Украинските преговарачи ја напуштија Женева по разговорите за предлозите за завршување на војната со Русија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека се поставуваат прашања дали може да се постигне договор до рокот на американскиот претседател Доналд Трамп - Денот на благодарноста на 27 ноември.
„Очекувам целосен извештај вечерва за напредокот на разговорите во Женева и главните акценти на нашите партнери“, напиша Зеленски на мрежата „Икс“ на 24 ноември.
„Врз основа на овие извештаи, ќе ги утврдиме следните чекори и тајмингот. Ќе продолжиме да се координираме со Европа и со другите партнери низ целиот свет.“
Зеленски не кажа повеќе детали.
Двете страни изјавија дека разговорите во швајцарскиот град покажале „значаен напредок“ кон завршување на војната и довеле до „ажурирана и рафинирана“ рамка што „целосно ќе го поддржи“ суверенитетот на земјата разорена од војна и ќе обезбеди праведен мир.
Во соопштението од Вашингтон од 23 ноември не се прецизира какви промени се направени во мировниот план од 28 точки предложен од Трамп, кој поддржувачите на Киев го критикуваа како премногу пријателски кон Русија.
„Тие потврдија дека секој иден договор мора целосно да го почитува суверенитетот на Украина и да обезбеди одржлив и праведен мир. Како резултат на дискусиите, страните изготвија ажурирана и усовршена мировна рамка“, пишува во соопштението без натамошни детали.
Самиот Трамп не коментираше веднаш за суштината на разговорите, додека германскиот канцелар Фридрих Мерц се чини дека по консултациите со лидерите на Европската унија(ЕУ) посочи дека рокот од 27 ноември што го постави Трамп за прифаќање на планот од страна на Украина е малку веројатен.
„Тоа е макотрпен процес“, рече Мерц по дискусиите на маргините на самитот на ЕУ и Африканската унија во Луанда, главниот град на Ангола, додавајќи дека „во најдобар случај, ќе има мали чекори напред оваа недела“.
„Следниот чекор мора да биде: Русија мора да седне на масата... И ако ова е можно, тогаш секој напор ќе се исплати“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 24 ноември изјави дека Москва уште не добила никакви информации од Вашингтон за разговорите.
„Сè уште не сме виделе никаков план. Го прочитавме соопштението објавено по дискусиите во Женева. Одредени измени се направени во текстот што го видовме претходно. Чекаме. Се чини дека дијалогот таму продолжува, некои контакти ќе продолжат. Уште еднаш, засега, не сме добиле ништо официјално“, рече Песков.
Заедно со европските сојузници на Украина, многу американски пратеници - вклучително и некои републиканци - го нападнаа оригиналниот предлог, а некои го нарекоа „список на желби“ на Кремљ.
Во соопштението на Белата куќа се вели дека „украинската делегација потврди дека сите нивни главни загрижености - безбедносни гаранции, долгорочен економски развој, заштита на инфраструктурата, слобода на навигација и политички суверенитет - биле темелно разгледани за време на состанокот“.
Повеќе западни новински агенции, цитирајќи неименувани извори, велат дека американски и украински претставници разговараат за потенцијална посета на Зеленски на Вашингтон - уште оваа недела - за да разговараат со Трамп.
Ројтерс цитираше извор кој вели дека разговорите ќе се фокусираат на најчувствителните прашања во мировниот план од 28 точки што го предложи Трамп - како што е можноста за територијални отстапки на Украина кон Русија.
И покрај отпорот од американски пратеници и од странски сојузници, Трамп ја остави отворена можноста за измени во планот.
Германската новинска агенција ДПА јави дека алтернативниот европски план нема да бара од Украина да отстапи територија што сè уште ја контролира и ќе постави повисок лимит за големината на нејзините вооружени сили - на 800.000 војници, наместо ограничувањето од 600.000 во американскиот предлог. Украина, исто така, ќе добие силни безбедносни гаранции.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека ќе има телефонски разговор со рускиот колега Владимир Путин на 24 ноември за да разговара за мировните напори во Украина.
За време на разговорите во Женева, нападите продолжија. Украинските власти изјавија дека Русија започнала „масовен“ напад со беспилотни летала врз Харков на 23 ноември, при што загинаа најмалку четири лица, а 17 други беа повредени во станбена зона.
Русија речиси секоја ноќ лансираше ракети и беспилотни летала врз украински станбени, комерцијални и инфраструктурни објекти.
Кремљ негира дека таргетира цивилни области и покрај нападите врз такви области.
Руските напади врз енергетската инфраструктура оставија милиони луѓе без греење или електрична енергија секој ден, со часови.
Украина одговори со испраќање беспилотни летала против енергетски и други објекти во Русија за кои Киев вели дека се користат за извршување напади врз украински градови.
Русија, исто така, се соочува со прекини на електричната енергија, а нејзината економија е сериозно оштетена поради воените трошоци и западните санкции.