СДСМ победи во Центар и во уште две општини, Филипче не поднесува оставка

Венко Филипче, прес-конференција по Локални избори 2025, втор круг

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) во вториот круг победи во три општини - во скопската општина Центар, во Македонска Каменица и во Зрновци, објави на прес-конференција претседателот на партијата, Венко Филипче.

Со тоа, СДСМ досега освои победа во вкупно шест општини, заедно со победата во првиот круг во Крива Паланка, Богданци и Кривогаштани.

Филипче рече дека се очекуваат конечни резултати од неколку општини каде разликата е мал број гласови и кажа дека согласно изборниот резултат на советничките листи, СДСМ е втора партија во земјата и прва во опозицискиот блок.

Тој обвини дека во изминатите две недели власта правела притисок на сите кандидати на СДСМ во 17 општини во кои партијата влезе во втор изборен круг и рече дека нема да поднесе оставка од лидерската позиција.

Видете и ова: Изборно финале за градоначалници, најмногу „дуели“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Согласно изборниот резултат на советничките листи, СДСМ е втора партија во земјата и прва во опозицискиот блок.

„Кажав и минатиот пат, јас сум претседател многу кратко, година и неколку месеци. Лани имавме една консолидација во партијата, но секако дека овие избори се дополнителен показател од кои ќе влечеме пораки и поуки во иднина. Процесот продолжува, сите да се бориме против оваа власт. Сметам дека тоа што власта изгуби 130-140.000 гласови за само година ипол е делумно и наша заслуга“, рече Филипче.

Тој најави дека СДСМ ќе одржи Конгрес на кој ќе се дискутира за изборниот резултат и ќе следат промени и во раководството на партијата.

Во првиот круг, СДСМ на советнички листи освои над 125.00 гласови.