Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека експлозијата на една важна железничка линија што се користи за транспорт на воена опрема и помош за Украина била предизвикана од „невиден чин на саботажа“.
Туск во објава на социјалните мрежи на 17 ноември рече дека експлозијата се случила еден ден претходно на линијата што води од Варшава до источниот полски град Лублин, околу 100 километри од границата со Украина.
„Разнесувањето на железничката пруга на рутата Варшава–Лублин е невиден чин на саботажа насочен против безбедноста на полската држава и нејзините граѓани,“ напиша Туск, додавајќи дека е во тек истрага.
Тој не даде дополнителни детали за експлозијата или за тоа кој можел да стои зад неа, но рече дека е откриена и втора локација со оштетување на истата линија, подалеку кон исток.
Полските претставници, како и оние од други европски земји, одамна обвинуваат дека Москва води „хибридна“ кампања на саботажи и шпионажа против земјите што и помогнаа на Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.
Видете и ова: Тројца Украинци затворени во Полска за саботажа поврзана со РусијаМинатиот месец, полските власти уапсија осум лица осомничени за шпионажа или планирање напади во име на Русија.
Во јануари, Туск ја обвини Русија дека планира терористички напади врз неименувани цели користејќи воздушни летала.
Неговите коментари дојдоа во услови на сè поголем број сомнителни, вознемирувачки и необјаснети инциденти.
Некои од нив вклучуваа меѓународни авиокомпании и обвинувања дека Русија се обидувала да постави тајни експлозиви на карго летови, додека други се однесуваа на бродови што предизвикале прекини на подводни кабли.
Москва постојано ги негира западните обвинувања за терористички напади, вклучувајќи палење, кражби, труења и напади врз поединци на Запад.