Приведени десеттина вработени во УЈП во Штип

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски

Главниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски соопшти дека во текот на вчерашниот ден и денеска (19 и 20 ноември) се води предистражна постапка против лица вработени во УЈП, а кои на некој начин се поврзани со предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

„Денеска се приведени околу десетина лица и во моментов се вршат претреси на лицата опфатени со кривичната пријава. Во овој момент можам да кажам само дека се работи за вработени во УЈП, а за кривични дела допрва ќе видиме. Првичните сознанија се дека се работи за кривичните дела - злупотреба на службена положба и овластување, како и примање и давање мито“, рече Коцевски.

Тој посочи дека се работи за постапка поврзана со предметот за Кочани, како и дека за дел приведените се доставени и соодветени електронски комуникации и пораки.

„Дел од тие комуникации што беа презентирани во јавноста, дел се опфатени. Меѓутоа дадена е изјава Обвинителството дека дел од тие електронски пораки се дадени во Судот. Меѓутоа, тоа беше само дел за тој предмет, а се поврзани и со овие лица. Ова е постапка во врска со предметот за Кочани“, рече Коцевски.

Видете и ова: „Дискотеката „Пулс“ во Кочани со години била буре барут“, оцени еден од обвинителите на првото рочиште

Главниот јавен обвинител уште истакна дека во моментов не може да соопшти за кои лица се работи, дека јавноста ќе биде запознаена откако ќе се земат генералиите, а за мерките што ќе бидат предложени против приведените ќе биде донесена одлука откако ќе бидат земени изјавите од приведените.

За предметот рече дека ќе се води во Обвинителството во Кочани, со оглед на тоа што тоа е подрачјето на извршувањето на евентуалното кривично дело.

„Доколку излезе нешто ново, можеби тоа да биде преземено од Обвинителството за организиран криминал. Засега надлежно е Обвинителството во Кочани“, рече Коцевски.

За односниот предмет посочи дека е заведен во Кочани и истиот не може да се спои со предметот за пожарот во дискотеката бидејќи, како што посочи, се работи за кривични дела за злоупотреба на службена должност и овластување и земање и давање поткуп, односно, како што објасни, се работи за кривични дела што немаат врска со предметот што е во тек за кривичниот настан во дискотеката во Кочани.

По осум месеци вчера почна судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а 200 беа повредени. Вкупниот број на обвинети во судскиот процес е 35 лица и три фирми. Меѓу нив се поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници.

Судењето ќе продолжи во вторник, 25 ноември, со изјаснување за вина на обвинетите и воведни зборови на одбраната.