Зеленски продолжува со патувањата среде корупциската афера во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во посета на Мадрид, 18 ноември 2025 г.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека ќе отпатува во Турција за можни разговори со највисокиот претставник на Белата куќа вклучен во преговорите за ставање крај на речиси четиригодишната војна на Русија со Украина.

Посетата на Зеленски, планирана за 19 ноември, е едно од серија меѓународни патувања, вклучително и тоа во Франција, каде што обезбеди усмен договор за купување десетици француски борбени авиони „Рафал“. На 18 ноември, тој беше и во Шпанија, а претходно и во Грција, каде потпиша договор за испорака на гас.

„Се подготвуваме да ги интензивираме преговорите и разработивме решенија што ќе им ги понудиме на нашите партнери. Приближувањето до крај на војната е врвен приоритет на Украина“, рече Зеленски во објава на Телеграм.

Видете и ова: За Кремљ, договорот меѓу Франција и Украина за борбени авиони е „поттикнување“ на војната

Според најавите, Зеленски ќе се сретне со Стив Виткоф, највисокиот претставник на Белата куќа во разговорите за ставање крај на војната во Украина. Кремљ соопшти дека ќе нема руски претставници.

Директни разговори меѓу Киев и Москва последен пат се одржаа во јули во Истанбул.

Далекосежен корупциски скандал

Овие патувања на Зеленски доаѓаат во услови на растечкиот корупциски скандал, кој се претвора и во најлошата политичка криза со која се соочил украинскиот претседател од изборите во 2019 година.

Скандалот се однесува на тврдењата дека средствата наменети за заштита на ранливата енергетска инфраструктура на Украина од руски воздушни напади биле земани и давани во форма на мито на политички инсајдери.

Тврдењата излегоа на виделина минатата недела кога двете водечки антикорупциски агенции во Украина објавија докази со детали за нивните сознанија.

Меѓу вмешаните беше и Тимур Миндич, долгогодишен пријател и поранешен деловен партнер на Зеленски.

Миндич избега од Украина за Полска на 10 ноември, неколку часа пред властите да започнат со рации во рамки на оваа истрага, изјавија службеници за „Шема“, истражната единица на украинскиот сервиса на Радио Слободна Европа (РСЕ). Тоа ги наведе критичарите да тврдат дека Миндич бил информиран пред да започне рацијата.

Откритијата за овој корупциски скандал веќе доведоа до оставки на министерот за енергетика и министерот за правда.

Видете и ова: Украински бизнисмен вмешан во корупцискиот скандал избегал во Полска со луксузно такси

Минатата недела, истражните агенции соопштија дека е уапсен висок функционер во подружница на „Енергоатом“, државната нуклеарна компанија, под обвинение за поткуп. Претходно во јуни, вицепремиерот Олексиј Чернишов беше обвинет за корупција.

Зеленски не е вмешан во случајот. „Енергоатом“ соопшти дека целосно соработува со истрагата.

Протести против корупција во Украина

Во текот на летото, Зеленски предизвика бура од реакции кога поддржа мерка што значително требаше да ја намалат независноста на две истражни агенции: Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата и Националното биро за борба против корупцијата на Украина. По протестите што беа организирани, претседателот се повлече.

Украинскиот пратеник Јарослав Железњак на 18 ноември изјави дека записите од истрагата вклучуваат лице со кодно име шеф на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски. Пратеникот тврдеше дека записите покажуваат дека Андриј Јермак наводно им наложил на неименувани службеници да истражуваат службеници од Националното биро за борба против корупцијата на Украина.

Јермак не одговори веднаш на барањата за коментар од украинскиот сервис на РСЕ.