ЕУ и Зеленски се сомневаат дека Путин е подготвен да постигне мир

Европската Унија и украинскиот претседател Володимир Зеленски изразија сомнежи во врска со подготвеноста на рускиот претседател Владимир Путин да ја заврши повеќе од тригодишната војна во Украина, додека се наѕира можноста за самит во Будимпешта со американскиот претседател Доналд Трамп.

Зеленски рече дека е „подготвен“ да седне на мировни преговори во унгарскиот главен град, место кое е критикувано од Европската Унија со оглед на тоа што против Путин е издадена потерница од Меѓународниот кривичен суд.

Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, на 20 октомври изјави дека, иако мировните напори на Трамп се добредојдени, „не гледаме дека Русија навистина сака мир“.

„Русија разбира сила и преговара само кога навистина е ставена на преговори. Значи, во моментов, сè уште не го гледаме тоа“, рече таа и додаде:

„Во врска со Будимпешта, не, не е убаво да се види дека навистина лице за кое е издадена потерница од МКС доаѓа во европска земја“.

Украинскиот претседател рече дека верува оти Путин претпочита да ги одложи „вистинските мировни преговори“ и не сака да се сретне со него бидејќи тоа би барало согласност за конкретни позиции и потенцијални отстапки за да се стави крај на војната.

Потоа Зеленски повика на дополнителен притисок врз рускиот лидер, велејќи дека Путин „се плаши од санкции“ и секундарни санкции што би ја притиснале руската економија.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха во објава на X на 20 октомври објави:

„Путин нема намера да ја заврши оваа војна - тој само се обидува да купи време. Затоа ни треба притисок, притисок и само притисок. Единственото нешто што Путин го разбира“.

Видете и ова: Зеленски е „подготвен“ да се сретне со Трамп и Путин во Будимпешта на мировни преговори

Кремљ, пак, ја обвини Украина дека испраќа контрадикторни сигнали што го отежнуваат наоѓањето пат кон мир, додека Москва се обидува да се вклучи во сериозна соработка со Вашингтон.

„Целосните подготовки за самитот сè уште не се започнати“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите во Москва на 20 октомври.

„Секако, сите ги исполнуваат наредбите дадени од претседателите, но консултациите од голем обем, тимската работа за соодветните услови за самитот не се започнати. Ќе започнат наскоро“, додаде Песков.

Коментарите доаѓаат откако Трамп го пречека Зеленски во Вашингтон на 17 октомври за да разговараат за идните мировни преговори.

Видете и ова: Разговорите Трамп-Зеленски не донесоа пробив, но ја одржуваат врската

Зеленски пристигна на својот трет состанок во Белата куќа оваа година подготвен да разговара за потенцијален договор за оружје во кој Украина ќе ја снабди американската војска со технологии за беспилотни летала во замена за ракети Томахавк со долг дострел, но се чини дека Трамп се оддалечува од идејата да ѝ обезбеди оружје на Украина.

Наместо тоа, американскиот претседател ги повика Русија и Украина веднаш да престанат со борбите, велејќи дека е пролеана доволно крв, и најави дека планира да се сретне со Путин во Будимпешта во наредните недели. Не е одреден датум за самитот.

За време на интервјуто за телевизијата Ен-Би-Си (NBC), Зеленски ја повтори својата отвореност за вклучување во билатерални или трилатерални мировни преговори со САД и Русија на маса.

Тој, исто така, рече дека борбите на бојното поле треба да престанат по сегашната линија на контакт меѓу руските и украинските сили и дека треба да се воспостави прекин на огнот за да започнат мировните преговори.