Руските сопственици се согласиле да го продадат својот удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС), кој изнесува 56,15 проценти, изјави српската министерка за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ. Нафтената индустрија на Србија е од 9 октомври под американски санкции поради мнозинското руско сопствеништво.
Но руската и српската страна засега не откриваат кои би можеле да бидат потенцијалните купувачи. НИС побара од САД лиценца за работа додека траат преговорите за сопственичката структура.
„САД нема да дозволат никој што може да биде поврзан со Русите да го купи НИС, како на пример Кина,“ вели за Радио Слободна Европа, Боже Драшковиќ, универзитетски професор во пензија.
Гаспром Нефт, рускиот мнозински сопственик на НИС, како и самата компанија, не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа со кого преговараат за предавање на контролата и управувањето.
Освен претходните информации дека руските мнозински сопственици на НИС преговараат со азиски и европски партнери за сопствеништвото, српските официјални лица не открија повеќе детали.
Професорот по економија Боже Драшковиќ смета дека е можно формален купувач на НИС да биде некој од арапските земји.
„Би им дозволиле на арапските земји, на пример на Емиратите, Кувајт, Саудиска Арабија, иако е прашање дали воопшто им е потребно тоа,“ оцени Драшковиќ.
„На можните европски купувачи – било Французи, Германци или кој било друг – нивните земји нема да им дозволат купување поради спречување на трансферот на купопродажната цена,“ додаде тој.
Американскиот OFAC не одговори на прашањето на РСЕ која опција за излез на руското сопствеништво од НИС би им била прифатлива.
Српската минисерка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави дека Србија е „многу вклучена и информирана“ за преговорите за продажба, но додаде дека не може да се зборува за третата страна сè додека не завршат преговорите за купување на рускиот удел.
„Тоа се деловни разговори на сериозни компании и додека не завршат или барем најважните детали не бидат дефинирани, не е ни сериозно да се зборува за тоа,“ додаде таа.
Видете и ова: Што би значела национализацијата на српската нафтена индустрија?Наскоро потоа, НИС ја информираше јавноста дека од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД била побарана посебна лиценца што би овозможила продолжување на работењето.
„Во согласност со статусот на преговорите меѓу акционерите и заинтересираните страни, до OFAC е испратено барање за добивање нова лиценца што би овозможила работа додека траат преговорите за одржливо решение за НИС,“ беше наведено.
Во тоа соопштение беше истакнато дека претходната лиценца дозволувала преговорите меѓу акционерите и други заинтересирани страни за промената на сопственичката структура на НИС да траат до 13 февруари.
Со последната лиценца беа одобрени преговорите за промена на сопствеништвото, но не и понатамошното работење на НИС.
Санкциите за НИС стапија во сила на 9 октомври, во обид американската администрација да спречи Русија приходите од енергетиката да ги користи за војната во Украина.
Претходно санкциите беа одложувани осум пати, а во меѓувреме сопственичката структура на компанијата повеќепати се менуваше, но и понатаму мнозинството остана во рацете на руските компании, додека Србија има 29,87 проценти удел.