Сенатот на Соединетите Американски Држави започна постапка за мерка насочена кон повторно отворање на федералната влада и прекинување на сега веќе 40-дневното затворање кое ги остави федералните работници без работа, ја одложи помошта во храна и предизвика проблеми со воздушниот сообраќај.
На процедурално гласање, сенаторите го поддржаа законот усвоен од Претставничкиот дом, кој ќе биде изменет за финансирање на владата до 30 јануари и ќе вклучува пакет од три предлог-закони во целиот годишен буџет.
Мерката веднаш беше ставена на гласање, очигледно со поддршка од доволен број демократи, а текстот потоа ќе биде проследен до Претставничкиот дом. Доколку и Претставничкиот дом ја прифати, предлогот ќе биде испратен до Доналд Трамп за негов потпис.
Како дел од договорот постигнат со неколкумина демократи кои одбија да го следат ставот на партиското раководство, републиканците се согласија да одржат гласање во декември за продолжување на субвенциите според Законот за прифатлива здравствена заштита.
Овие субвенции, кои им помагаат на Американците со пониски приходи да платат за приватно здравствено осигурување и истекуваат на крајот од годината, беа приоритет за демократите за време на битката за финансирање.
Овој чекор напред води кон нормализација на ситуацијата, со оглед на тоа што функционирањето на воздушниот сообраќај и исплатите на социјална помош во моментов се нарушени, а стотици илјади вработени се на технички штрајк или работат без плата од 1 октомври.
„Можеме да кажеме дека се приближуваме кон крајот на блокадата на владата“, изјави претседателот Доналд Трамп пред новинарите враќајќи се во Белата куќа по викендот поминат во неговата резиденција во Флорида.
Според пратениците, договорот треба да овозможи продолжување на исплатата на социјална помош за 42 милиони Американци која беше прекината поради блокадата на буџетот, враќање на работа на илјадници владини службеници и исплата на плати, како и гласање за продолжување на програмата за здравствено осигурување што истекува на крајот од оваа година.
Видете и ова: Владата на САД блокирана поради партиски несогласувања во ВашингтонЛидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, изјави дека жали што здравствената заштита е тема на гласање, а не директно на усвојување.
„Таа борба ќе мора да продолжи“, рече тој на седницата на Сенатот.
Поради парализата на буџетот што влијаеше на контролата на воздушниот сообраќај, вчера во САД беа откажани повеќе од 2700 летови, а 10 000 беа одложени, соопшти FlightAware. Аеродромите Њуарк и Ла Гвардија во Њујорк, О’Хара во Чикаго и Хартсфилд-Џексон во Атланта се особено погодени.
Министерот за транспорт Шон Дафи предупреди дека продолжувањето на блокадата на буџетот може да ги влоши работите со приближувањето на Денот на благодарноста.
„Воздушниот сообраќај ќе биде намален на минимум додека сите сакаат да патуваат за да го посетат семејството“, предупреди тој.
Враќањето на воздушниот сообраќај во нормала може да потрае неколку дена по деблокирањето, додека федералното финансирање, кое ги вклучува платите, повторно не се нормализира.