Струшкиот градоначалник Мерко доби две години условна и 2500 парична казна за незаконско поставување директори

Рамис Мерко во судница (илустрација)

Две години условна казна за незаконско назначување на директор во училиштето „Зини Хани“ во Велешта и парична казна од 2500 евра за ОУ „Браќа Миладиновци“ во Струга доби струшкиот градоначалник Рамис Мерко.

Условна казна од две години доби и првообвинетата Егзона Шеи, која ја извршувала функцијата в.д. директор во училиштето со фалсификувани исправи.

Судечкиот судија Јордан Јованов кажа дека доколку го повторат делото во рок од две години, ќе следува една година ефективна затворска казна. Обвинетата Шеи, според него, која засновала работен однос во училиштето како апсолвент, како приправник работела четири години и од условот за поставување директор со пет години стаж, таа четири години била приправник.

„Кај исправите постојат елементи на кривичното дело “употреба на исправа со невистинита содржина“. Тоа подразбира дека изјавата не е лажна, но она што е напишано во неа не е точно. Егзона која засновала работен однос како апсолвент како приправник работела четири години. Истиот месец кога дипломирала била избрана за в.д. директор, а стручен испит за наставник полагала кога го почнала третиот и последен мандат како в.д. директор“, кажа судијата Јованов при образложување на пресудата.

Видете и ова: Црна листа на САД - недопрени од санкциите

Тој појасни, дека таа се товари за фалсификување на три исправи, едната е уверението за приправнички стаж во кое се тврди дека го има завршено приправничкиот испит, втората е потврдата за работно искуство со која се тврди дека има пет години работела како наставник за да може да исполни услови како директор и третата исправа е мислењето на Наставничкиот совет во кое се тврди дека ги совладала предвидените компетенции.

Незадоволство од пресудата изразија и јавниот обвинител Џемал Лога и одбраната на Мерко, Игор Петкоски, кои најавија жалба по приемот на пресудата.

Видете и ова: Ново обвинение за Мерко за злоупотреби при осветлувањето на Црн Дрим

Инаку струшкиот градоначалник Рамис Мерко доби ослободителна пресуда за набавката на луксузниот автомобил „Ауди“ во вредност од 67000 евра и парична казна од 10000 евра за незаконско поставување директори во неколку основни училишта.

Против него во Судот во Струга се води постапка за незаконско поставување спомен обележје – плоча на влезот на Општинската зграда, а идниот месец треба да почне судскиот процес за склучен договор за осветлување на дел од речното корито на Црн Дрим.

Тој е на „црната листа“ на Соединетите Држави поради вмешаност во корупција.