Путин потврди дека е успешно тестирана ракетата „Буревестник“ со нуклеарен погон

Burevestnik missile

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија неодамна успешно ја тестирала ракетата „Буревестник“, која има нуклеарен мотор и можност за носење нуклеарно оружје. Москва моментално разгледува опции за користење на ракетата, бидејќи војната во Украина продолжува без јасен исход.

На 26 октомври, Кремљ објави видео од состанокот меѓу Путин и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов, за кој се вели дека се одржал во Здружениот штаб на вооружените сили.

Герасимов рече дека тестот се случил пред пет дена и дека ракетата - за која Москва тврди дека е невидлива за сите одбранбени системи - прелетала 14.000 километри и останала во воздух околу 15 часа.

Ракетата, која НАТО ја нарекува „Скајфол“, е во развој повеќе од една деценија. Тоа е еден од неколкуте нови системи на кои се фокусираат руските дизајнери.

„Клучните тестови сега се завршени“, рече Путин во видеото, додавајќи дека наредил изградба на „потребната инфраструктура за воведување на ова оружје во оперативна употреба во руските вооружени сили“.

Напредокот на проектот доаѓа во време кога војната на Путин во Украина влегува во својот 45-ти месец, при што руските трупи остваруваат ограничен територијален напредок, чекор по чекор.

Видете и ова: Во Костјантинивка снемува места за погребување додека руските сили се приближуваат

Киев врши притисок врз САД и нивните западни сојузници да испорачаат оружје со долг дострел, како што се ракетите Томахавк, за да ѝ дозволат на Украина да пука подлабоко на руска територија - во обид да добие предност во војната и да ја зајакне својата позиција во сите мировни преговори што во моментов се заглавени.

„Буревестник“ се напојува со мал нуклеарен реактор интегриран во неговиот мотор, што теоретски му овозможува да остане во воздух неколку дена без потреба од полнење гориво.

Ракетата привлече особено внимание од експертите за контрола на оружјето и разузнавањето, делумно поради технологијата што ја користи, а делумно поради претходните неуспешни тестови.

Најавата на Путин доаѓа во време кога се очекува договорот „Нов СТАРТ“ - кој ги ограничува нуклеарните арсенали на САД и Русија на 1.550 стратешки боеви глави и 700 стратешки лансери секој - да истече на почетокот од следната година.

Рускиот лидер неодамна понуди доброволно да се придржува до ограничувањата на договорот една година, предлог што американскиот претседател Доналд Трамп го опиша како „Мислам дека е добра идеја“.

Неуспешен обид за пронаоѓање на потоната ракета - за која се верува дека е „Буревестник“ - предизвика радиоактивна експлозија во оддалечен дел од Русија во 2019 година, при што загинаа пет лица, според документи, фотографии, сателитски снимки и други отворени извори прегледани од Радио Слободна Европа.