Ѓорѓиевски ја презеде функцијата од Арсовска, најави чистење на Скопје и брз ребаланс на буџетот

Орце Ѓорѓиевски ја презеде функцијата градоначалник на Скопје од Данела Арсовска.

Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, од ВМРО-ДПМНЕ, на 6 ноември ја презеде функцијата од досегашната градоначалничка, Данела Арсовска.

Ѓорѓиевски на позицијата доаѓа откако во вториот круг од локалните избори на 2 ноември го победи противкандидатот од Левица, Амар Мециновиќ.

Претходно во текот на денот, тој го доби уверението за градоначалнички мандат откако Државната изборна комисија ги објави конечните резултати за најголемиот дел од општините и градовите каде се одржа втор круг од изборите.

По преземањето на функцијата, новиот градоначалник рече дека ќе го „врати достоинството на градот“ и оти меѓу првите чекори што ќе ги направи веднаш е да ги тргне рампите пред бараките каде се сместени административните простории на градските власти.

Ѓорѓиевски посочи дека вечерта, во 20:30 часот на 6 ноември, ќе ја започне најавената акција за чистење на Скопје во рок од 72 часа.

„Вечерва од 20:30 започнуваме со темелна активност за чистење на главниот град. Појдовната точна ќе ни биде пред паркингот на спортската сала 'Борис Трајковски' и во наредните 72 часа ќе дадеме се од себе да блесне градот Скопје како што ветив на моите сограѓани“, рече Ѓорѓиевски.

Видете и ова: Убедлив триумф и опасноста од апсолутната моќ

Скопје изминатиот период се соочи со комунален колапс. Контејнерите беа преполни, јавното претпријатие „Комунална хигиена“ не го чистеше ѓубрето, а Јавното обвинителство отвори истрага во рамки на која во притвор се поранешниот директор на претпријатието и еден од раководителите.

Чистењето на градот за 72 часа беше едно од најгласните ветувања на Ѓорѓиевски во текот на кампањата. Арсовска и дел од опозицијата, пак, ја обвинуваа партијата ВМРО-ДПМНЕ дека со нејзините членови во Управниот одбор на „Комунална хигиена“ намерно го кочат собирањето на ѓубрето во главниот град.

Покрај чистењето на Скопје, новиот градоначалник најави и брз ребаланс на градскиот буџет со цел да се обезбедат пари за почнување на нови проекти, но и за откочување на некои што се закочени повеќе години, како што е клучката кај Момин поток за решавање на сообраќајниот хаос во тој дел од градот, но и пуштање во функција на двата нови моста на реката Вардар - едниот во Карпош, другиот меѓу Аеродром и Гази Баба.

За средбата со Арсовска, со која си разменија низа обвинувања изминатиот период, Ѓорѓиевски рече дека била протоколарна.

„Нормално е во примопредавање да имаме една протоколарна средба“, рече новиот градоначалник на Скопје.

Арсовска, пак, се огласи на социјалните мрежи посакувајќи му среќа, а на скопјани им се заблагодари за поддршката.

„Ви благодарам на сите за континуираната поддршка, особено во мојата борба против организираниот криминал и корупцијата во градот, мисија во која ќе продолжам за да победи правдата, да понесе одговорност Висар Ганиу (ексградоначалник на Чаир) кој со својата организирана криминална банда до денес загрозува животи на илјадници наши сограѓани“, рече Арсовска.

Таа, пред четири години стана градоначалничка со поддршка токму од ВМРО-ДПМНЕ, но нивните патишта се разделија уште во првата година од мандатот со меѓусебни обвинувања за злоупотреби.

На овие локални избори, покрај во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалнички места во уште во 54 општини.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Владејачката коалиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, убедлив победник на локалните избори

Коалицијата ВРЕДИ во девет, плус Струга каде го поддржа независниот кандидат Менди Ќура.

СДСМ освои шест градоначалници, коалицијата НАИ предводена од ДУИ четири, а по еден освоија ЗНАМ и Унијата на Роми.

Во четири општини ќе има нови избори бидејќи не беше исполнет цензусот на гласање да излезат една третина од гласачите.