ЕУ- Границите на Украина не можат да се менуваат со сила

Pретседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен

Границите на Украина не можат да се менуваат со сила, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во пресрет на разговорите на украинските и американските претставници во Женева на 23 ноември.

„Нејзината армија не смее да се намали на начин што ќе ја остави ранлива на напад, а Европската Унија мора да има централна улога во мировниот договор за Украина“, изјави фон дер Лајен.

Нејзината изјава доаѓа во време кога високи претставници од САД, Украина и советници за национална безбедност од Франција, Британија и Германија одржуваат средби во Женева за да го разгледаат нацрт-планот на Вашингтон за завршување на војната во Украина.

„Секој кредибилен и одржлив мировен план треба пред сè да го запре убивањето и да ја стави крај на војната, а во исто време да не посее семиња за идниот конфликт,“ е наведено во соопштението од нејзиниот кабинет.

„Се согласивме за главните елементи потребни за праведен и траен мир и за суверенитетот на Украина. Ќе издвојам три од нив. Прво, границите не можат да се менуваат со сила,“ додаде таа.

Видете и ова: Трамп ги критикува ЕУ и Украина, додека дипломатските преговори траат во Женева

„Второ, како суверена нација, не смее да има ограничувања на вооружените сили на Украина кои ќе ја остават земјата ранлива на идни напади и со тоа ќе ја поткопаат и европската безбедност,“ се наведува во соопштението.

„Трето, централната улога на Европската Унија во обезбедувањето мир за Украина мора целосно да се рефлектира. Украина мора да има слобода и суверено право да ја избере својата иднина. Тие ја избраа европската иднина,“ рече фон дер Лајен.

Европските сојузници на Украина, предводени од Велика Британија, Франција и Германија, таканаречената Е3 група, изразија загриженост во врска со предлогот, кој сè уште не е официјално објавен, иако клучните елементи се познати во јавноста.

Многу од условите на договорот бараат големи отстапки од Киев и се чини дека ги одразуваат многу од барањата на Кремљ, вклучително и предавање на украинските региони Донецк и Луганск, познати како Донбас, како и Крим, додека се поставуваат ограничувања за големината на војската на Украина.

Од Киев, исто така, ќе се бара да усвои уставна забрана за приклучување кон НАТО, додека ограничувањата за стационирање на трупи ќе бидат воведени и врз самата Западна воена алијанса.

Финансиските санкции против Москва, исто така, ќе бидат ублажени според планот.

Европските сојузници на Украина, кои не беа вклучени во изготвувањето на американскиот план, рекоа дека предлогот бара „дополнителна работа“.

Зеленски рече дека неговата земја се соочува со „еден од најтешките моменти“ во својата историја, предупредувајќи дека ризикува да го изгуби еден од своите клучни сојузници - Вашингтон - но дека Киев нема да ги „издаде“ сопствените интереси во никакви преговори.