Со Одлука за спроведување на Европската комисија, Европската Унија го одобри второто ослободување на средства за Република Северна Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан. Со оваа одлука се одобрува вкупен нето износ од 16 милиони евра, како комбинирана поддршка: дел неповратни средства и дел заем.
Како што информира Министерството за европски прашања, од овој износ, 7,4 милиони евра се исплаќаат директно во државниот буџет, додека остатокот е наменет за финансирање на инфраструктурни проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Вкупниот износ е утврден по одземањето на средствата кои се користат за порамнување на претфинасирањето, односно на авансно исплатените средства во рамките на инструментот.
„Комисијата утврди дека Северна Македонија ги исполнува предусловите и општите услови за ослободување на средствата, кои се однесуваат на демократското владеење, владеењето на правото, макроекономската стабилност и управувањето со јавните финансии“, соопшти Министерството за европски прашања.
Видете и ова: Ако нема реформи до 2027, парите од Планот за раст ќе се вратат во ЕУСо оценката на Европската комисија се опфатени чекорите од Реформската агенда 2024-2027 со рок на реализација до јуни 2025 година.
„Од вкупно 16 чекори, Република Северна Македонија пријави како исполнети девет, врз основа на процената направени од надлежните институции. Европската комисија, во рамките на сопствената техничка проценка, оцени дека четири од овие чекори се задоволително исполнети: три од областа на дигитализацијата и еден во делот на деловната средина кој се однесува на инспекциските надзори. Реализираните активности се однесуваат на усвојување на нов закон за безбедност на мрежи и информациски системи, нов закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, со кој се воведува европскиот дигитален идентитет, како и на закон за архивски материјал со кој се воспоставува рамка за електронско архивирање во јавната администрација“, прецизираат од Министерството за европски прашања.
За чекорите кои не се целосно реализирани, додаваат, Европската комисија утврдила продолжен рок (грејс период) за нивна имплементација до јуни 2026 година.
Планот за раст и реформите на регионот треба да му овозможат забрзана интеграција во ЕУ, а граѓаните на Западен Балкан да ги почувствуваат придобивките уште пред полноправното членство, како што е на пример, интеграција на нивните земји во заедничкиот европски пазар. Еден од конкретните резултати е приклучувањето на Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија, во Единствената област за плаќања во евра-СЕПА.