Зеленски е „подготвен“ да се сретне со Трамп и Путин во Будимпешта на мировни преговори

Претседателот на САД Доналд Трамп и украинскиот претседател Володомир Зеленски, Вашингтон, 17 октомври 2025 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да седне на преговарачка маса во Будимпешта за да се постигне мир, нагласувајќи дека се сомнева во подготвеноста на рускиот претседател Владимир Путин да ја заврши војната во Украина, која започна пред повеќе од три години.

„Не сум сигурен дека Путин е сè уште подготвен да ја заврши оваа војна. Мислам дека можеби ќе сака да се врати со агресија“, рече Зеленски во интервју за Ен-Би-Си (NBC) емитувано на 19 октомври.

Зеленски верува дека Путин ги одложува вистинските мировни преговори и ја избегнува средбата затоа што тоа би подразбирало конкретни договори и можни отстапки за завршување на војната.

Тој, исто така, повика на дополнителен притисок врз рускиот лидер, велејќи дека Путин „се плаши од санкции“ и мерки што би можеле дополнително да ја притиснат руската економија.

Овие изјави следеа откако американскиот претседател Доналд Трамп го угости Зеленски во Вашингтон на 17 октомври на разговори за идните мировни преговори.

На овој, трет состанок во Белата куќа оваа година, Зеленски планира да разговара за можен договор според кој Украина би им понудила на САД технологија за беспилотни летала во замена за ракети со долг дострел Томахавк.

Сепак, Трамп изрази резерви во врска со идејата за испорака на ова оружје во Украина и ги повика Русија и Украина веднаш да престанат со борбите, велејќи дека „доволно крв е пролеана“.

Видете и ова: Трамп без јасен одговор на барањето на Украина за „томахавки“

Зеленски рече дека прашањето за „Томахавк“ е многу чувствително за Русите и дека Путин „се плаши дека САД би можеле да го испорачаат ова оружје во Украина“, бидејќи тоа би му дозволило на Киев да погоди стратешки воени цели и инфраструктура во Русија.

Трамп, исто така, објави дека планира да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Будимпешта во наредните недели.

Во интервју за NBC, Зеленски ја повтори својата подготвеност да учествува во мировните преговори, со учество на САД и Русија.

Тој додаде дека прекинот на огнот би бил предуслов за почеток на преговорите.

„Ако сакаме да ја запреме оваа војна и да започнеме мировни преговори, мора да останеме таму каде што сме и да не му даваме на Путин ништо дополнително само затоа што тој го бара тоа“, рече тој.

Што е следно додека преговарачите го разгледуваат самитот во Будимпешта?

„Вашингтон пост“ на 18 октомври објави дека за време на телефонскиот разговор со Трамп на 16 октомври, Путин побарал Украина да се откаже од целосна контрола врз регионот Донецк - стратешки важен дел од источна Украина кој е делумно под руска окупација - како услов за завршување на војната.

Во коментарите доцна на 19 октомври, Трамп рече дека регионот треба „да остане поделен каков што е сега“, при што Русија контролира околу 78 проценти од територијата на Донецк.

„Тие треба да престанат таму каде што се. Нека двете страни прогласат победа - историјата ќе одлучи“, напиша Трамп на социјалните медиуми на 17 октомври.

Тој ги повтори тие коментари на 19 октомври, велејќи:

„Оставете како што е сега. Тие можат да преговараат подоцна“.

Според „Фајненшл тајмс“ од 19 октомври, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата, Трамп му рекол на Зеленски за време на состанокот во Белата куќа да ги прифати условите на Русија за завршување на војната, вклучително и предавањето на регионот Донецк.

Сепак, во изјава за новинарите на 19 октомври, Трамп негираше дека разговарал за предавање на Донецк од Украина на Русија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Украинските артилериски тимови го спречуваат рускиот напредок во Дњепропетровск

Трамп го предупредил Зеленски дека Путин му се заканил дека ќе ја „уништи“ Украина ако не ги прифати неговите услови.

На прашањето во интервју за Fox News дали Путин ќе прифати мировен договор без да земе големи делови од украинската територија, Трамп рече:

„Мислам, тие се бореа и ах, тој Путин има многу украинска територија. Мислам, знаете тој освои одредени територии“, рече Трамп во интервју кое беше емитувано на 19 октомври, но беше снимено пред неговата средба со Зеленски и телефонскиот разговор со Путин.

Се очекуваат територијални отстапки како дел од евентуалниот мировен договор за Украина, но не е сигурно што би можел да прифати Путин - или што би можел законски да понуди Киев. Уставот на Украина бара национален референдум за одобрување на каква било промена на територијата, а такво гласање не може да се одржи во рамките на вонредната состојба што е во сила од руската инвазија во 2022 година.

Зеленски отпатува во Вашингтон првенствено поради можноста Украина да добие ракети „Томахавк“, кои можат да погодат цели на растојание до 2500 километри.

Трамп со недели размислуваше за испраќање ракети „Томахавк“ во Киев, бидејќи стануваше сè пофрустриран од одбивањето на Путин да преговара за крај на војната, но по разговорите со рускиот претседател, се чини дека се откажал од можноста - барем засега.

Зеленски рече дека прашањето за ракетите „Томахавк“ е „многу чувствително за Русите“ и дека Путин „се плаши дека Соединетите Држави ќе испорачаат ракети на Украина“ затоа што тоа би му овозможило на Киев да таргетира стратешки воени локации и инфраструктура, што би можело да ги ослабне воените напори на Русија.

„Добро е што претседателот Трамп не рече „не“, но засега не рече ниту „да“, изјави Зеленски.

Пред евентуалниот самит во Будимпешта, американските и руските претставници наводно планираат повеќе средби на ниско ниво отколку што имаше во пресрет на средбата на Трамп и Путин во Алјаска во август.