Движењето „Самоопределување“ го предложи Коњуфца за мандатар на новата косовска влада

Глаук Коњуфца

Движењето Самоопределување (ЛВО) го предложи потпретседателот на партијата, Глаук Коњуфца, за мандатар за премиер на Косово.

„Јас го преземам местото на Глаук, а тој моето, како што се договоривме синоќа“, рече претседателот на Самоопределување, Албин Курти, за време на седницата на Советот на партијата.

Курти се осврна на функцијата вицепремиер и министер за надворешни работи и дијаспора, која Коњуфца требаше да ја извршува во владата предложена од Курти на 26 октомври - но која не доби поддршка од 61 пратеник во Собранието на Косово.

Курти, исто така, рече дека на овој начин може да се избегнат двојни избори и да се овозможи Парламентот да го усвои буџетот за 2026 година.

Оваа седница на Самоопределување се одржа еден ден пред истекот на десетдневниот рок даден од претседателката Вјоса Османи за назначување претставник за формирање на новата влада на Косово или за распишување нови избори.

Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Лумир Абдиџику, ја нарече седницата на Самоопределување „театарска претстава“, а мандатарот го опиша како „без демократски легитимитет“.

„Сакам да верувам дека претседателот на Републиката ќе ја почитува волјата на албанското мнозинство, пред пропагандните состаноци на партиите со целосни мандати, но без парламентарно мнозинство“, напиша тој на Фејсбук.

На 31 октомври, Османи се сретна со претставници на политичките партии за да разговараат за прашањето на носителите на мандати и можните избори.

Видете и ова: Курти нема доволно гласови за да формира нова влада

По средбата, Демократскиот сојуз на Косово, Демократската партија на Косово и Алијансата за иднината на Косово изјавија дека нема мнозинство и дека изборите се веројатна опција. Курти не им се обрати на медиумите.

Османи по средбата изјави дека Курти побарал средба пред 5 ноември - кога истекува рокот од десет дена - за да се утврди дали може да се формира мнозинство.

Османи изјави дека Уставот ја обврзува да направи сè за да избегне вонредни избори.

Видете и ова: Османи му го додели мандатот на Курти за составување нова влада

На 11 октомври, Курти доби мандат од Османи за формирање нова извршна власт. Неговата партија победи на изборите одржани на 9 февруари, но не освои доволен број пратенички места во Собранието што би ѝ овозможило самостојно да формира влада без соработка со други партии.

На тие избори, Демократската партија на Косово освои 24 места, Демократскиот сојуз на Косово 20 места, Алијансата за иднината на Косово пет места, а Социјалдемократската иницијатива, која се појави на заедничка листа со Алијансата за иднината на Косово, има три пратеници. Српската листа има девет од десет загарантирани места за српското малцинство, додека едно место ѝ припаѓа на партијата на Ненад Рашиќ. Другите десет места им припаѓаат на претставници на другите малцински заедници.