Самитот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп може да се одржи во рок од две недели, или малку подоцна, но многу работи треба да се разјаснат пред да се одреди датум, соопшти Кремљ во петокот (17 октомври).
Во четвртокот, Трамп и Путин се согласија да одржат втор самит за војната во Украина, откако првиот што се случи на 15 август во Алјаска не даде резултати. Вториот, засега, е планирано да се одржи во Будимпешта.
Најавата за новата средба помеѓу американскиот и рускиот претседател дојде пред состанокот меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во чиј фокус се очекува да биде евентуалното испраќање крстосувачки ракети „Томахавки“ од САД во Украина.
Видете и ова: „Томахавките“ и тонот на дијалогот во фокус на средбата Трамп - Зеленски во ВашингтонПортпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите рече дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио ќе мора да разговараат и да договорат состанок за да разјаснат многу прашања пред самитот.
„Има многу прашања, треба да се утврдат преговарачките тимови и така натаму. Значи, сè ќе се прави во фази, но, се разбира, волјата на претседателот е тука“, рече Песков.
Тој нагласи дека самитот „навистина би можел да се одржи во рок од две недели или малку подоцна“.
„Општиот став е дека ништо не треба да се одложува“, додаде Песков.
Тој рече дека Русија останува отворена за решение што би ја завршило војната во Украина на мирен начин.
Видете и ова: Трамп и Путин ќе се сретнат во Будимпешта на втор самит оваа годинаМосква ги обвинува Киев и неговите европски сојузници за застојот во мировните преговори.
Украина, пак, ја обвинува Русија за неприфатливи барања и вели дека не верува оти Путин е сериозен во барањето мир.
Во однос на самитот со Трамп, Кремљ посочи и дека Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан разговарале по телефон во петокот, како и дека Орбан рекол оти Унгарија е подготвена да биде домаќин на настанот.