Во 33 општини ќе се избира градоначалник во втор круг

Северна Македонија - гласање на локални избори 2025

Во 33 општини во државата на 2 ноември ќе се одржи втор круг од изборите за градоначалник, објави Државната изборна комисија (ДИК) по седницата на 28 октомври, на која беа презентирани конечните резултати од изборите.

Во првиот круг, беа избрани градоначалници на 44 општини.

За избор на членови на Советот, гласањето ќе се повтори само во скопската општина Шуто Оризари каде Управниот суд ги поништи резултатите поради утврдени нерегуларности.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информира дека по направената симулација, теоретски е утврдено дека е можно бројот на запишаните гласачи во овие три избирачки места да влијае на распределбата на мандатите во Советот на Шуто Оризари.

Втор круг гласање за избор на градоначалник ќе има во Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари и во Градот Скопје.

Локални избори 2025 - Северна Македонија избира градоначалници и општински советници

Во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово, четирите општини во кои не беше постигнат цензус од минимум една третина излезеност, изборната постапка ќе се повтори. Таа ќе почне откако ќе заврши вториот круг, односно по објавувањето на конечните резултати од изборите.

Во првиот круг на изборите, што се одржа на 19 октомври, владејачката ВМРО-ДПМНЕ обезбеди убедливо водство, освојувајќи градоначалнички позиции во 32 општини низ државата.

СДСМ освои градоначалнички места во три општини - Крива Паланка, Богданци и Кривогаштани.

Коалицијата предводена од ВЛЕН победи во 5 општини, вклучително Чаир, додека „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ) предводена од ДУИ освои 4 градоначалнички места - во Гостивар, Липково, Чашка и Пласница.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓоргиевски, води во трката за градоначалник на Град Скопје со 39,4 проценти од гласовите и во вториот круг ќе се соочи со кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, кој освои 13,2 проценти – најдобар резултат за оваа партија досега.

Изборниот ден на првиот круг, 19 октомври, помина мирно, без инциденти, со излезност од 46,5 проценти, соопшти Државната изборна комисија.