на манипулација или дека не ја разбира длабоко вкоренетата историска сложеност на војната.
Виткоф за разговорите со Путин и другите официјални лица се потпираше на преведувачи кои ги обезбеди Кремљ, наместо на преведувачи одобрени од американската амбасада.
По последниот состанок на Виткоф со Путин во август, американските и европските официјални лица рекле дека пратеникот погрешно ги интерпретирал географските позиции на украинските региони на кои Путин тврди дека има право.
Неколку медиуми пренеле изјави на извори дека Виткоф и Кушнер би можеле да се сретнат со Зеленски по разговорите во Кремљ.
„Зеленски порачал дека очекува повратни информации од американскиот тим веднаш по московските преговори и дека останува подготвен да се сретне со Трамп, во зависност од исходот на разговорите на 2 декември.“