ДИК: Без проблеми заврши гласањето на болните, немоќните и затворениците

Претседател на ДИК Борис Кондарко.

Гласањето за болни и немоќни лица, затвореници и лица сместени во установи за вонсемејна грижа заврши непречено и без забелешки, соопшти вечерва Државната изборна комисија (ДИК).

До 20 часот своето право на глас го оствариле 3.327 од вкупно 4.826 болни и немоќни лица, 588 од 1.256 лица во 14 казнено-поправни установи, како и 125 од 214 лица во установи за вонсемејна грижа.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, претходно на изјави дека „гласањето е спроведено навреме, немаме никаков проблем ниту со изборен материјал, ниту со изборни органи. Нема забелешки, приговори или поплаки,“

Тој појасни дека гласовите од денешното гласање нема да се бројат одделно, туку ќе бидат запечатени и приклучени кон утрешното гласање, а потоа ќе бидат објавени како дел од вкупните резултати. По завршувањето на гласањето, ДИК ќе објави дополнително соопштение за одѕивот.

Видете и ова: Болните и затворениците гласаа во вториот круг од локалните избори за градоначалници

На продолжението на својата 151. седница, Комисијата одби еден приговор за остварување на избирачко право поднесен од лице од Боговиње, бидејќи било утврдено дека тоа лице веќе е запишано во избирачкиот список.

На денешната седница, ДИК разгледа и неколку приговори поврзани со избирачкото право. Четири приговори беа усвоени, со што подносителите добија можност да гласаат, бидејќи ги исполнуваат законските услови, додека три приговори беа одбиени како неосновани.

Според податоците на Комисијата, своето избирачко право денеска го остваруваат 4.826 болни или немоќни лица, 1.256 лица во 14 казнено-поправни установи и 214 лица сместени во 13 центри за вонсемејна грижа.

Во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржи утре, граѓаните ќе избираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и советници во Шуто Оризари. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.

ДИК потврди дека изборниот процес ќе го следат 1.622 набљудувачи, од кои 957 домашни, 651 меѓународни и 14 странски новинари.