Мицкоски за Извештајот на ЕК: Да ги донесеме уставните измени за петка и повторно ново вето

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Да ги направиме уставните измени, најдобри ќе бидеме и потоа да добиеме ново вето и повторно нови проблеми и тогаш сигурно ќе добиеме петка и ќе бидеме шампиони. Вака премиерот Христијан Мицкоски го коментираше најновиот извештај на ЕК за напредокот на Северна Македонија, во кој комисијата повика на усвојување на уставните измени за вклучување на Бугарите во Уставот.

Во извештајот меѓудругото се потенцира дека иако „властите продолжија да работат на патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на акцискиот план за заштита на малцинствата, Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, особено преку заштита на независноста и интегритетот на судството и засилување на борбата против корупцијата“.

Премиерот вели дека е задоволен од содржината на извештајот, иако потенцираше дека има стагнација во некои области.

„Од она кое што е таму напишано јас сум исклучително задоволен, бидејќи нема назадување. И тоа е владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и затоа нон стоп зборувам дека се потребни промени во Судскиот совет, во Обвинителството итн. Сега веќе по завршувањето на изборите многу посериозно ќе се занимаваме со таа тема, додека, пак, во сите други области има одреден мал напредок или значлителен напредок“.

Видете и ова: Кос: Северна Македонија мора да ги донесе уставните измени за да напредува кон ЕУ

Мицкоски додаде дека не се согласува со констатацијата дека има некои други земји кои што се пред нас.

„На пример ние сме многу пред Албанија. Иако некои од еврокомесарите даваат такви изјави какви што даваа така што кога ќе се анализира состојбата на државите кој е подготвен, кој не е подготвен, објективна оценка е дека Црна Гора е прва, второто место сме ние и Србија, па потоа доаѓаат Албанија, БиХ, Косово, итн од земјите во регионот“, рече Мицкоски.

Премиерот потенцираше дека Владата ќе продолжи да работи и дека тој е фокусиран на спроведување на реформите.

„Јас апсолутно сум фокусиран на реформите. Оваа Влада е реформска и во таа насока ќе продолжи. Ме охрабруваат пораките за реформите во делот на економијата, во делот на борбата против перењето пари, воведувањето на заедничкиот платежен систем односно СЕПА, Царината, деловите како што се бесплатен роаминг што ќе се имплементираат“, рече премиерот.

Мицкоски попладнево во Владата ќе го прими Извештајот од евроамбасадорот Михалис Рокас, а потоа е предвидена заедничка прес-конференција.