Белата куќа соопшти дека разговорите во Женева со Киев означиле „значаен напредок“ кон завршување на војната во Украина и доведоа до „ажурирана и усовршена“ рамка што „целосно ќе го поддржи“ суверенитетот на земјата разорена од војна и ќе обезбеди праведен мир.
Во соопштението од Вашингтон од 23 ноември не се прецизира какви промени се направени во мировниот план од 28 точки предложен од претседателот Доналд Трамп, кој поддржувачите на Киев го критикуваа како премногу пријателски кон Русија.
„Дискусиите беа конструктивни, фокусирани и почитувачки, нагласувајќи ја заедничката посветеност за постигнување праведен и траен мир“, соопшти Белата куќа во она што го нарече заедничка изјава со Украина.
„Разговорите покажаа значителен напредок кон усогласување на позициите и идентификување на јасни следни чекори. Тие потврдија дека секој иден договор мора целосно да го поддржи суверенитетот на Украина и да обезбеди одржлив и праведен мир. Како резултат на разговорите, страните развија ажурирана и подобрена мировна рамка“, дсоопшти Белата куќа, без да даде детали.
Во соопштението се додава дека двете страни се согласиле да „останат во близок контакт со своите европски партнери“, кои остануваат едни од најсилните поддржувачи на Украина.
Самиот Трамп не даде веднаш коментар.
Заедно со европските сојузници на Украина, многу американски пратеници - вклучувајќи и некои републиканци - го нападнаа оригиналниот предлог, а некои го нарекоа „список на желби“ на Кремљ.
Во соопштението на Белата куќа се наведува дека „украинската делегација потврди дека сите нивни главни загрижености - безбедносни гаранции, долгорочен економски развој, заштита на инфраструктурата, слобода на навигација и политички суверенитет - беа темелно дискутирани за време на состанокот“.
Видете и ова: ЕУ- Границите на Украина не можат да се менуваат со силаАмериканскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека на разговорите за окончување на војната во Украина е постигнат „огромен напредок“, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп бил „задоволен“ по брифингот за текот на дискусиите.
Рубио вторпат им се обрати на новинарите на 23 ноември, по средбата со украинската делегација во Женева, оценувајќи дека разговорите биле „најпродуктивни и најзначајни“ откако администрацијата на Трамп е на власт.
„Сè уште има работа, но денес сме многу подалеку од утрово, а уште повеќе од пред една недела“, рече тој, не откривајќи детали.
Додаде дека безбедносните гаранции за Украина „мора да се разгледаат“ и дека разговорите продолжуваат на 24 ноември.
Средбите во Женева се фокусирани на американскиот план за запирање на војната што трае од руската целосна инвазија во февруари 2022 година. Планот не е официјално објавен, но протечените елементи предизвикаа загриженост кај сојузниците на Киев, кои сметаат дека е наклонет кон Русија.
Трамп претходно рече дека планот не е конечен и може да претрпи измени, но неговите коментари на Truth Social од 23 ноември покажаа фрустрација со ставовите на Европа и Украина.
„Украинското ‘раководство’ не покажало никаква благодарност, а Европа сè уште купува руска нафта,“ напиша тој со големи букви во неговиот пост.
ЕУ-членките Унгарија и Словачка и натаму купуваат руска сурова нафта, а истото го прави и Турција, членка на НАТО.
Во очигледен одговор, украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи му се заблагодари „лично на претседателот Трамп“ за помошта „која ги спасува животите на Украинците“.
Во следна објава Зеленски го опиша и темпото на дипломатијата во Женева: „Многу работи се менуваат – внимателно работиме на чекорите за да ја завршиме војната. И утре ќе биде подеднакво активно.“
Што содржи планот?
Според протечените информации, многу од одредбите бараат сериозни уступки од Киев и се поклопуваат со барањата на Москва – вклучително и предавање на Донецк, Луганск и Крим, како и ограничување на големината на украинската армија.
Киев би требало исто така да донесе уставна забрана за приклучување кон НАТО, додека на западниот воен сојуз би му биле поставени ограничувања за стационирање на своите сили. Финансиските санкции кон Москва исто така би биле олеснети според планот.
Во замена, Украина би добила некакви „гаранции за безбедност“, најмногу од САД, би ѝ било дозволено да се приклучи кон Европската унија и би добила одредени финансиски бенефиции. Русија исто така би била должна да се повлече од делови на Украина кои ги окупира во моментов.
Поради отпор од американските законодавци и странски сојузници, Трамп на 22 ноември остави отворена можноста за промени во планот.
На прашањето на новинарите дали неговиот предлог е „конечна понуда за Украина“, Трамп одговори: „Не.“
Европските сојузници на Украина, кои не учествувале во изработката на американскиот план, рекоа дека предлогот бара „дополнителна работа“.
Новинската агенција Ројтерс извести за детали од европските контра-предлози, кои вклучуваат поголема големина на украинските сили и американска гаранција за безбедност слична на членот 5 од НАТО – според кој напад врз една држава се смета за напад врз сите.
Рубио рече дека не видел никакви европски контра-предлози.
Со известување од украинскиот сервис на РСЕ/РЛ, новинските агенции Ројтерс, АФП и ДПА.