По пожарот во Кочани сѐ повеќе луѓе бараат психијатриска и психолошка помош

Светски ден на менталното здравје/10.10.2025 - Одбележување во Скопје

И по половина година од трагедијата со пожарот во Кочани, сѐ повеќе луѓе бараат психијатриско-психолошка помош. Некои од оние кои се обраќаат до професионалците од оваа област биле повредени во пожарот кој во март се случи во кочанската дискотека „Пулс“, но некои биле индиректно засегнати. Ова денеска го посочи директорката на Клиниката за психијатрија, Славица Арсова која рече дека било очекувано луѓето да не бараат помош веднаш по трагичниот настан.

Пожарот, според професорката, создаде криза која предизвика чувство на нестабилност, несигурност и страв кај сите.

„Тие се обраќаат директно кај нас, но се препорачува и регионално да биде третманот. Сепак, имаме и млади пациенти кои студираат или живеат тука и полесно им е да бараат помош во Скопје“, рече д-р Арсова на одбележувањето на Светскиот ден на менталното здравје (10 октомври).

Интервенции во криза

Годинешното одбележување во фокусот ги става токму „интервенциите во криза“ како што е несреќата во „Пулс“, која беше кобна за 62 лица.

Д-р Арсова вели дека при вакви кризи или несреќи, ниедно општество не може да се справи во истиот момент.

„Она што е видливо се повредите од скршеници, изгореници, но тие кои за жал, не ги гледаме на самиот почеток, а оставаат долгорочни последици се психичките потешкотии односно нарушувањата на менталното здравје. Бевме веднаш присутни, а и сѐ уште сме, не само за повредените и блиските туку и за сите останати граѓани бидејќи тоа предизвика последици по менталното здравје кај секој граѓанин“, изјави директорката на Клиниката за психијатрија.

Видете и ова: Агресија меѓу младите - Растени во „дивина“ или во цивилизација?

Според неа, младите генерално се сѐ посвесни за менталното здравје и се грижат многу повеќе отколку во минатото.

„Најчести предизвици кај младата популација се анксиозните, но најмногу треба да внимаваме на депресивните кои водат кон ризик од самоповредувачко и самоубиствено однесување кое за жал, не е исклучено кај младата популација“, истакна д-р Арсова.

На ова укажа и нејзиниот колега, проф. д-р Антони Новотни кој рече дека „во ова време на отуѓено живеење насекаде веројатно треба да се вратиме на суштината, а тоа е заедништвото и можноста да си помогнеме еден на друг.

„Семејството, локалната заедница и ние, професионалците треба да бидеме достапни бидејќи сослушувањето на луѓето кои се во криза е фактор кој може да придонесе за надминување на кризата“, порача д-р Новотни.

Видете и ова: Отворени пред чет ботовите, отуѓени од луѓето - каде е границата?

По повод Светскиот ден на менталното здравје, пораки за заедништво и поддршка, денеска испратија и граѓаните од плоштадот „Македонија“.

„Заедницата лекува. Никогаш не си сам, запомни“, „насмевни се на денот и тој ќе ти се насмевне“, „сподели, не чувај во себе“ – запишаа граѓаните на таблата што ја поставија професионалците од Клиниката за психијатрија.

Од оваа година, за првпат е воведен и скрининг за депресија кај младите во Северна Македонија, во кој всушност се вклучени и матичните лекари.

Одбележување на Светскиот ден на менталното здравје

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски потсети на оваа новина за која рече дека има превентивна цел.

„Менталното здравје во Македонија е сѐ уште стигма, затоа нашите психијатриски болници се далеку од нашите очи. Спремни сме тоа да го менуваме. ФЗО за првпат вклучи состојба од ментално здравје во превентивните прегледи и цели кај матичните, кои ќе имаат задача да поминуваат еден дел од осигурениците и да детектираат евентуално такви состојби“, додаде Клековски.

Деменцијата сѐ почеста

И додека младите сѐ повеќе ги препознаваат симптомите на анксиозност, возрасните не можат да ги препознаат симптомите на деменција која пак, како што вели стручната фела, ја има сѐ повеќе.

„Првите знаци ретко се препознаваат, се мешаат со други работи или се нормализираат од семејството, дека возрасен човек може да е плачлив, раздразлив или збунет, но понекогаш може да е почетна фаза“, вели д-р Арсова.

Ова не било случај во семејството на скопјанката Сузана. Нејзините родители имаат деменција, но како што вели, нивната состојба е подобрена благодарение на соодветните медицински терапии.

Видете и ова: Тонеме во депресија - превентивни прегледи кај матичните лекари

А „алармот“ кај Сузана и нејзината сестра, се вклучил откако нивната мајка се изгубила во простор кој ѝ бил целосно познат.

„На мојата мајка ѝ беше дијагностицирана деменција пред десет години. Кај неа имаше заборавеност, често сопнување во одењето, паѓање, немирен сон, дури и зборување за време на сонот. Веднаш презедовме мерки со сестра ми. Имаше прегледи и кај психијатар и кај невролог, па сега постојано е под терапија. Мислам дека не треба да припишуваме сѐ на годините, туку сериозно да пристапиме на проблемот“, раскажува 53-годишната Сузана за РСЕ.

Неколку години подоцна, деменцијата била дијагностицирана и кај нејзиниот татко откако доживеал повеќе мали мозочни удари. Но како што вели таа, слушајќи ги советите од неговиот психијатар, состојбата е подобрена.

Домашната статистика говори дека во земјава во 2020 година живееле 20.000 лица со деменција, а сега се повеќе од 24.000.