Рокас: Постои сериозна можност да се продолжи со уставните измени

Шеф на делегацијата на ЕУ во Скопје, Михалис Рокас.

Постои сериозна можност да се започне дијалог и да се продолжни со обврската во однос на уставните измени, порача шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Михалис Рокас, на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во врска со Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата во 2025 година што беше објавен на 4 ноември.

Рокас рече дека извештајот ги дава потребните препораки за да се одржи земјата цврсто на нејзиниот пат кон ЕУ и оти „сега е време да се искористи можноста, да се забрзаат реформите и да се спроведуваат поодлучно“.

Евроамбасадорот потсети дека ЕК нотира дека Северна Македонија нема напредок во однос на судските реформи и борбата против корупцијата.

„Од суштинско значење останува ова да да се направи. Ова не се одредници туку тоа се темел за довербата на граѓаните и европската иднина. Трета година по ред во оваа област немаме значителен напредок, а сепак, токму тука една голема посветеност може да направи сериозно голема разлика“, рече Рокас.

Видете и ова: Извештај на Европската комисија: Северна Македонија сѐ уште не ги усвоила уставните измени

Тој потенцираше дека треба да се обезбеди финансиска независност на судството и тоа да биде ослободено од мешање, како и да се зголемат парите во државниот буџет за спроведување на реформите.

Рокас го поздрави тоа што земјата ги „развива мапите за владеење на правото, јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како акцискиот план за заштита на малцинствата“.

„Тие се клучни подготвителни чекори за отворање на кластерот Основи. Со нетрпение очекуваме усвојување на овие документи до крајот на годината за да можеме да продолжиме со интегративниот процес“, рече Рокас.

Усогласеност со политиките во однос на Украина

Она што го пофали евроамбасадорот, согласно Извештајот на ЕК, е што Северна Македонија останала усогласена со безбедносната и надворешната политика на Европската Унија.

„Може да бидете сигурно дека брзото проширување на ЕУ е наш приоритет, наша цел, особено во актуелниот политички контекст и во таа насока го цениме фактот дека земјата останува усогласена со безбедносната и надворешна политика на ЕУ во однос на руската агресија против Украина. Ова покажува дека земјата продолжува да биде силен, доверлив партнер кој ги споделува вредностите и приоритетите на ЕУ“, рече евроамбасадорот.

Премиерот Мицкоски, пак, потенцираше дека ваквата усогласеност е „важна придобивка за карактерот на нашите меѓусебни односи и за нивото на нашата посветеност кон европските вредности“.

„Како Влада остануваме целосно посветени на европскиот пат и на реформите кои ја прават државата посилна, пофункционална и поправедна. Ќе ги адресираме сите области каде е забележан застој со конкретни мерки и отчетност. Нашата цел е полноправно членство во рамки на ЕУ“, изјави Мицкоски на заедничката прес-конференција.

Видете и ова: Мицкоски за Извештајот на ЕК: Да ги донесеме уставните измени за петка и повторно ново вето

Претходно во текот на денот, тој рече дека е задоволен бидејќи нема назадување на државата, но и рече дека ако земјата ги направи уставните измени тогаш ќе добие најдобри оценки, но и ново вето.

Уставните измени, со кои бугарската заедница ќе се вметне во Преамбулата, се дел од обврските што Скопје ги презема во компромисот што беше постигнат околу преговарачката рамка во 2022, откако претходно во 2020 Бугарија стави вето за почеток на преговорите. Северна Македонија одржа прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втора и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пак, негодува на ваквиот компромис што го постигна претходната влада на СДСМ и ДУИ, и за да направи уставни измени бара гаранции од меѓународната заедница дека нема да има нови условувања од Бугарија.