Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе го реформира енергетскиот сектор во земјата, кој е погоден од скандали, за да го ублажи незадоволството по обвинувањата за широко распространета корупција во која е вклучен и негов долгогодишен пријател и поранешен деловен партнер.
На 15 ноември, Зеленски најави дека раководството на најмалку три државни енергетски компании ќе биде отпуштено и брзо заменето, како и дека се во тек други промени.
Во обид да ја запре енергетската криза, Зеленски на 16 ноември отпатува во Атина, каде потпиша договор за увоз на течен природен гас испорачан од САД од следниот месец до март 2026 година.
„Започнуваме реформа на клучните државни претпријатија што работат во енергетскиот сектор“, напиша Зеленски на социјалните медиуми.
„Паралелно со целосна ревизија на финансиските активности, раководството на овие компании треба да биде заменето. Денес, заедно со премиерката Јулија Свириденко и министерот за економија Олексиј Соболев, ја утврдивме постапката“, наведе тој.
Останува да се види дали промените ќе бидат доволни за да се намали притисокот врз Зеленски и да се задоволат западните сојузници на Киев, кои го повикаа украинскиот лидер да направи повеќе за да се справи со ендемската корупција додека земјата продолжува да се бори против целосна руска инвазија.
Видете и ова: Украински бизнисмен вмешан во корупцискиот скандал избегал во Полска со луксузно такси„Политико“ цитираше неименуван функционер на ЕУ кој изјави дека корупцијата откриена во истрагата е „одвратна“ и нема да помогне во угледот на Украина кај меѓународните партнери.
Украинските органи за борба против корупцијата објавија „операција од големи размери“ на 10 ноември, тврдејќи дека истражува десетици милиони долари проневера во енергетскиот сектор додека земјата се соочува со целосна руска инвазија.
Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ), во заедничка операција со Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО), соопшти дека открило шема во која е вклучена „криминална организација на високо ниво“ насочена кон „влијание врз стратешките претпријатија од јавниот сектор, особено врз АД Енергоатом“, државната компанија за нуклеарна енергија.
Промени во рок од една недела
Зеленски повика на формирање нов надзорен одбор во „Енергоатом“ „во рок од една недела“, што би овозможило „целосна реформа на управувањето со компанијата“.
Тој, исто така, најави промени на врвот на „Нафтогас“, државната гасна компанија на Украина, и „Укрхидроенерго“, државниот производител на хидроенергија.
„За една недела треба да се обезбедат сите услови за формирање на нов и професионален надзорен одбор на компанијата, а благодарение на ова, целосно ресетирање на одборот на директори на Енергоатом“.
Во „Укрхидроенерго“ — [ќе има] итен оглас за нов директор на компанијата и дополнително формирање на надзорниот одбор.
„Нафтогас“, украинската државна гасна компанија, „треба да објави и спроведе конкурс за надзорниот одбор на компанијата, за да може овој нов состав да започне со работа во јануари 2026 година.“
„Во другите големи државни енергетски компании, државните претставници во надзорните одбори треба да се обноват“, додаде Зеленски.
Видете и ова: Од армијата до Зеленски, скандалот со корупција во Украина ја потресе земјатаБегство во Полска
На списокот на осомничени во антикорупциската истрага се наоѓаат луѓе од највисоките нивоа на владата и други истакнати личности, а фокусот е главно на Тимур Миндич, долгогодишен близок соработник на Зеленски.
Истражната единица „Шема“ на украинската служба на Радио Слободна Европа (РСЕ), објави дека Миндич избегал од Украина за Полска неколку часа пред властите да започнат рации во рамки со истрагата, што ги натера критичарите да тврдат дека бил однапред предупреден.
Вклученоста на Миндич предизвика реакции и поради неговите минати врски со водечки политички личности, вклучувајќи го и Зеленски. Миндич е ко-сопственик на комичната група „Квартал 95“, каде ко-сопственик беше и Зеленски пред да се кандидира за политичка функција.
Бизнисот беше важен канал за Зеленски да добие на популарност како комичар и актер пред да влезе во политиката. Миндич беше и бизнис партнер на милијардерот Ихор Коломојски, кој го поддржа Зеленски во неговата претседателска кампања во 2019 година. Тој е во притвор од 2023 година под обвинение за измама и перење пари.
Зеленски се дистанцира од Миндич и седум други лица официјално осомничени во истрагата. На 13 ноември, тој потпиша декрет со кој се воведуваат санкции, вклучително и замрзнување на средства, против Миндич и Олександр Зукерман, кој исто така беше обвинет и избега од земјата.
Истрагата ја водеа антикорупциски институции кои Зеленски претходно се обиде да ги скрати, но се откажа од намерата по масовните протести во текот на летото.
Истакнати личности
Друга истакната личност вмешана во случајот е Херман Халушченко, кој беше суспендиран од функцијата министер за правда на 12 ноември. Претходно беше министер за енергетика.
Халушченко рече дека ќе се брани на суд од тврдењата дека примил „лична корист“ од Миндич во наводната шема за поткуп.
На 12 ноември, министерката за енергетика Свитлана Гринчук поднесе оставка, откако Зеленски ја повика да се повлече. Таа инсистираше дека не го прекршила законот и дека не е вмешана.
Поранешниот министер за одбрана Рустем Умеров, кој моментално е секретар на Советот за национална безбедност и одбрана, и поранешниот вицепремиер Олексиј Чернишов, исто така, се вмешани во случајот.
Умеров негираше вмешаност.
Во јуни против Чернишов беа поднесени посебни обвиненија за корупција.
Видете и ова: Голема антикорупциска операција во украинскиот енергетски секторЗеленски ја пофали истрагата против корупцијата, која вклучуваше повеќе од 70 претреси, велејќи дека „секој чекор против корупцијата е неопходен“.
Западните сојузници на Украина – кои обезбедија милијарди долари воена и финансиска помош – го повикаа Зеленски да направи повеќе за борба против долгогодишната корупција во земјата разурната од војна.
Во соопштение на платформата Икс, амбасадорите на Групата седум (Г7) на 15 ноември порачаа дека „го поздравуваат Зеленски за неговата соработка и поддршка за независната истрага на НАБУ/САПО. Очекуваме украинското раководство да ги продолжи своите антикорупциски напори, кои се клучни за интеграцијата на Украина во евроатлантските структури“.
„Додека руските напади продолжуваат, ние продолжуваме да ја поддржуваме енергетската отпорност на Украина“, се додава во соопштението.
Скандалот доаѓа во време кога енергетскиот сектор на Украина се бори со штети и прекини на електричната енергија предизвикани од речиси секојдневните руски напади со беспилотни летала и ракети врз клучната цивилна инфраструктура.