Полска планира воена обука на 400.000 луѓе до 2026

Полски војници на парада во Варшава, август 2024 г.

Полска месецов започнува нова програма за воена обука како дел од нејзиниот поширок план за обука на околу 400.000 луѓе до 2026 година, соопшти полското Министерство за одбрана.

Поттикната од руската инвазија на Украина, Полска троши најголем дел од својот буџет за одбрана меѓу членките на НАТО. Таа стана трета најголема армија во Алијансата, со 216.000 војници, и планира да го зголеми бројот за речиси една третина во текот на следната деценија, пишува Ројтерс.

Министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш ја опиша програмата, наречена „Подготвеност“, како „најголемата воена обука во историјата на Полска“.

Програмата ќе биде доброволна и отворена за сите граѓани – од студенти и вработени до компании и пензионери.

Таа вклучува основни курсеви за безбедност, обука за преживување, медицинско образование и часови за сајбер хигиена.

„Само во ноември и декември ќе обучиме околу 20.000 луѓе преку индивидуална обука, но вкупниот број, вклучувајќи ги сите форми на обука, е околу 100.000 луѓе“, изјави за новинарите заменик-министерот за одбрана Чезари Томчик.

Видете и ова: Тројца Украинци затворени во Полска за саботажа поврзана со Русија

Министерството планира следната година да обучи околу 400.000 луѓе „индивидуално и во групи, како дел од програмата ’Образование со армијата‘“, преку обука на резервисти и доброволна воена служба, рече Томчик.

Началникот на Генералштабот, Вислав Кукула, изјави дека програмата има две основни цели – зајакнување на отпорноста на граѓаните и заедниците и зголемување на достапноста, подготвеноста и капацитетот на воените резервисти.

Програмата првпат ја најави премиерот Доналд Туск во март велејќи дека целта е „изградба на армија од резервисти“ поради зголемените безбедносни грижи по руската инвазија на Украина.